• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Рен – вкусен и здрав зачин и лек

Ренот е повеќегодишна билка од фамилијата на зелки (Brassicaceae). Води потекло од Медитеранот и од Западна Азија. Расте на влажни места и го има скоро во сите земји во светот. Се одгледува во многу земји поради својот корен, кој служи како зачин. Ренот има многу големи и назабени листови и долги дршки со бели ситни цветови и долг и дебел корен.

Коренот на ренот се вади во доцна есен и може да се употребува во текот на целата година доколку се стави во влажен песок во подрум или во ладна просторија. Се користи свежиот корен од рен, кој има лут мирис и вкус.

Нутиритивен состав на ренот

Коренот од рен содржи етерични масла, гликоза, морозин, синигрин, глутамин, калиум, сахароза, аспаргин, пентосан и органски киселини. Богат е со витамин Ц. Во свежиот корен, витаминот Ц го има повеќе од 100 мг. Младите листови на ренот содржат дури 3000 – 4000 мг витамин Ц и 14 мг каротин (провитамин А).

Како најчесто се користи ренот?

Коренот на ренот најчесто се употребува како зачин во јадењата од месо. Ситно изренданиот рен е пикантен и вкусен додаток на вареното месо или на другите јадења приготвени од месо или риба. Ренот се додава во салати, во свежата храна и во сосовите.

При приготвување на тиквички, цвекло, краставица, целер и зелена салата, се препорачува да се додаде изрендан рен. Ренот се додава во јогуртот или во мајонезот и се прават разни преливи и сосови.

Лековитоста на ренот

Ренот е познат во народната медицина по своето благотворно дејство при многу здравствени проблеми. Неговите состојки го спречуваат размножувањето на бактериите и имаат смирувачко дејство на дишните патишта и белите дробови.

Ренот ги намалува симптомите при воспаление на грлото, воспаление на дишните патишта и белите дробови.

Ако се зема рен со мед подолго време, се подобрува работата на сите жлезди со внатрешно лачење и се подобрува метаболизмот односно размената на материите во организмот.

Ренот помага во намалувањето на болките при реума и гихт, ја подобрува работата на бубрезите и мочните патишта, а корисно делува и на органите за варење. Ренот ја подобрува работата на цревата и го „чисти“ организмот од отрови.

Салати со рен
  • Зелена салата се прелива со смеса од јогурт и кисела павлака и се додава изрендан рен.
  • На изрендан корен од целер се додава изрендан рен, магданос и кисела павлака.
  • На крупно изрендано свежо цвекло се додава изрендан рен и смелен ким.
  • Изрендан рен се додава на салата од компир, краставица и слично.
Каша од рен

Кашата од рен (10-20 mg) е позната во народната медицина, а се применува како облози при мускулни, ревматски болки, убод од инсекти и слично.

Но, треба да бидеме многу претпазливи при ставање на облозите, кои не треба да ги држиме повеќе од 5-10 минути и мора постојано да се контролираат.

За осетлива кожа, потребно е да се разреди кашата со вода или млеко, за да не дојде до изгоретини на кожата.

 

Прочитајте и: