• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг на ракот на белите дробови Печати

Како превенција за настанувањето на белодробниот карцином се наведува избегнување на факторите на ризик за ова малигно заболување. Секако дека не можеме да влијаеме на сите познати фактори на ризик за белодробниот карцином. Така на пример, не можеме да влијаеме на возраста, полот, на генетската предизпозиција, но на некои фактори на ризик можеме да влијаеме и да ги избегнуваме.

Фактори на ризик на кои може да влијаеме и може да ги избегнеме

Пушење – ПРЕСТАНЕТЕ СО ПУШЕЊЕ

Во прв ред може да влијаеме на еден многу важен и главен фактор на ризик за настанување на белодробниот карцином, а тоа е пушењето.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на белодробен карцином. Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на белодробниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај непушачите. Намалување на ризикот од појава на белодробен карцином се јавува и кај долгогодишни пушачи кои престанале да пушат.

Најдобар начин да се избегне добивањето на рак на белите дробови е да се престане со пушење. Некои долгогодишни пушачи сметаат дека престанувањето со пушење нема да има големо влијание на намалувањето на ризикот. Но, клиничките студии сепак покажале дека и долгогодишните пушачи, ако престанат да пушат имаат намален ризик да заболат од белодробен карцином, во споредба со оние кои продолжиле да пушат. Пушачите кои престанале да пушат повеќе од 15 години, имаат 80 до 90% намален ризик за развој на белодробен карцином, споредено со лицата кои продолжиле со пушење.

Канцерогени од животната средина и професионални канцерогени супстанции

Утврдено е дека бројот на заболени од белодробен карцином е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во белите дроови.

Азбестоза

Изложувањето на азбест е сигнификантен фактор на ризик за одреден тип на белодробен карцином т.н. мезотелиом, кој започнува во плеврата (белодробната обвивка). Работниците кои се изложени на делувањето на азбестот и кои се пушачи го зголемуваат својот ризик за добивање на белодробен карцином дури за 50 до 100 пати.

Опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (нафтени деривати и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и други.

Радон

После цигарите радонот се смета за втор по важност предизвикувач на рак. Како природно присатен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил разгледуван кај рударите кои ископувале ураниумова руда со голем степен на изложеност на радонот.

Радонот може да се акумулира во домовите како и во други згради, но во многу пониска концентрација.

Избегнувањето на професионалната изложеност на азбест, радон, нафтени деривати, јагленова прашина, како и на други професионални канцерогени, значително го намалува ризикот за развој на белодробен карцином.

Исхрана

Научниците ги испитуваат различните видови на храна со цел да утврдат како тие можат да го променат ризикот за добивање на белодробен карцином. Сепак, изхраната може да има мало влијание во настанувањето на белодробниот карцином, во споредба со она кое го има пушењето.

Внесување на храна богата со масти од животинско потекло може да го зголеми ризикот за белодробен карцином.

Некои состојки во храната можат да помогнат во превенција на белодробниот карцином. Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук го намалува ризикот за развој на карцином, а со тоа и за развој на белодробниот карцином.

Како протектори се сметаат антиоксиданците, како што се: витамин Ц, Е, селен и бета каротинот. Консумирање на храна богата со овие витамини и минерали може да го намали ризикот за настанување на белодробен карцином.

Земање на бета каротин супременти (таблети) не се препорачува, бидејќи тоа може напротив да го зголеми ризикот кај некои пушачи.

Скрининг тестови за белодробниот карцином

Бројни клинички студии ја испитуваат улогата на скринингот за белодробниот карцином. Во овие студии, пушачите (кои се со висок ризик) биле поделени во две групи. Кај едната група на пушачи се спроведувале скрининг тестови, додека кај другата група тие не се спроведувале. Двете групи биле следени повеќе години.

Податоците добиени од овие студии, до денес не покажаа дека скринингот за белодробниот карцином помага во намалувањето на смртноста кај човекот. Поради ова, експертите сеуште не го препорачуваат скринингот.

