• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Кои се симптомите на детскиот рак - невробластом? Печати

Почетните симптоми на болеста често се неспецифични, како губиток на апетит, општа слабост, малаксаност, замор и болки во коските. Поради почетните некарактеристични симптоми, неуробластомот потешко се дијагностицира во почетните стадиуми на болеста.

Другите симптоми многу зависат од тоа каде неуробластомот започнува. Симптомите и знаците кај неуробластомот зависат, пред се, од локализацијата на примарниот тумор, како и од неговата проширеност.

Неуробластомот најчесто се јавува како туморска маса во абдоменот (надбубрежната жлезда е примарно место во 38% од случаите) или како асимптоматска туморска маса во задниот медијастинум (во градниот кош).

Ако туморот е во абдоменот, може да дојде до зголемен обем на стомакот, болки во стомакот, запек, отежнато мочање. Понекогаш се јавува и зголемен крвен притисок.

Ако туморот се наоѓа во градниот кош, детето може да се жали на отежнато дишење, недостиг на воздух, напади на гушење, како и тешкотии при голтањето.

Ако туморот се јави во вратот, често е присутна видлива тврдина на вратот, а понекогаш може да се јави и отежнато дишење и голтање.

Доколку постојат малигни депозити во кожата, може да се видат мали, сини или црни чворчиња по кожата.

Ако туморот врши притисок на `рбетниот столб, децата може да имаат чуство на слабост, трнење во нозете и несигурен од. Доколку детето сеуште не е проодено, може да се забележат намалени движења на нозете. Исто така, тие може да имаат и запек или отежнато мочање.

Туморите локализирани во паравертебралните (долж рбетниот столб) симпатички нервни ганглии, поради нивното ширење во интервертебралните отвори, даваат невролошки симптоми како: парезии и парализи (поради компресија на рбетниот мозок и на корените на нервите).

Доколку е зафатена коскената срцевина може да се јави анемија (поради намален број на црвени крвни клетки во крвта), крварење во кожата или внатрешните органи (поради намален број на крвни плочки во крвта), инфекции (поради намален број на бели крвни зрнца во крвта).

Неуробластомот често продуцира супстанции наречени катехоламини. Катехоламините се стварат од надбубрежните жлезди и се супстанции кои испраќаат пораки помеѓу нервните клетки.Организмот ги разградува катехоламините во негови метаболити, кои се излачуваат преку мочката. Кај неуробластомот, надбубрежните жлезди произведуваат катехоламини во големи количини.

Повеќето деца со неуробластом имаат многу повисоки вредности на катехоламини од нормалните. Лекарот го испитува присиството на катехоламините во крвта и мочката. Високите вредности на катехоламините можат да предизвикаат: проливи, зголемено потење, црвенило на кожата, забрзана работа на срцето и висок крвен притисок, губиток на телесна тежина.

Неуробластомот има голема склоност да метастазира по крвен и лимфен пат и да се прошири во далечните ткива и органи во телото. Така, дури 62% од пациентите за време на првичната дијагноза на болеста, имаат метастази и тоа најчесто во скелетот, црниот дроб, коскената срцевина, белите дробови и кожата.

Кај пациентите со метастатска болест, симптомите варираат и зависат од тоа кој орган или ткиво е зафатено со метастази.

Неспецифични, поретки симптоми се: треска, пролив, висок крвен притисок, а понекогаш и видлива лимфоаденопатија (зголемени лимфни јазли во вратот, градниот кош, абдоменот и малата карлица).