• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Скрининг на рак на хранопроводник: езофагоскопија на секои 3 години Печати

Малигните тумори на хранопроводникот се наоѓаат на трето место по честота на јавување од сите тумори на органите за варење. Болеста најчесто е јавува по 50-тата годишна возраст. Почесто се јавува кај луѓето од сиромашните слоеви на општеството.

Во споредба со сите малигни заболувања, ракот на хранопроводникот се одликува со најголеми варијации во географската дистрибуција.

Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), инциденцата на карциномот на хранопроводникот е највисока во Кина, Порторико, Сингапур, Северен Иран и Русија. Ова е уште еден показател дека ракот на хранопроводникоте е во директна релација со стилот на живеење и животните навики.

Според државниот регистар за рак, во Македонија, ставката на заболени од рак на хранопроводник, за сите возрасти е 8,9%.

Загрижувачки е фактот што ракот на хранопроводникот е во постојан пораст во изминативе триесет години, како во западните земји, така и на Балканот.

Лекарите препорачуваат како скрининг за рак на хранопроводник да се прави езофагоскопија на секои 3 години кај пациенти кои имаат еден или повеќе фактори на ризик за настанување на ова малигно заболување.

Скрининг кај рак на хранопроводникот

Скрининг тестовите се прават со цел да се открие малигната болест во нејзината рана фаза, додека е сеуште асимптоматска. Сепак, не е докажано во клиничките студии, дека примената на овие тестови ќе го намали и ризикот од смрт од рак на хранопроводникот.

Научниците ги испитуваат скрининг тестовите за да ги откријат оние кои се со најмали ризици за пациентот, а со најголем бенефит.

Не постои стандарден или рутински скрининг тест за езофагеалниот карцином. Тестови кои можат да го откријат езофагеалниот карцином, а кои сеуште се испитуваат дали се и ефикасни како скрининг методи, се:

  • езофагоскопија,
  • биопсија,
  • Brush (четкаста) цитологија,
  • балон цитологија,
  • хромоендоскопија,
  • флуоресцентна спектроскопија.

Сепак, овие процедури се прават само кај пациенти кои имаат одредени предиспонирачки состојби на хранопроводникот, како што се: гастроезофагеален рефлукс, Barret-ов хранопроводник, и други.

Езофагоскопија

Езофагоскопија е процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на хранопроводникот (езофагус) со помош на ендоскоп, кој е флексибилен, совитлив инструмент.

Поновите езофагоскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови со помош на фибер-оптички систем.

Езофагоскопијата е иницијална процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), потврда на ерозии, диверикулуми (вреќести проширувања на sидот на хранопроводникот), но и за карцином на хранопроводникот. Езофагоскопијата се изведува со ендоскоп, кој има форма на цевка, долг е околу 100 см, со дијаметар од 9 мм. Во внатрешноста на ендоскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботен канал (преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот), на врвот се наоѓа камера и светло со што е овозможена директна визуализација.

При езофагоскопијата може да се изведат следниве процедури:

Биопсија

Доколку лекарот при езофагоскопијата забележи некоја сомнителна промена на слузницата на хранопроводникот, тој со помош на едноскопот, кои има специјален дел за биопсија, зема дел од сомнителната промена. Материјалот земен со биопсија се праќа на хистопатолошко испитување кај лекар, специјалист-патолог

„Brush“ (четкаста) цитологија

Тоа е процедура при која се земаат клетки од слузницата на езофагусот и се гледаат под микроскоп. Ова се прави за време на езофагоскопијата, со посебен дел во вид на четка, кој ги зема клетките од слузницата на езофагусот.

Балон цитологија

Ова е процедура со која клетките се собираат од слузницата на хранопроводникот, користејќи издуван балон, кој пациентот го проголтува. Балонот потоа се надувува и се извлекува од хранопроводникот. Езофагеалните клетки на балонот потоа се гледаат под микроскоп.

Хромоендоскопија

Тоа е процедура при која за време на езофагоскопијата се внесува боја во слузницата на езофагусот. Доколку се видат места со поголема пребоеност (во вид на зони со поинтензивна пребоеност) во слузницата на хранопроводникот, тоа може да е знак за ран Barret-ов хранопроводник.

Флуоросцентна спектроскопија

Ова е процедура која користи специјално светло за преглед на ткивото во внатрешноста на езофагусот. Специјална светлосна сонда се внесува преку ендоскопот и го осветлува луменот на хранопроводникот. Малигното ткиво дава помалку светлина отколку нормалното ткиво.