• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што е панкреас и хроничен панкреатит? Печати

Автор: Д-р. Мартин Лазаров

Одредени заболувања на панкреасот, како што се хроничниот панкреатит и шеќерната болест може да се предиспонирачки фактори за развој на карциномот на панкреасот.

Панкреасот е жлезда со внатрешно и надворешно лачење.Таа е долга околу 15 cm и има форма на положена буква Ј, чиј поширок крај се нарекува глава, средниот дел се нарекува тело, а најтесниот дел од жлездата се нарекува опаш.

Панкреасот е сместен зад желудникот и лежи пред `рбетниот столб. Личи на положена тенка круша.

Овој орган во човековото тело има две важни фукции:

  • произведува и лачи дигестивни сокови, кои помагаaт во варењето на храната,
  • произведува и лачи хормони (инсулин и глукагон), кои го регулираат нивото на шеќерот во крвта. Овие хормони помагаат организмот да ја складира и користи добиената енергија од храната.

Соковите кои помагаат во варењето на храната се создаваат во егзокрините панкреасни клетки (клетки со надворешно лачење), додека пак хормоните како што се: инсулинот и глукагонот се создаваат во ендокрините панкреасни клетки (клетки со внатрешно лачење).

Што е хроничен панкреатит?

Хроничниот панкреатит е континуиран хроничен воспалителен процес на панкреасот, кој доведува до уништување на егзокриното (со надворешно лачење на панкреатични ензими) и ендокриното ткиво ( ткиво кое го лачи инсулинот во крвта). Ваквата состојба доведува до прогресивно уништување на жлездата, кое по правило е перманентно и неповратно и обично резултира со болка и пореметена функција на излачувањето (дијабетес и недостаток на дигестивни ензими).

Причина за настанување

Еден од најчестите причинители за хроничниот панкреатит кај возрасните е алкохолизмот, а кај децата цистичната фиброза. Во неразвиените делови на светот, тешката протеинска малнутриција, е доминантна причина за развој на хроничен панкреатит. Во САД повеќе од 25% од пациентите со хроничен панкреатит немаат позната етиологија (причина) на болеста. Тие имаат т.н. идиопатски (со непознато потекло) хроничен панкреатит. Хроничниот панкреатит е почест кај мажите отколку кај жените.

Поделба

  • Хроничен панкреатитис
  • Хроничен релапсирачки панкреатитис (клинички епизоди на панкреатитис на морфолошки абнормален панкреас).

Симптоми

Хроничниот панкреатит може да се одликува со симптоми кој постојат и во акутниот панкреатит. Се јавува абдоминална болка. Настанувањето на болката не е доволно разјаснето. Болката е постојана, се шири длабоко во стомакот и се засилува при консумирање на алкохолни пијалоци или „тешка“ храна (богата со масти). Најинтензивна е во горниот абдомен, може да трае со часови или денови, за да подоцна премине во постојана. Може да се шири и према грбот. Кај хроничниот панкреатит често се јавува: губиток на телесна тежина, променета столица и некои други симптоми на малапсорпција (малдигестија). Малдигестијата е знак за напредната форма на панкреатитис и се јавува кога капацитетот за лачење на липазата и колипазата е помал од 10% од нормалниот. Воглавно се јавува нарушена апсорпција на масти и се манифестира со масни столици, но клинички знаци за недостаток на липосолубилни (во масти растворливи) витамини многу ретко се јавуваат. Физичките знаци кај овие пациенти не се импресивни, односно постои диспаритет помеѓу јачината на болката и другите субјективни тегоби и малубројноста на физичките наоди. Нивото на серумската амилаза и липаза најчесто не е покачено. Клиничка потврда на хроничниот панкреатит е постоење на 3 знаци: калцификации во панкреасот, стеатореа (масна столица) и дијабет (шеќерна болест). Овие 3 знаци ја потврдуваат дијагнозата на хроничниот панкреатит и егзогената инсуфициенција на панкреасот.

Целосно сигурен знак на хроничниот панкреатит е оштетување на 90% од функционалното ткиво на панкреасот.

Дијагноза

Серумската амилаза и липаза се најчесто нормални и немаат дијагностичко значење. Дијагнозата на хроничниот панкреатит се поставува со постоење на клинички симптоми на хроничен панкреатитис и дијагностичките постапки како компјутерската томографија (КТ), абдоминалниот ултразвук, ЕРЦП, МРИ, панкреатична биопсија и панкреатични функционални тестови (за проценка на степенот на оштетувањето) . Рендгенографски знак на хроничниот панкреатит е присуството на расфрлани калцификати низ панкреасот.

Лекување

Во лекувањето на панкреатитисот, кој претставува мошне сериозно заболување, најважно е болниот да нема големи физички активности, да мирува и правилно да се храни.

Терапијата на хроничниот панкреатит е усмерена на намалувањето на болката и знаците на малапсорпцијата. Пациентите со чести напади на болка се третираат како оние со акутен панкреатит.

Пациентите со сериозни и постојани болки мораат потполно да го исфрлат алкохолот и оброците богати со масти. Третманот на малапсорпцијата (малдигестијата) се спроведува со супституција на панкреасните ензими. Проливот (дијареа) и масната столица (стеатореа) обично се намалуваат со давање на панкреасни ензими.

На просечен пациент потребни му се 2-8 таблети на потентни ензимски препарати, со секој оброк и пред спиење.

Блокаторите на H2 рецепторите се препорачуваат како ефикасна дополнителна терапија, како и натриум бикарбонатот, кој се дава со оброкот. Антацидите кои содржат калицум-карбонат или магнезиум хидрооксид не се ефикасни и можат да ја засилат стеатореата.

Лекарите најчесто советуваат хигиенско – диетески режим, внес на храна богата со протеини (>30%) а ниска концентрација на масти (30%) и јаглехидрати (40%), витамини и особено калциум и витамин Д. Престанок на консумирање алкохол и напитоци богати со кофеин, контрола на концентрацијата на гликозата во крвта со давање на инсулин.

Понекогаш е потребен и хируршки зафат. Кај напреднатите случаи на хроничен панкреатит се отстранува еден дел или целиот панкреас. Хроничниот панкреатит е сериозна и тешка болест, поради која може да дојде до инвалидитет. Исходот е обично подобар доколку се престане со конзумирање на алкохол.