• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Др. Л. Ацева-Андонова: Како да го препознаеме ракот на пенисот? Печати

„Ракот на главата на пенисот е редок тумор и се јавува во околу 1% од сите малигни тумори кај мажите, а учествува со 2%- 5% од сите урогенитални тумори кај мажите. Сепак кај мажите во Јужна Америка, Азија и Африка е релативно чест (10%-20%). Обично се јавува кај мажи во понапредната возраст, по 65 та година“ изјави Др.Лилјана Ацева-Андонова, специјалист радиотерапевт и онколог, шеф на отсек на одделот за лекување на урогенитални малигни заболувања при Универзитетската Клиника за Радиотерапија и Онкологија во Скопјe. Таа вели дека ракот на пенисот е излечива болест, доколку се открие на време.


За да се открие на време ракот на пенисот, треба да се знаат почетните симптоми и знаци на болеста, вели Др.Ацева. Еве на кои симптоми и знаци, според Др.Ацева, треба секој маж да обрне внимание.

Најчест симптом на ракот на пенисот е појава на безболна раничка на главата на пенисот која не зараснува, крвари и која постепено се шири како по површината, така и во длабичина. Раничката е во почетокот безболна. Често пациентите ги занемаруваат овие промени и самите се обидуваат да ги излечат со разни креми и лосиони. На тој начин се одложува и правата дијагноза на болеста.

Ракот обично го зафаќа глансот и препуциумот, а многу ретко се јавува на телото на пенисот. Најчесто се јавува како безболна лезија која постепено се шири и ги зафаќа подлабоките слоеви, а може да ги зафати и лимфните јазли и крвните садови. Лезиите можат да имаат различен изглед и да бидат во вид на папули, пустули (меурчиња), големи израстоци или длабоки улцерации. Карциномите поголеми од 5 см често метастазираат во регионалните лимфни јазли, најчесто во пределот на препоните.

Со тек на време, ракот на пенисот може да даде и одалечени метастази, кои се јавуваат како последица на расејувањето на малигните клетки преку крвта. Така чести места каде што метастазира карциномот на пенисот се: белите дробиви, црниот дроб, коските и мозокот.

Според тоа симптомите и знаците на болеста ќе зависат од нејзината проширеност. Доколку се јават метастази, тогаш се присутни и симптоми и знаци од зафатените органи.

Кај површните, почетни тумори на пенисот без зафатеност на регионалните лимфни јазли можно е комплетно излекување во 90% од случаите. Со зголемување на туморот, како и со зафаќање на регионалните лимфни јазли, процентот на комплетно излекување се намалува.

Совет од Др.Ацева: Доколку откирете раничка на главата на пенисот, која долго време трае, не зараснува и која постепено се шири, веднаш јавете се на лекар.