• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Важноста на превенцијата на меланомот и другите видови на кожни карциноми Печати

Честотата на меланомот и на другите видови на кожни карциноми константно расте последниве три децении во сите земји во светот.

Се проценува дека во оваа година (2010) од малиген меланом ќе заболат 54 000 луѓе во Европа, а во светот 130 000 луѓе. Секоја година на нашава планета од меланом умираат околу 37 илјади луѓе, а бројот на нови случаи на заболени од година во година расте за 3 до 7%.

Од друга страна,пак, расте и стапката на инциденцата (честотата) на немеланомските тумори, кои се најчести видови на карциноми кај луѓето.

Во однос на меланомите, честотата на јавување на немеланомските кожни карциноми е 20 пати поголема. Од овие карциноми, секоја година на нашата планета се заболуваат 13 милиони нови случаи. Но, среќа е што овие немеланомски кожни карциноми можат успешно да се лечат, а излекувањето е дури 99%, но само ако рано и навреме се дијагностицирааат.

Што влијае на оваа изразена зачестеност на кожните карциноми?

Главната причина за порастот на кожните карциноми во последниве децении се крие во изменетото однесување на сонцето.Озонскиот слој е намален, а луѓето се повеќе се на отворено, претерано се изложуваат на штетното влијание на УВ зрачењето. Многу луѓе го сметаат потемнетиот тен како симбол на атрактивност и добро здравје. За жал, потемнетиот тен е често знак за веќе оштетување на кожата предизвикано од УВ зраците, и всушност претставува обид на кожата да ги намали понатамошните оштетувања.

А умереното изложување на сонце?

Изложувањето на сонце е корисно за човековото здравје, доколку не се претерува. Сонцето ни е потребно за телесна и психичка активност, помага за произведување на витаминот Д, кој е неопходен за развој на коските, за работата на срцето и за правилната функција на имунолошкиот ситем.

Но ако претераме со сончање и на сонце се изложиме подолго од 15 минути, тогаш имаме негативни и болни ефекти во вид на изгореници, брцки и ризик за рак на кожа. Во секој случај, претераното изложување на сонце може да доведе до тоа да УВ зраци трајно го оштетат имунолошкиот систем на кожата и генетскиот материјал на нејзните клетки.

Всушност, нашата кожа го памти и бележи секој момент кој сме го поминале на сонце.

Во кој смисол?

Кожата од детството памти и прави запис за секој момент поминат на сонце, а подоцна во животот, доколку не сме внимавале и сме биле долго време изложени на сонце, сме имале изгореници од сонце, може да имаме тешки последици од нашите грешки.

Кожата навистина со време се прилагодува со цел да го одбрани организмот од повторните УВ напади при излегување на сонце, а организмот создава сопствени заштитни механизми кои „ја поправаат нанесената штета“. Но, со тек на време, заштитните механизми слабеат, имуниот систем неможе повеќе да се бори со штетното влијание на УВ зраци од сонцето, а како последица на тоа е прерано старење на кожата и развој на кожен карцином.

Кој има поголем ризик за развој на меланом?

Ризикот за настанување на меланом е најголем кај лицата со светла кожа со многу пеги, која лесно гори на сонце, како и кај лицата кои имаат многу бемки по телото (преку 50 бемки).

Ризикот се зголемува доколку постоеле изгоретини од сонце, особено во детството и адолесценцијата, и ако постои генетска предиспозиција за меланом, одосно ако еден или повеќе членови од блиското семејство имале меланом.

Меланомот може да се јави во било која возраст, иако во детството се јавува многу поретко. Подеднакво заболуваат и мажите и жените. Затоа е многу важно во примарната превенција да се избегнуваат факторите на ризик, но важно е и раното препознавање на канцерогените промени. Раното лекување на ракот спасува животи, бидејќи во повеќето случаи може брзо да се излечи и без компликации.

Солариуми

Светската здравствена организација ги прогласила солариумите како најголем ризик за појава на рак на кожата. Солариумите денес се вбројуваат во докажани хумани канцерогени. Зрачењата кои ги емитираат овие вештачки извори се наоѓаат на заедничката листа со радиактивниот плутониум и со радијацијата од сонцето.

Зрачењата од солариумите се посебно опасни за младите луѓе, кои почнуваат да ги користат солариумите пред својата 30-та година од животот. Докажано е дека кај тие луѓе ризикот за појава на меланом се зголемува дури за 75%.

Солариумите ја потемнуват кожата со емитирање на ултравиолетово А зрачење, кое, иако не прави изгореници, значително го зголемува ризикот за рак на кожа. Солариумите го забрзуваат прераното старење на кожата, ја намалуваат еластичноста и влажноста на кожата, доведуваат до појава на брцки. Повеќето луѓе не се свесни за фактот дека потемнетата кожа добиена во солариумите не не штити и понатаму од изгореници од сонце, бидејќи за нивното настанување се одговорни Ултравиолетовите Б зраци. Тоа значи да солариумот нема ефект „на припремање на кожата за сончање“, предупредуваат научниците.

Заштита на најмладите

Дерматолозите препорачуваат задолжително да се штити кожата на децата од директното сончево зрачење.. Тоа значи дека децата треба да си играат во ладовина, под сенка, а никако на песок покрај вода или во плитка вода. Детската кожа треба да се заштити со водоотпорни креми со заштитен фактор од 30 и поголем.

Освен тоа, особено треба да се посвети внимание на заштитната облека на децата. Треба да се покриени сите делови на детската кожа, со памучни или ленени маици, да се носат капи со широк обод, како и заштитни очила со 100% заштита од УВ зраци.

Родителите се во заблуда кога мислат дека мокрите бели маици кои им ги облекуваат на децата ги одбиваат сончевите зраци. Се случува сосема спротивно. Одредени бели ткаенини, по влажењето, пропуштаат многу поголема количина на УВ зраци до кожата.