• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Алтернативи методи кај канцерот
Фитотерапија: Лековитоста на Млечниот Трн (Silybum marianum) Печати

Млечниот трн (Silybum marianum) претставува вид на бодликава билка со розево-пурпурни цветови која потекнува од Медитеранскиот регион, но е распространета низ долините и планинските падини ширум светот. При кршење на листовите или стеблото на ова растение истекува млечна бела течност заради која млечниот трн го добил своето име.

Тој во традиционалната кинеска медицина се употребувал за третман на болести на црниот дроб уште пред 2000 години, а за неговата лековитост знаеле и старите Грци.

Екстрактот содржи околу 65-80% силимарин (комплекс на флавонолигнани и флавоноиди) и 20-35% масни киселини и има хепатопротективни, антивоспалителни, антиканцерогени и имуностимулативни дејства.

Млечниот трн е одобрен уште во 1986 год. од здравствените институции во Европа како медицинска билка за третман на црнодробни заболувања и успешно се користи за третман на заболувања на црниот дроб, како цироза, хепатитис, некроза и црнодробно оштетување предизвикано од алкохол, лекови (постстероидна терапија), отровни печурки (Amanita phalloides) и др. токсични материи.

Ги заштитува црнодробните клетки преку спречување на навлегувањето на штетните токсини и отстранување на истите од клетките. Исто така ги поправа оштетените клетки и ја зголемува синтезата на протеини во клетката, што доведува до клеточна регенерација и репарација. Има и антиоксидантно, антиинфламаторно и имуномодулаторно дејство.

Најчесто се препорачува заедно во комбинација со Екстрактот од Семките од Грозје, кој е силен антиоксиданс, и заедно даваат одлични реззултати.

Млечниот трн исто така покажува одлични резултати во намалувањето на холестеролот, намалувањето на резистентноста кон инсулин кај заболените од тип 2 дијабет, намалување на растот на канцерските клетки кај рак на дојка, грло на матка и простата, ги намалува симптомите на апстиненцијалниот синдром, состојби на конгестија на бубрезите, слезенката, карличните органи. Истовремено е и умерен лаксатив, ги омекнува и навлажнува мукозните мембрани, бубрезите и мочниот меур, иритирани од воспаление. Истото се однесува и за кожата, заради што помага при состојби на акни, егзем, воспаление и сл.

Силимаринот има антивоспалително дејство и ги регулира инфламаторните медијатори како TNF, TNF-алфа, азотоксид, интерлеукин-6 и е антагонист на интерлеукин-1 рецептор, ја зголемува лифоцитната пролиферација, интерферон гама, интерлеукин-4 и интерлеукин-10 цитокини.

Автор: Др. Дарко Стојановски

 

Најчитани текстови