• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки Печати
Индекс на артикл
Дијагностички постапки
Инвазивни дијагностички процедури
Сите страници

Поставување на дијагноза кај белодробниот карцином

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, испитување на функцијата на белите дробови, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

При анамнезата, особено се обрнува внимание на присутната кашлица, на хемоптизиите и навиката на пушење.

Секоја упорна кашлица, која долго време трае, не се смирува со примена на антибиотска и симптоматска терапија, е сомнителна за белодробен карцином.

Исто така, хемоптизиите се важен и карактеристичен знак на белодробниот карцином.

Затоа, по земање на добра и детална анамнеза, искусниот лекар може да се посомнева за постоење на белодробен карцином и да назначи и други, дополнителни испитувања, со цел да се постави точна и рана дијагноза.

Лабораториски испитувања

Во рутински испитувања спаѓаат: крвна слика и седиментација. Покрај рутинските испитувања, потребно е да се испитаат и хепаталните ензими, алкалната и киселата фосфатаза, уреата, креатиннот и електролитите.

Радиографски испитувања

Рендгенграфија на бели дробови

Нативната снимка на белите дробови е значајна и едноставна метода со која се одредува локализацијата и карактеристиките на туморската маса и евентуалната проширеност во регионалните лимфни јазли (хиларни и медијастинални). Исто така, може да се приметат и други промени, како подигната дијафрагма при парализа на нервот френикус, деструкција на ребра или прешлени, воспалителни процеси и друго.

Рендгенграфијата на белите дробови е почетна и основна метода во дијагнозата на белодробниот карцином.

Компјутеризирана томографија на белите дробови

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Компјутеризираната томографија на белите дробови е софистицирана метода, која е 73% сензитивна и дури 80% специфична при одредувањето на стадиумот на белодробниот карцином. Таа е посупериорна метода во споредба со конвенционалните рендгенграфски испитувања, затоа што во повисок процент може да покаже проширеност или метастази во регионалните лимфни јазли (хиларни и медијастинални).

Лимфните јазли до 1 cm се сметаат за негативни (без метастази).

Лимфните јазли со големина од 1 до 2 cm се сметаат за суспектни,а лимфните јазли поголеми од 2 cm се сметаат за метастатски.

При тумор по потекло од белодробниот врв (apex), КТ скенот може точно да ja процени проширеноста на туморот во соседните структури.

Со преглед на горниот дел од абдоменот се евалуираат лимфните јазли во таа регија како и црниот дроб.

Меѓутоа КТ скенот не може да ги разграничи воспалителните процеси од малигномите, како и микроскопските метастази во нормалните лимфни јазли (со големина до 1 cm).

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процеду¬ри, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на опе¬рабилноста на туморот.

КТ се користи и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

Ехотомографскиот преглед на абдомен

Ехотомографскиот преглед (ултразвук) користи звуци со висока фрекфенција, кои преку сонда се насочуваат кон телото на пациентот. Преку истата сонда се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од влезниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор.

Ехотомографскиот преглед на абдоменот ни дава преглед на сите органи и структури во абдоменот, а посебно е корисна дијагностичка метода за откривање на метастази во црниот дроб и лимфните јазли.

Оваа метода се користи кај белодробниот карцином за откривање на евентуално присутни метастази во абдоменот, со што помага во одредувањето на стадиумот на болеста.

Компјутерска томoграфија на абдомен

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ на абдоменот дава приказ на сите ткива и органи во абдоменот, и е многу попрецизна дијагностичка метода од ехотомографијата на абдоменот. Со оваа метода може да се откријат присутни метастази во црниот дроб, во лимфните јазли во абдоменот, како и во другите органи во абдоменот, кај ракот на белите дробови.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Белодробниот карцином најчесто дава коскени метастази (околу 25%), кои настануваат со расејување на карциномските клетки по крвен пат. Може да биде зафатена која било коска од телото, но најчесто промените се во ‘рбетот и на карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 90 минути од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастатските промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени во коските, кои не се гледаат на обична рендгенска снимка.