• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Епидемиологија на ракот на дебелото црево (колоректален карцином) Печати

Дебелото црево се состои од два дела: колон и ректум. Колонот се надоврзува на тенкото црево. Според патот и местоположбата, колонот се дели на четири дела: нагорен колон (colon ascendens), напречен (colon transversum), надолен (colon descesens) и сигмоиден колон (colon sigmoideum). Ректумот се надоврзува на колонот и завршува со анусното црево (анус).

Дефиниција на рак на колон: Ракот кој се развива во слузницата на колонот (почетниот и подолгиот дел од дебелото црево) се нарекува рак на колон. Најчеста хистопатолошка форма на ракот на дебелото црево е аденокарциномот. Тој настанува како последица на малигна трансформација на жлездените клетки во слузницата на колонот.

Дефиниција на рак на ректум: Ракот кој се развива во слузницата на ректумот (последните неколку сантиметри од дебелото црево, блиску до анусот) се нарекува рак на ректум.

Ракот кој се јавува било на кој дел од дебелото црево, било на ректумот или на колонот, често се означува како колректален карцином.

Новодијагностицирани случаи и смртни случаи од рак на колон и ректум во САД во 2008 година:

  • Новодијагностицирани случаи 108 070 ( рак на колон), 40 740 (рак на ректум).
  • Вкупно смртни случаи од рак на колон и ректум: 49 960.

Епидемиологија

Колоректалниот карцином (КРК) е едно од најчестите малигни заболувања. Тој учествува со 12 % од сите малигни заболувања во САД и Западна Европа. неговата инциденца ознесува од 15 до 30 нови случаи годишно на 100 000 жители. Инциденцата е право-пропорционална со возраста. Дури 90% од пациентите со КРК се лица над 50-годишна возраст. Средната возраст на пациентите со колоректален карцином е 64 години. Популацијата помеѓу 65 и 85 години има 6 пати повисок ризик за добивање на КРК.

Инциденцата на карциномот на дебелото црево е различна во различни популации. Највисока е во земјите на Западна Европа и Северна Америка, а најниска во Азија, Африка и Јужна Америка, со исклучок на Аргентина. Популацијата во земјите од Источна Европа има средно висока инциденца.

Како и за другите карциноми, така и за ракот на дебелото црево, причините за неговото јавување не се познати. Но, постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на ова малигно заболување кај одредени лица. Сепак, присуството на еден или повеќе фактори на ризик, не значи и сигурно заболување од овој малигном. Исто така, заболуваат и лица, кои немаат ниту еден фактор на ризик.

Денешните сознанија укажуваат дека КРК настанува поради интеракција помеѓу факторите на околината и генетската предиспозиција за развој на болеста.

Според податоците на Светската здравствена организација, КРК е трета причина за смрт од малигни болести кај мажите и четврта кај жените, одговорна за 10% од причините за смрт од малигни болести во развиените земји.

Според податоците од Републичкиот завод за здравствена заштита на Република Македонија за 2002 година, колоректалниот карцином е одговорен за 12% од сите малигни заболувања во нашата држава и се јавува со инциденца од 25.7 случаи на 100.000 жители.