• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Холестерол - неопходен составен дел на организмот Печати

Холестеролот е неопходен составен дел на организмот и е неопходен за нормално функционирање на секоја клетка. Тој е структурен елеменет на сите клеточни и интраклеточни мембрани, а има и посебна улога во некои процеси, како што се: синтезата на холните киселини во хепатоцитите (клетките на црниот дроб), синтезата на стероидните хормони во кората на надбубрежните и половите жлезди, транспортот на липосолубилните (во масти растворливи) витамини (витамините А, Д, Е и К).

Потеклото на холестеролот во организмот може да биде ендогено и егзогено. Повеќето клетки имаат можност самите да синтетизираат холестерол, а друг извор на холестерол е храната која го содржи. Утврдено е дека околу 2/3 од холестеролот настанува со синтезата во организмот (кај возрасните лица тоа изнесува околу 800-900 мг. на ден), а само 1/3 од холестеролот се внесува со храната.

Со оглед на способноста на организмот да го создава во големи количини, со храна доволно е да се внесе околу 150-300 мг. холестерол на ден.

Најголем дел од холестеролот настанува во црниот дроб, а до негова синтеза може да дојде и во слузницата на цревата и во надбубрежните жлезди. Од овде, преку крвотокот, холестеролот се транспортира до клетките на организмот.

Бидејќи холестеролот, како и другите масти, е нарастворлив во вода, тој се транспортира во крвта така што се врзува за протеините, градејќи липопротеини. Постојат повеќе врсти на липопротеини. Тие се поделени според густината на:

  • VLDL (Very Low Density Lipoprotein), липопротеини со многу мала густина,
  • LDL (Low Density Lipoprotein), липопротеини со мала густина,
  • HDL (High Density Lipoprotein), липопротеини со голема густина.

Елиминирањето на холестеролот од организмот главно се врши преку жолчката, а мал дел и преку мочката.

Концентрацијата на холестеролот во крвта е тесно поврзана со метаболизмот на мастите во организмот, а зависи и од низа други фактори, пред се, од начинот на исхраната, од наследните фактори, од работата на хормоните т.е. жлездите со внатарешно лачење, од функцијата и интегритетот на виталните органи, како што се црниот дроб и бубрезите.

Вредности на холестеролот

Нормални вредности на холестеролот во крвта се: 3,10 - 5,5 mmol/l

Штетното делување на холестеролот се исполува дури кога е присутен во крвта во значително поголеми конценетрации од нормалите. Зголемениот внес на холестеролот со храната влијае на неговата концентрација во крвта.

Холестерлот е покачен во крвта при исхрана богата со масти, при почетна фаза на хепатит, при оструктивен иктерус (жолтица), липоидна нефроза, дијабет, хипотиреоза, низа наследни заболувања (хиперхолестеролемија IIa).

И некои лекови можат да го покачат нивото на холестеролот во крвта, како на пример антибиотиците, и контрацептивните таблети.

Намалени вредности на холестерол во крвта се забележуваат обично кај хиперфиункција на штитната жлезда, кај некои заболувања кај кои постои тешко оштетување на црниот дроб (цироза или тешка форма на хроничен хепатит). Намалени вредности на холестерол се забележуваат и при неухранетост, слабокрвност и при земање на некои лекови како што се: аспирин, естроген и хормони на штитната жлезда.