• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Анемија предизвикана од недостаток на железо во организмот (сидеропенична анемија) Печати

Недостатокот на железо е многу честа појава, особено кај жените во репродуктивниот период. Според некои показатели, 1/3 здрави жени во својот репродуктивен период имат намалени резерви на железо, додека 10% имаат анемија предизвикана од недостаток на железо.

Постојат 3 степени на сидеропенија во организмот: латентна сидеропенија, манифестна сидеропенија и сидеропенична анемија.

Бидејќи молекулата на железото е составен дел на хемоглобинот, намалената количина на железо во организмот доведува до намалено создавање на хемоглобин, а со тоа и до пореметено создавање на црвени крвни зрнца (еритроцити).

Постојат три степени на намалена количина на железо во организмот (сидеропенија):

  • Првата фаза е латентна (скриена) сидеропенија, во која резервите на железото во организнот се намалени (лабораториски тоа се одразува со намалена количина на феритин), но сеуште нема намалување на серумското железо, а со самото тоа, не дошло до развој на анемија.
  • Втората фаза е фаза на манифестна сидеропенија, во која се намалени резервите на железото, но е намалено и серумското железо. Во оваа фаза сеуште не е манифестна анемијата.
  • Во третата фаза доаѓа до намалување на вкупниот хемоглобин, односно се јавува сидеропенична анемија.

Причини

До намалување на количната на вкупното железо во организмот може да дојде поради следниве причини:

  • хронично крварење,
  • недоволен внес на железо со исхраната, особено кај доенчињата, децата, трудниците и доилките,
  • пореметена апсорпција на железо од дигестивниот тракт,
  • зголемено разградување на еритроцитите (хемолиза), кое може да се јави како последица на други заболувања.

Кај жените во репродуктивниот период, зголеменото крварење во текот на менструалниот циклус, е најчеста причина за развој на сидеропенија. Додека пак, кај мажите и жените во постменопауза причина за сидеропенија е најчесто крварење од дигестивниот тракт.

Железото од храната се апсорбира во почетниот дел на тенкото црево, дуоденумот. Разни заболувања, кои ја зафаќаат слузницата на овој дел од цревата, ја намалуваат апсорпција на железото и можат да доведат до развој на сидеропенична анемија.

Исто така, оперативните зафати со кои се одстранува или заобиколува дуоденумот, предизвикуваат намалена апсорпција на железо, како што е на пример субтоталната гастректомија (оперативно отстранување на дел од желудникот и дуоденумот).

Кај овие болни сидеропенијата може да се лекува со орални препарати на железо, бидејќи пациентите добро ги апсорбираат.

Намаленото внесување на железо со исхраната, како причина за сидеропенија, е често само кај доенчињата, децата, трудниците и доилките. Нивните потреби за железо се поголеми.

Клиничка слика

Клиничката слика на анемијата ги вклучува следниве симптоми: општа слабост и малаксаност, замор, губиток на концентрација, бледа кожа и слузници, вртоглавица, зуење во ушите, брзо заморување и при помал физички напор. Често се јавуваат и главоболки и невротично однесување.

Ако е анемијата потешка, се вклучуваат компензаторните механизми на кардиоваскуларниот систем, па затоа може да се јави забрзана работа на срцето (тахикардија), која особено е изразена при физички напор. Доколку тахикардијата потрае подолго време, таа може да доведе и до слабост на срцето. Пациентите кои имаат срцеви проблеми, како на пример болест на срцевите крвни садови, можат да почувствуваат болка во градите, која дотогаш ја немале, или пак, болките може да се интензивираат.

Специфични знаци кои се поврзуваат со сидеропеничната анемија се: промени на ноктите (губиток на природниот конвекситет на ноктите – колионихија), синдром на немирни нозе (restless legs syndrome).

Дијагноза

Доколку постои сомнеж за постоење на сидеропенична анемија, потребно е да се направат лабораториски испитувања на крвта. Крвната слика кај сидеропеничната анемија покажува намален број на црвени крвни зрнца, намалена количина на хемоглобин, намален средниот волумен на еритроцитите (MCV), додека вкупниот број на ретикулоцитите (незрели, млади еритроцити) може да биде нормален или намален.

Со цел да се постави сигурна дијагноза на сидеропеничната анемија, потребно е да се одреди серумското железо, како и тоа дали постојат резерви на железо во организмот. За сидеропеничната анемија е карактеристичен наодот на ниско серумско железо, зголемена вредност на трансферинот (TIBC) и на трансферинските рецептори.

Најдобар индикатор за резервите на железо во организмот е концентрацијата на феритинит. Доколку е таа помала од 10 ug/l, со сигурност може да се тврди дека станува збор за сидеропенична анемија, додека пак, вредностите на феритин помеѓу 10 и 20 ug/L се сомнителни.

Во случај кога постои придружна хронична болест, нивото на феритинот може да биде покачено, што може да ја отежне интерпретацијата на наодите. Доколку лекарот се посомнева дека хроничното крварење е причина за сидеропеничната анемија, должен е да направи се за да ја открие причината на крварењето. Бидејќи крварењето од дигестивниот тракт е често причина за сидеропенична анемија, потребно е да се направи ендоскопски птреглед на желудникот и дебелото црево.

Лекување

Терапијата на сидеропеничната анемија обично трае 2 до 4 месеци, а бидејќи е потребно и да се пополнат резервите на железо во организмот, терапијата треба да се продолжи во траење од најмалку 6 месеци, по нормализирањето на крвната слика. Вообичаена дневна доза на железо е 150 до 200 мг. Се препорачува таблетите железо да се земаат еден час пред јадење, истовремено со витамин Ц, бидејќи овој витамин ја зголемува ресорпцијата на железото во организмот.

Релативно често се јавуваат несакани ефекти од страна на дигестивниот тракт. Во такви случаи може да се намали дневната доза на железо, или да се примени некој дриг препарат на железо. Доколку оралната преимена на железо не дала сакани резултати, треба да се преиспита поставената дијагноза. Може да се случи да примарната причина за сидеропеничната анемија, како што е на пример крварењето, да не е ставена под контрола.