• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Превенција и скрининг Печати
Индекс на артикл
Превенција и скрининг
Скрининг
Самопреглед на дојките
Начин на изведување самопреглед
Сите страници

Превенција

Бидејќи не се познати причините за појава на ракот на дојка, не е можно да се спроведе и адекватна превенција. Примарната превенција има за цел да ја спречи појавата на болеста преку откривање на факторите кои директно се етиолошки, или индиректно го зголемуваат ризикот за појава на ракот. Како фактори на ризик ги спомнавме: полот, возраста, менструалната историја, репродуктивната историја, лична и фамилијарна историја за ракот на дојката, диететски навики и друго.

На многу од овие фактори на ризик, не можеме да влијаеме, како што се: возраста, полот, генетската предиспозиција, но може да влијаеме на начинот на живеењето и на исхраната.

Здравата исхрана, која подразбира внес на големи количини на овошје и зеленчук во исхраната, а помалку внесување на масна храна, посебно од животинско потекло, го намалува ризикот од малигни заболувања.

Прекумерна тежина е поврзана со зголемен ризик за канцер и кај мажите и кај жените. Според ова, фокусирање на намалување на телесната тежина претставува значајна превентива во борба и против ракот на дојката.

Редовна физичка активност ја подобрува општата здравствена состојба, го зајакнува инуниот систем.

Секундарната превенција е откривање (дијагноза) на ракот на дојката во раната фаза на неговиот развој, односно во претклиничкатѕа и рана клиничка фаза.


Скрининг

Со скрининг прегледи се прегледуваат здрави жени, кај кои не постојат никакви знаци на болест. Овие прегледи се прават со цел да се постави рана дијагноза на ракот на дојката, со што се постигнува и успешно лекување.

За таа цел се прават скрининзи по пат на клинички преглед, мамографија, ехотомографски преглед на дојките. Овие скрининг процедури се едноставни, лесно прифатливи за пациентот и се многу корисни за рана дијагноза.

Посебно редовен скрининг треба да се спроведува кај жени кои имаат еден или повеќе фактори на ризик да заболат од рак на дојката. Редовни скрининг прегледи треба да се спроведуваат посебно кај ризичната група т.е. кај жените од 4-та до 6- та деценија од животот.

Препорака за рано откривање на ракот на дојката според American Collage of Radiology and The National Cancer Institut (Gerald, 1989):

  • Самопреглед на дојките еднаш месечно, најдобро по 10-15 дена од почетокот на менструалниот циклус, почнувајќи веќе од 20 годишна возраст.
  • Клинички преглед на дојките на секои три години кај жени од 20 до 40 годишна возраст. Кај жени над 40 годишна возраст, посебно кај оние со висок ризик за појава на рак на дојка, се препорачува клинички преглед еднаш годишно.
  • Скрининг мамографија, за жени од 40 до 49 годишна возраст, се препорачува да се прави на секои 1-2 години, а кај жени од 50 годишна возраст и постари, да се прави мамографија еднаш годишно.
  • Биопсија, во случај на откривање на тврдина во дојката при клинички преглед или при мамографски докажан тумор во дојката.

Самопреглед на дојките

За разлика од другите малигни заболувања, кои се скриени во телото, ракот на дојката може да се открие со самопреглед. Со самопреглед, во околу 90-98% од случаите жената сама ја открива промената, но за жал тоа е обично кога туморот е веќе поголем од 2 см во пречник и е веќе напреднат.

Наједноставен начин за рано откривање на било какви промени на дојките е прегледот кој секоја, претходно добро обучена жена сама ќе го изведе на своите дојки. Секоја жена најдобро го познава своето тело и најрано ќе забележи било каква промена на своите дојки.

Самопрегледот е најефтина, наједноставна, најбезбедна, а воедно и најефикасна скрининг метода.

Секоја жена, по 20 годишна возраст, би требало сама да ги прегледа дојките еднаш месечно.

При секој самопреглед на дојките мора да внимава на неколку важни моменти:

Време кога се изведува самопреглед.

Самопрегледот на дојките треба да го изведете во периодот од петтиот до десеттиот ден по почетокот на менструацијата. Причината е што во овој период постои хормонска стабилност на женските полови хормони и нивното влијание врз структурата на дојките тогаш е најмало.

Жените во менопауза треба сами да си одредат еден ден во месецот за самопреглед и да по можност, секогаш да ги прегледуваат своите дојки истиот ден.

Самопрегледот треба да го изведувате редовно секој месец и истиот трае околу 10 минути.

Какви промени се бараат при самопрегледот

При самопрегледот, жената треба да се обрне внимание на следниве промени:

  • промена во обликот или големината на дојката,
  • набораност на кожата,
  • тврдина во дојката,
  • исцедок од брадавката на дојката (гној, крв, млеко),
  • вовлекување на брадавката,
  • црвенило околу брадавката,
  • раничка на кожата на дојката,
  • отечена жлезда во пазувата.

Начин на изведување самопреглед на дојките.

Самопрегледот започнува така што најпрвин ќе застанете пред доволно големо огледало, како целосно ќе можете да ги посматрате обете дојки истовремено. Дојките ги посматрате во неколку позици:

  • најпрвин со рацете спуштени покрај телото,
  • потоа со дланките потпрени на колковите,
  • па со рацете кренати над глава,
  • и на крај со рамената зафрлени наназад.

Откако ќе завршите со посматрање на дојките, самопрегледот продолжува во легната положба.

  • Легнете на грб и ставете јастук под десното рамо. Десната рака ја подигате и ја ставате под главата.
  • Самопрегледот на дојките го изведувате со јагодиците на показалецот, средниот и домалиот прст на левата рака.. При секој притисок изведувајте кружни движења. При тоа користете од мал па се до поголем притисок со прстите, зависно од тоа дали прегледувате површни или длабоки структури на дојката. Ако постои некоја тврдина или оток во десната дојка, тој може да се напипа.
  • Притисокот со прстите треба да е така прилагоден да може да се почуствува и запознае структурата на дојката. Треба да се запомне какво е тоа чувство, бидејќи е важно да се препознае и осети секогаш исто. Така ќе може полесно да се приметат и некои неправилности во структурата на дојката.
  • Со врвовите на прстите треба да се прават движења и тоа, може да се изберат кружни движења, движења горе–доле или движења кон и од брадавката. Важно е да се користи секогаш ист начин, бидејќи така секогаш ќе ја прегледате целата дојка и ќе може да го запамтите каков е осетот под прстите.
  • Направете го истиот самопреглед и на левата дојка, прегледувајќи ја со десната рака.
  • Самопрегледот на двете дојки треба да се повтори со истата техника и во стоечка положба, со едната рака подигната и ставена позади главата. На овој начин полесно се прегледува горниот дел на дојката и делот према пазувата. Бидејќи некои промени се полесно откриваат кога е кожата мокра и насапунета, се препорачува самопрегледот да се изведува при туширање.

Доколку се примети или напипа било каква промена, потребно е веднаш да се отиде на лекар.

Причина за овие промени не мора секогаш да биде ракот. Може како причина на некои од овие наброени промени да бидат и други болести и состојби во дојката, како: цисти, фиброаденом, дисплазија. Но, сепак, секоја сомнителна промена треба да се дополнително испита, за да се постави дефинитивна дијагноза.