• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Како се лекува ракот на дебелото црево? Печати

Третманот на КРК зависи од стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба и од други фактори.

Тераписки опции за ракот на дебелото црево се:

  • хируршки третман,
  • радиотерапија (зрачна терапија),
  • хемотерапија,
  • таргет (целна) терапија.

Хируршкиот третман е главна и најчеста тераписка опција за ракот на дебелото црево. Хирургијата има важна улога во третманот на ракот на дебелото црево.

Целта на оперативното лекување е отстранување на целиот примарен тумор со дел од здравото црево. При тоа се отстрануваат и лимфните јазли кои го дренираат тој дел од дебелото црево, а кои што ги следат крвните садови кои го снабдуваат со крв тој дел од цревото. Доколку се зафатени и соседните ткива и органи со малигниот процес, и тие оперативно се отстрануваат.

Кога ракот е локално напреднат или метастазиран се спроведува комбинирана терапија (радиотерапија, хемотерапија и таргет - целна терапија).

Радиотерапијата е локална терапија, која ги уништува малигните клетки само во регијата која се озрачува. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори), кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија. Зраците кога минуваат низ телото на пациентот од надвор се нарекува надворешна радиотерапија.

Надворешната радиотерапија се применува само во лекувањето на ракот на ректумот и не се применува кај ракот на колонот. Може да се применува како постоперативна (адјувантна) радиотерапија и како предоперативна (неоадјувантна) радиотерапија.

Најчесто се комбинира со другите третмански модалитети (операција, хемотерапија, целна терапија).

Хемотерапијата се применува со лекови наречени цитостатици. Тие дејствуваат така што ја блокираат делбата на раковите клетки инхибирајќи го на тој начин растот и инвазијата на ракот. Хемотерапијата се применува кај локално напреднат и метастатски рак на дебело црево. Најчесто се дава во комбинација со другите третмани.

За хемотерапевтски третман на КРК се користат повеќе цитостатици. Основен цитостатик е 5-флуороурацилот (5-FU), кој се дава во комбинација со другите цитостатици. Хемотерапевтски режими од прва линија се: FOLFOX (leucovorin, 5-fluorouracil и oxaliplatin) или FOLFIRI (leucovorin, 5-fluorouracil и irinotecan) со или без лекот bevacizumab.

За разлика од овие хемотераписки протоколи лекот capecitabine се прима во вид на таблети. Тој е ефикасен лек за напреднат и метастатски рак на дебело црево, кој може да се применува сам или во комбинација со други лекови.

Целната терапија е нова ефикасна терапија за напреднат и метастатски рак на дебело црево. Се спроведува со целни лекови кои селективно ги напаѓаат само малигните клетки, a не ги оштетуваат здравите клетки на организмот. Целните лекови најчесто се даваат во комбинација со класичните цитостатици, а поретко самостојно како монотерапија.

Целните лекови делуваат на поинаков начин од цитостатиците. Тие ја спречуваат ангиогенезата, процес на создавање на нови крвни садови во туморот, кои го хранат и на тој начин му овозможуваат да продолжи да расте и да метастазира во другите ткива и органи. Со спречувањето на овој процес, односно со спречување на крвни садови на туморот, се намалува и неговата снабденост со кислород и со хранливи состојки, кој му се неопходни за раст и ширење. На тој начин туморот ги нема потребните супстанции за растење и развивање, па постепено престанува да расте и полека почнува да се намалува. Исто така, таргет лековите селективно ги напаѓаат само малигните клетки.

Целни лекови кои се користат за лекување на напреднат колоректален карцином се: bevacizumab, cetuximab и panitumumab.