• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци на рак на дојка Печати

Симптоми кај ракот на дојкатаРакот на дојката во својот почетен, ран стадиум е обично асимптоматски. Пациентката, обично при самопреглед, или случајно приметува безболна тврдина во пределот на дојката. Покасно симптомите и знаците на болеста зависат од локалниот раст на туморот, од неговото ширење во локалните структури и ткива, како и од локализацијата на дистантните метастази.

Затоа разликуваме:

  • локални симптоми,
  • регионални симптоми,
  • системски симптоми.

Локални симптоми – се манифестираат поради присуство на тумор во дојката и тоа:

  • палпабилна безболна тврдина (јазол),
  • болно осетлива тврдина,
  • вовлекување на кожата над туморот,
  • вовлекувањена брадавката,
  • црвенило на кожата,
  • раничка (ерозија) на брадавката,
  • секреција од брадавката (која може да биде: серозна, гнојна, млечна и крвава),
  • фиксираност на дојката за подлогата, за градниот (пекторален) мускул,
  • деформација на дојката.

Регионални симптоми – се должат на ширење на карциномот во регионалните лимфни јазли. Најчесто со метастази се зафатени лимфните јазли во пазувата и при тоа може да се јави:

  • безболен тумефакт во пазувата,
  • болно осетлив тумефакт во пазувата,
  • болна осетливост, отрпнатост или оток на раката поради тумор во пазувата.

Системски симптоми – се манифестираат поради присуство на далечни метастази во телото, и зависат од нивната локализација.

Во системски симптоми се вбројуваат: општа сабост и малаксалост, гадење, повраќање, невролошки испади, болки во коските, отежнато дишење, гушење, појава на жолтица, отоци и друго.