• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
УВ зрачењето поопасно на снег отколку на плажа Печати

Ултравиолетовите зраци се 2,5 пати поопасни на снег, отколку на плажа, докажало едно јапонско истражување. Снегот силно ги рефлектира сончевите зраци, па затоа треба да се внимава при скијање.

Рефлектирачките површини можат да рефлектираат дури и до 85% од штетните сончеви зраци.

Научниците утврдиле дека луѓето многу полесно го оштетуваат видот додека скијаат на снежните падини, отколку кога се излежуваат на плажа во лето. Офталмолозите ширум светот ги предупредуваат луѓето дека треба да ги заштитат своите очи од штетното дејство на сончевите зраци. Заштитата се состои во носење на наочари за сонце и шешири со големи ободи.

Неодамнешните студии покажаа дека долготрајното изложување на сончевите зраци, без носење на заштитни наочари, потенцијално може да доведе до состојби кои подоцна може да доведат до ослабување или губиток на видот. Чести компликации на очите од предолгото изложување на сонце се: катаракта и макуларна дегенерација.

Вашите очи може да добијат сончеви изгореници познати како фотокератитис, кои може да предизвикаат болка, црвенило и солзење на очите. Одбиената сончева светлина од снегот, на пример, може да биде најопасен тип на УВ светлина, бидејќи таа е многу поинтензивна.

Наочарите за сонце и шеширите со широк обод се најдобар одбрамбен систем за вашите очи против сончевите штетни УВ зраци. За да може ефикасно да ги заштитите вашите очи, потребно е постојано да ги носите, па дури и при облачно време.

Луѓето од секоја возраст имаат ризик за оштетување од УВ зраци, вклучувајќи ги и децата. Јаките УВ зраци можат да им наштетат на очите, па дури и да предизвикаат привремено слепило. Константното изложување на УВ зраци може трајно да го оштети видот.

За да осигурате сигурна заштита, носете заштитни наочари за сонце и шешири со широк обод. Кога избирате наочари, бидете сигурни дека тие блокираат 99 до 100% од УВ-А и УВ-В зраците. При изборот на наочарите, не дозволете да ве излаже бојата или цената на наочарите.

Способноста за блокирање на УВ зраците не зависи од темните стакла или од цената. Неквалитетните и ефтини наочари, не само што не ве заштитуваат од УВ зраците, туку може дури и уште повеќе да им наштетат на вашите очи. Затоа е многу важно да се носат наочари со УВ заштита. Наочарите за сонце се делат во 5 категории, од 0-4. Категоријата 4 е погодна за скијање, додека категориите 3 или 2 се доволни за летните денови.

За да се информираат луѓето за дневната јачина на УВ зраците, Светската здравствена организација разви систем т.н. УВ Индекс, кој настанал како заедничката иницијатива на Светската метеоролошка организација, УНЕП и СЗО. Ваквиот индекс има за цел да го помогне идентификувањето на јачината на УВ зраците преку скала, која е нумерирана од 1-10. Степенот на нумерирањето на скалата го дефинира вкупниот степен на ризик за луѓето изложени на ултра виолетовите зраци.