Сепак, податоците од овие студии се предмет на бројни дебати. Дел од експертите сепак го посочуваат фактот дека резултатите покажале како скринигот помага при процесот на рано дијагностицирање и пет-годишниот период на преживување. Сепак, критичарите пак напоменуваат како податоците се тешки за толкување. Дебатата на оваа тема и понатаму продолжува и сé повеќе студии почнуваат да се спроведуваат како би можеле подобро да ја разбереме улогата на скрининг студиите за белодробниот карцином.

Поради недостаток на податоци за ефикасноста на скринингот за белодробниот карцином, повеќето од испитувањата разгледани подолу не се автоматски и препорака, но само се понудени на пушачите како дел од тековни клинички студии. Единствен исклучок претставува годишното рентген снимање на градите.

Рентденграфија на градниот кош - Повеќе медицински установи стандардно препорачуваат годишно рендгенграфско снимање на градниот кош за пациентите кои пушат. Некој експери, при анализирањето на резултатите добиени од клиничките студии, дошле до заклучок дека ваков редовен годишен преглед е корисен за пациентите со белодробен карцином.

Спроведени се две големи студии со цел да се дознае дали почестите рендгенографски прегледи помагаат при скрининг процесот кај белодробниот карцином. До сега, овие студии не покажале директен бенефит од ова, во смисла на намалување на смртноста кај белодробниот карцином,. кај пациентите кои имале почести рендгенографски прегледи, повеќе белодробни карциноми биле откриени во почетните фази, тие биле почесто отстранувани по хируршки пат и пациентите имале подолг период на преживување (од моментот на дијагностицирањето), отколку пациентите кои имале понередовни рендгенографски прегледи.

Сепак, крајниот процент на смртноста кај белодробниот карцином не бил значително намален.

Компјутерската томографија (КТ скен) - Студиите направени кај компјутерската томографија (КТ скен) на белите дробови покажале дека тој помага при рано откривање на белодробниот карцином, но сеуште не е јасно дали ова ќе влијае на бројот на пациенти кои умираат од овој малигном.

Преглед на спутум - Некој студии ја разгледувале ефикасноста од анализата на спутумот, со цел да се открие присуство на малигни клитки, а со тоа и раната детекција на ракот. До сега, не постои јасна корист од оваа скрининг процедура. Дополнителни студии кои користат нови технологии за испитување на спутумот се во тек.

ПЕТ скен (Positron Emission Tomography Scan) – Научниците трагаат по многу други начини и дијагностички процедури кои би помогнале во откривањето на белодробниот карцином. ПЕТ скенот е процедура при која се инјектира мала количина на радиоактивна гликоза во вените. Скенерот ротира околу телото на пациентот и прави серија од слики. Оваа скрининг процедура се комбинира со KT скенот.

Другите студии, како директната визуелизагина на дишните патишта со бронхоскопија и анализи за туморски маркери се два теста кои може да се користат во идните студии.

Клинички студии – Бидејќи податоците за скринингот на белодробниот карцином не се убедливи во тек се голем број на клинички студии, кои ги испитуваат различните скрининг модалитети и нивната ефикасност. Пушачите и бившите пушачи може да бидат повикани да учествуваат во овие клинички студии.

Иако е логично да се мисли дека раната детекција на белодробниот карцином е добра идеа, важно е да се разбере дека рутинскиот скрининг за белодробниот карцином не може да биде препорачан сé додека научниците јасно не покажат дека тој рутински скрининг дава бенефит. Препораките за скринингот на белодробниот карцином сеуште се во фаза на развој и ќе помине уште долго време додека податоците од овие студии бидат објавени.

Заклучок
  • Пациентите кои пушат се подложни на поголем ризик од добивање на белодробен карцином. најдобар начин да се избегне ова е да не се пуши. Дури и долгогодишните пушачи може да имаат корист од откажувањето.
  • Истражувачите се обидуваат да пронајдат начин како да им помогнат на пушачите и непушачите кои заболеле од белодробен карцином да живеат подолго. Раното дијагностицирање и скрининг се главниот фокус на овие напори.
  • Сеуште не е јасно дали скринингот може да помогне во намалување на бројот на луѓето кои умираат од оваа болест. Во тек се клинички студии кои ќе помогнат да се дојде до одговорот на ова и некои други прашања.