• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Вирусна теорија за настанувањето на ракот Печати

Точната причина или причини за настанување на ракот сеуште не се познати. Постојат многу теории за причините за ракот. Тие се менувале според развојот на научните сознанија. Историски, постојат повеќе теории за причините на малигната трансформација на нормалните клетки (теорија на хронична иритација, паразитска теорија, теорија на ембрионални остатоци, теорија на онкогени вируси и други).

Според вирусната теорија, онкогениот вирус внесува дополнителна информација во клетките, која доведува до нивно малигнизирање. Вирусите ги менуваат наследните својства на клетката, а тоа доведува до развој на тумор. Туморската трансформација на клетката е предизвикана не од самиот вирус, туку од неговата нуклеинска киселина. Вирусот се јавува како носител на факторот кој предизвикува туморска трансформација. Новата генетска трансформација, која се пренесува од нуклеинската киселина на вирусот во клетката, се инкорпорира делумно или целосно во генот на клетките. Наследените измени, условени од овој процес, го нарушуваат взаемниот однос меѓу клетките и регулирачките клеточни системи за умножување во организмот, поради што клетките излегуваат од нивната потчинетост и започнуваат абнормално, неконтролирано да се умножуваат. Тоа неконтролирано умножување води до појава на тумори.

Вирусите кои се поврзани со развојот на малигните тумори се:

  • Хуманите папилома вируси - ХПВ (фактори на ризик за настанување на ракот на грлото на матката).
  • Cytomegalovirus (фактор на ризик за настанување на Kaposi саркомот).
  • Epstein-Barr вирусот (фактор на ризик за настанување на Burkitt лимфомот, имунобластните лимфоми, назофарингеалните карциноми).
  • Hepatitis B (фактор на ризик за настанување на хепатоцелуларниот карцином - рак на црн дроб).
  • Ретровирусите се поврзани со развојот на T-клеточните лимфоми. Овој тумор има тенденција да ја зафати кожата, да предивика хиперкалциемија (зголемено ниво на калциум во крвта) и често се манифестира со леукемична фаза.
  • Вирусот HIV (вирусот на сида) е одговорен за развој на сидата. Лицата кои се заболени од сида имаат многу поголем ризик да заболат од некои малигни заболувања (Kaposi сарком или лимфоми).