• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци на белодробниот карцином Печати

Симптомите и знаците кај болните со белодробен карцином се должат на присуството на примарниот тумор и на неговиот локален раст и ширење во околното здраво ткиво. Исто така, можат да бидат присутни и симптоми и знаци поради ширењето на туморот во регионалните лимфни јазли, како и поради присутни метастази во оддалечените ткива и органи. Можни се и симптоми и знаци од секундарните ефекти на туморот (паранеопластични синдроми).

Ретко болеста се открива во нејзиниот асимптоматски период, кога нема никакви симптоми на болеста и кога таа случајно се открива на рендгенграфија на белите дробови (во 6% од случаите).

Локални симптоми

Околу 27% од пациентите со белодробен карцином имаат симптоми од страна на присутниот тумор и неговиот локален раст. Симптомите се различни, во зависнот од локализацијата на туморот: централна или периферна.

При централна локализација, туморот може да предизвика упорна, сува кашлица, која долго трае и не се смирува со антибиотска терапија. Може да се јават и хемоптизиии (искашлување на крв), како пореметувања во дишењето: отежнато дишење, чувство на немање доволно воздух, напади на гушење. Може да биде присутна и болка во градите , како и симптоми на пнеумонија (воспаление на белите дробови). Често е присутна општа слабост, малаксалост, како и чести повторувани пневмонии и бронхитиси.

При периферна локализација на туморот, често се јавува кашлица, а со зафаќање на плеврата, се јавува болка во градите и плеврален извлив, кој може да доведе до отежнато дишење. Болки во адите, а поради притисок на срцето и пореметена срцева акција.

При локализација на туморот на белодробниот врв, тој може да ги зафати структурите на градниот sид, како и вратните и градните нерви. Овој вид на тумор е наречен Pancoast`s или супериор сулкус тумор. Тој клинички се карактеризира со болки во рамото кои се шират по должината на раката и со појава на т.н. Horner-ов синдром, кои го карактеризира постоење на клинички тријас: птоза (спуштен очен капак, миоза (стеснување на зениците) и ендофталмус (вдлабнатост на очното јаболко во очната дупка).

Регионални симптоми

Симптомите кои произлегуваат од директното ширење на туморот во околните здрави структури или во регионалните лимфни јазли се разновидни.

Така, доколку туморот со своето локално ширење го зафати хранопроводникот или го притиска од надвор, може да се јави отежнато голтање.

Доколку дојде до компресија или инфилтрација на големата вена кава (vena cava superior) се јавува т.н. синдром на вена кава.

Горната вена кава е главна вена во градниот кош која ја носи крвта од горните делови на телото до срцето.

Синдромот на вена кава е делумна оклузија на вена кава. Делумната оклузија доведува до намален проток на крвта низ оваа вена. Симптомите на синдромот на вена кава супериор се: промена на гласот, кашлица, конфузна состојба, зголемени и проширени вени во горните делови на делото, посебно во рацете, вратот и лицето, оток на рацете, вратот и лицето и отежнато голтање.

Според тоа, синдромот на вена кава претставува збир на симптоми и знаци, кои настануваат поради опструкција на венската и лимфната дренажа во горниот дел на градниот кош, главата и вратот и горните екстремитети.

Клиничката слика на овој синдром прв ја опишал William Hunter во 1757 година, кога во повеќето случаи, овој синдром се јавувал како последица на туберкулозни и сифилични воспаленија на белите дробови, а само 37% бил предизвикан од малигна болест.

Современите испитувања покажале дека приближно 95% од случаите на синдромот на вена кава се последица на малиген процес во градниот кош, и тоа 85-90% од бронхогениот карцином.

Секундарната опструкција на горната вена кава (vena cava superior) кај белодробниот карцином е резултат од директната инвазија од страна на туморот ( во 68%) или од надворешна или внатрешна компресија, или пак се присутни и двата механизми. Тежината на клиничката слика зависи од брзината на настанувањето на опструкцијата, како и од нејзината локализација.

Често симптоми при белодробниот карцином е и дисфонијата (засипнат глас), која се јавува заради инфилтрација или компресија на нервот рекуренс.

Поради парализа на нервот френикус, поради негова инфилтрација или компресија од надвор, доведува до подигање ан дијафрагмата и до појава на опежнато дишење (диспнеа).

Доколку е зафатена срцевата обвивка, може да се јават знаци на срцева тампонада.

Системски симптоми

Доколку белодробниот карцином се расее преку крвта или лимфата во оддалечените ткива и органи, тогаш клиничката слика на болеста ќе зависи од тоа кој орган или ткиво е зафатен со метастази. Доколку малигните клетки навлезат во крвотокот, тие може да се расеат и да дадат метастази во било кој оддалечен орган или ткиво. Не постои дел од организмот во кој не може да се развијат метастази од белодробниот карцином.

Сепак, кај карциномот на белите дробови, најчесто се јавуваат коскени метастази ( во околу 25% од случаите), метастази во црниот дроб (во околу 20% од случаите), во оддалечените лимфни јазли (во 20% од случаите) и во мозокот (кај 5 do 10 % од случаите).

Според тоа, при коскени метастази ќе бидат присутни интензивни болки во коските, со можни патолошки скршеници.

При постоење на метастази во црниот дроб, ќе се јави зголемен, болен црн дроб (хепатомегалија), со пореметување на бројните метаболни функции во организмот, со појава на жолтица, општа слабост, малаксалост, па дури и појава на коматозна состојба.

При постоење на метастази во мозокот, често се јавуваат неуролошки симптоми како: интензивни главоболки, повраќање, дупло гледање, пореметена равнотежа.

Паранеопластични синдроми

Белодробниот карцином е поврзан со бројни паранеопластични синдроми, коишто може да бидат и единствена манифестација на болеста.

Паранеопластичните синдроми се клинички синдроми кои се јавуваат како последица на постоење на одредени биолошки активни супстанции, синетизирани од страна на малигните клетки. Паранеопластичните синдроми може да бидат единствена манифестација на малигната болест, и свртувајќи го вниманието кон основната болест, за која се карактеристични, овозможуваат нејзино порано дијагностицирање, а со тоа и подобрување на ефикасноста на терапијата.