• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Трансуретралната ресекција (ТУР) – дијагностичка и тераписка метода Печати

Трансуретралната ресекција на мочниот меур се прави со 3 цели:

  • за да се постави дијагноза на туморот,
  • за да се постигне излекување (куративна ТУР),
  • за да се намалат компликациите од туморот (крварење, отежнато мочање).

Трансуретралната ресекција на туморот се прави при цистоскопија.

Дијагностичка ТУР

Дијагностичката ТУР се прави за да се испита дали промената во мочниот меур е малигна или бенигна. Таа се изведува за време на цистоскопијата.

При цистоскопија, лекарот го испитува мочниот меур и надворешниот мочен канал (уретра), користејќи цевчест инструмент со вградена ламбичка и оптички леќи.

Цистоскопијата се изведува така што овој цевчест инструмент т.н. цистоскоп се внесува преку надворешниот мочен канал дирекно во внатрешноста на мочниот меур.

Урологот за време на цистоскопскиот преглед, со помош на специјална игла зема парчиња од ткивото на промената.

Биопсијата се изведува со анестезија, меѓутоа сепак може да биде непријатна. Постои мал ризик од инфекција. Затоа се даваат антибиотици за превенција на инфекција.

По биопсијата може да се забележи крв во мочта, обично таа се избиструва по неколку дена од биопсијата. Ова е краткотрајниа промена и брзо исчезнува по смирување на местото од каде е земена биопсијата.

По земањето на примероците од промената на мочниот меур, тие се праќаат на микроскопско испитување кај специјалист-патолог. Дефинитивната дијагноза на ракот на мочниот меур се поставува со микроскопското прегледување на примерокот од ткивото на мочниот меур земено при биопсијата. Патологот може да одреди дали има присуство на карциномски клетки, да го утврди видот на карциномот како и неговата агресивност (колку брзо може да расте туморот).

ТУР на тумор на мочниот меур како куративна метода (целта е излекување)

Трансуретралната ресекција (ТУР) е тераписка метода за лекување на раните, неинфилтративни тумори на мочниот меур. Таа се изведува со примена на електрична енергија и е ефикасна, сигурна и радикална метода за лекување на површните тумори на мочниот меур, кои не ги зафатиле подлабоките слоеви на sидот на мочниот меур. ТУР на туморт се изведува при цистоскопијата. Оваа тераписка метода се изведува под анестезија.

ТУР како палијативна метода (целта не е излекување, туку подобрување на квалитетот на животот)

Трансуретралната ресекција се користи и како палијативна метода кај иноперабилните тумори. Се изведува со цел да се направи намалување на големите тумори, кои оневозможуваат нормалниот акт на мочање, како и за отстранување на некротичните маси и за прекин на крварењето.