• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Моноклонални антитела во терапија на одредени видови на тумори Печати

Моноклоналните антитела дејствуваат против многубројни туморски антигени кои се наоѓаат на површината на клетката. Антителата ги препознаваат овие антигени, кои претставуваат протеински молекули, и се врзуваат со нив.

Моноклоналните антитела се користат во терапија на одредени видови на тумори, за дијагноза на туморите, но и следење на болеста после терапија.

Моноклоналните антитела во терапијата може да се применуваат самостојно, користејќи комплемент или клетки како медијатор или да се применуваат врзани со токсини, радиоизотопи или цитостатици, со цел да се зголеми нивната антитуморска активност.

Тумор-специфични антитела се користат и за уништување на малигни клетки со кои е зафатена извадената коскена срцевина, кај пациенти кои се подготвуваат за трансплантација на коскена срцевина. Кај нив после дадена миелосупресивна цитостатска терапија, треба одново да се врати истата коскена срцевина, но претходно прочистена од присутните малигни клетки, т.е. без присуство на туморски клетки.

Предноста на терапијата со моноклонални антитела е во нивното селективно делување на туморското ткиво и минималната токсичност.

Проблеми кои сеуште ја ограничуваат нивната поширока примена се: ниската количина на внесени моноклонални антитела која фактички доаѓа до туморот, слабата продорност на моноклоналните тела низ поголема туморска маса, како и нивното инхибирање од страна на антигени кои, сврзувајќи се со нив, го спречуваат нивното врзување за туморскиот антиген.

Голем проблем е НАМА-феноменот (human anti-mouse antibodies), односно создавање на антитела против имунизираните глувчешки клетки од кои се добиваат моноклоналните антитела и кои можат да ги инактивираат внесените моноклонални антитела. Продукцијата на НААМ е ублажена со произедување на рекомбинирани моноклонални антитела кои имаат човечки антитела на константниот регион и глувчешки антитела на варијабилниот регион на имуноглобулинот.

Во клиничка употреба со, засега најефикасно дејство, е Mabthera (Rituximab), кој се користи во третманот на не-Хочкиновите лимфоми од Б-тип. Тој се врзува со антигенот CD20 на мембраната на младите Б или зрели Б-клетки, вклучувајќи ги и клетките на лимфомот.

CD (cluster of differentiation) претставуваат „обележувачи“, антигенски молекули кои се наоѓаат на површината на лимфоцитите. Rituximab ја активира апоптозата (програмираната смрт на клетката), ја инхибира пролиферацијата на малигните клетки, а отпорните малигни клетки ги прави осетливи на цитостатиците.

Терапијата со Rituximab доведува до позитивен тераписки одговор кај 50% од пациентите со не-Хочкин лимфом кои биле претходно интензивно лекувани, вклучувајќи ги оние кои се отпорни (рефрактерни) на цитостатска терапија.

Во случај на релапс (повторување) на болеста, одговорот на терапијата е, исто така, висок и изнесува 44%.

Rituximab може да се користи истовремено со цитостатици, при што терапискиот одговор се зголемува на 95%.

Споредните ефекти се јавуваат на почетокот на терапијата и набрзо исчезнуваат. Најчести споредни несакани ефекти од терапијата со Rituximab се: зголемена телесна температура, треска, мачнина, гадење.

Моноклоналните антитела може да се врзат со токсини од растително потекло (рицин и други), со бактериски токсини (pseudomonas aeruginosa, corinebacterium diphteriae), со цитостатици (doxorybicin) или со радиоизотопи (јод-131 и итриум-90).

Целта на врзувањето на моноклоналното антитело со радиоактивен изотоп е создавање на компелкс антитело-изотоп. Овој комплекс, врзувајќи се за антиген-позитивната туморска клетка ја озрачува не само неа, туку ги озрачува и соседните антиген-негативни малигни клетки.

Засега изотоп кој најмногу ветува е итриум-90, поради неговите поволни физикални својства (бета емитер со просечна продорност од 6 mm).