• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Блокирањето на PKCi со лекот за артритис – aurotiomalat би можело да го победи ракот на панкреас PDF Печати
Недела, 14 Март 2010 00:00

Иако не е често малигно заболување, ракот на панкреасот е еден од најсмртоносните форми на рак. Повеќе од 95% од пациентите со рак на панкреас умираат во рок од две години по поставувањето на дијагнозата. Сега научниците идентификувале онкоген кој се покажал како ветувачки во лекувањето на ракот на панкреасот.

Лековите кои целно го напаѓаат онкогенот PKCi веќе се одобрени во САД за лекување на ревматоидниот артритис, а во моментов се тестираат за ракот на белите дробови и на дебелото црево, изјавила водителката на истражувањето Dr. Nicole Murray, професорка по фармакологија од „Clinic Mayo“.

Како фактори на ризик за ракот на панкреасот се спомнуваат следниве: возраста (над 60 години), полот (почест кај мажите), пушење, пиење на кафе, прекумерна консумација на алкохол, исхрана богата со масти, а недоволно консумирање на овошје и зеленчук, прекумерна телесна тежина, физичка неактивност, одредени заболувања на панкреасот како панкреатитот (воспаление на пакреасот), цирозата и некои фамилијарни состојби како: наследен панкреатит, мултипла ендокрина неоплазија тип 1 синдром, наследен неполипозен карцином на дебелото црево и некои други наследни ретки синдроми.

Хемотераписките лекови, кои моментално се достапни за лекување на ракот на панкреасот, не се покажале доволно ефикасни.

Истражувачите ја анализирале улогата на онкогенот PKCi кај ракот на панкреасот, кој онкоген, исто така, е поврзан и со ракот на белите дробови и ракот на дебелото црево (онкоген - битен за раст на ракот). Генот наречен KRAS, кој мутирал во 90% од случаите на рак на панкреасот, го контролира овој онкоген – PKCi.

Истражувачите кај повеќето примероци од рак на панкреас утврдиле висока концентрација на PKCi онкогенот, која предвидува лоша стапка на преживување. Во просек, болните со покачен PKCi живееле 492 дена, во однос на 681 дена колку што во просек живееле пациентите со ниско ниво на онкогенот PKCi.

Болните со висока концентрација на PKCi онкогенот кои проживееле 5 години биле 10%, во споредба со 5 годишно преживување од 29.5% кај испитаниците со ниска концентрација на PKCi.

Кога ги „исфрлиле“ PKCi гените од клетките на ракот на панкреасот, научниците утврдиле дека клетките веќе не растеле со исто темпо и не го инфилтрирале околното ткиво на ист начин.

„Кога ваквите клетки ги ставивме во глувците, се покажа дека туморите не растеа, а воопшто и не метастазираа“, тврди Dr. Nicole Murray.

Истражувањето на Dr. Murray покажало дека лекот за артритис – aurotiomalat, кој влијае на PKCi, онкогенот, би можел да биде ефикасен и во третирањето на ракот на панкреасот, било да се дава сам или во комбинација со хемотерапијата. Овој лек би можел да го спречи растот на клетките на ракот и да ја направи поуспешна и хемотерапијата.

Ова истражување е објавено во научниот часопис „Cancer Research“.