• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Септември – месец за подигање на свеста за леукемијата, лимфомот и мултиплиот миелом Печати

Септември е месец за подигање на свеста за ракот на крвта. Во тек на овој месец ќе се одржат бројни активности во многу земји во светот, кои ќе имаат за цел да ја подигнат свеста кај човекот за важноста на превенцијата и раното откривање на ракот на крвта.

Најдобар начин да се бориме против ракот на крвта е да ги знаеме начините на превенција и раните симптоми и знаци на болеста. Раното откривање и навременото лекување се клучни фактори за исходот и прогнозата на болеста.

Леукемијата е рак на крвните клетки т.е таа е рак на белите крвни клетки. Леукемиите го попречуваат нормалното создавање на крвните клетки во коскената срцевина.

Секоја година, во САД се дијагностицираат околу 27 000 нови случаи на леукемија кај возрасните и околу 2000 нови случаи на леукемија кај децата.

Во Македонија драстично е зголемен бројот на заболените од акутна леукемија. Сличен тренд е забележан и во некои други балкански држави. Бројот на заболените од акутна леукемија во земјата е зголемен дури за 50 % во однос на претходните 10 години, кога биле пријавувани по 30 случаи годишно.

Лимфомите настануваат како последица на ненормално, неконтролирано размножување на лимфоретикуларните клетки. Овие клетки се среќаваат најмногу во лимфните јазли, но ги има и во разни органи: белите дробови, системот за варење, коските, тестисите и мозокот.

Лимфомите ги сочинуваат две големи групи: Хочкиновата болест или Хочкиновиот лимфом (ХЛ) и не-Хочкиновите лимфоми (НХЛ).

Честотата на не-Хочкиновите лимфоми е во пораст во сите западни земји, особено во нордиските земји. Причината за тоа не е позната. Честотата на Хочкиновата болест е во благо опаѓање во последните декади.

Мултиплиот миелом (познат уште и како плазмоцитом) е прогресивна малигна хематолошка болест (болест на крвта). Тоа е малигна болест на плазма клетките. Плазма клетките се важен дел од имунолошкиот систем.

Мултиплиот миелом е втор најчест тип на крвна малигна болест, по туморот на лимфните јазли т.н.на не-Хочкин лимфомот.

Мултипниот миелом учествува со околу 1% од сите малигни заболувања и со 2% од сите случаи на смрт од рак. Честотата на мултипниот миелом е околу 3 - 4 нови случаи на 100.000 лица годишно.

Постигнат е оголем напредок во лекувањето на ракот на крвта, но битката е далеку од победа. Пред 60 години постоеја само неколку ефективни третмани за децата и возрасните со рак на крвта. Тогаш, стапката на преживување од овие малигноми беше многу ниска. Денес, се излекуваат околу 75% од децата со акутна леукемија и скоро 80 % од децата и возрасните со Хочкинов лимфом.

Подобрените терапии и трансплантацијата на матични клетки доведоа до драматично поголеми стапки на преживување кај повеќето случаи на рак на крвта Дури и пациентите со болести отпорни на лечење, како на пример што е миеломот, имаат корист од новите лекови, кои ја зголемуваат стапката на излекување и траењето на ремисијата (повлекување на болеста).

Американското здружение за рак објавило дека повеќе од 894.000 луѓе во САД во моментов имаат некаква форма на рак на крвта. На секои десет минути некој умира од рак на крвта. Се проценува дека 52.910 лица ќе умрат оваа година од некоја форма на рак на крвта.

Месецот за подигање на свеста за ракот на крвта е одлична можност за подобро информирање на јавноста за ракот на крвта и за поттикнување на луѓето да помогнат во финансирањето на истражувањата за пронаоѓање на нови лекови и техники на лекување.