• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Цитокините во третманот на некои видови на рак Печати

Цитокините спаѓаат во активна неспецифична имунотерапија.

При активната неспецифична имунотерапија се користат биолошки агенси, микроорганизми или материјал добиен од нив, синтетички препарати и друго, кои ги стимулираат општите одбрамбени механизми на домаќинот (пациентот).

Заедничко за сите нив е дека тие се во состојба да уништат само мали количини на туморски клетки, односно дека се ефикасни само во супклиничката форма на болеста (при присутни микрометастази).

Цитокините претставуваат хетерогена група на белковини со мала молекуларна маса кои функционираат како медијатори на клеточните комуникации во физиолошки и патолошки услови. Тие имаат регулаторна функција во имуниот систем. Нив ги ствараат лимфоцитите и моноцитите - монокини (одбрамбени клетки кои се наоѓаат во телото на човекот).

Во цитокини спаѓаат:

  • интерфероните,
  • интерлеукините,
  • факторот на туморска некроза,
  • хематопоетските фактори на раст.

Интерферони

Интерфероните имаат имуномодулаторни, антивирусни и антипролиферативни ефекти врз нормалните и туморските клетки во сите стадиуми на клеточниот циклус. Особено се активни во кочењето на синтезата на РНК и протеините кои се потребни за синтеза на ДНК.

Интерфероните го модулираат имуниот систем со делување врз природните клетки – убици во човечкиот организам, со активирање на фагоцитната активност на макрофагите, со спречувањето на ангиогенезата (стварање на нови туморски крвни садови), со регулирање на диференцијацијата на клетките и со зголемување на многубројните антигени кои се наоѓаат на површината на клетката.

Постојат три групи на интерферони: алфа, бета и гама.

Интерферон алфа

Најголема клиничка примена има интерферон алфа. Неговата антитуморска активност е докажана кај влакнестата леукемија (hairy cell leucemia), кај хроничната миелоидна леукемија, кај кожната форма на Т – клеточен лимфом, кај Капоши саркомот, не-Хочкин лимфомите со низок степен на малигнитет, кај миеломот, како и кај многубројни солидни тумори.

Во комбинација со цитостатикот 5-флуороурацил, интерферонот доведува до зачително повисок процент на одговор (63%) кај карциномот на задното црево (ректум), наспроти одговорот на секој лек даден поединечно.

При терапијата со интерферон се јавуваат некои несакани ефекти.

Најчести несакани ефекти кои се јавуваат при терапијата со интерферон се: општа слабост, малаксаност, трески, покачена телесна температура, мачнина, гадење, повраќање.

Овие несакани ефекти се јавуваат на почетокот на терапијата, а потоа постепено исчезнуваат.

Доцните ефекти од имуотерапијата се јавуваат после две до три недели. Најчести доцни несакани ефекти се: мускулна слабост и болки, замор, фубење на апетит и тежина, главоболки, невролошки тегоби. Јачината на симптомите директно зависи од висината на дозата.

Интерлеукини

Од досега проучените петнаесетина интерлеукини, во клиничка употреба најчест е интерлеукинот 2 (Il-2). Овој лимфокин е протеин којшто го продуцираат активирани Т-клетки како одговор на дејството на антигенот и инерлеукинот 1. Тој има централна улога во имунорегулаторните механизми.

Интерлеукинот 2 (Il-2) ги стимулира Т-клетките и го активира нивниот цитотоксичен одговор, го стимулира тумороцитниот ефект на макрофагите, претставува кофактор во растот и диференцијацијата на Б-клетките, го стимулира ослободувањето на други цитокини.

Интерлеукинот 2 (Il-2) се користи во терапија на не-Хочкин лимфомите со низок степен на малигнитет, кај меланомот, кај ракот на бубрегот и ракот на дебелото и задно црево (колоректален карцином).

Најголемо клиничко искуство е стекнато кај напреднатиот карцином на бубрегот и кај меланомот, каде што објективниот одговор на терапијата се движи меѓу 10%-26%.

Токсичните ефекти од интерлеукинот 2 (Il-2) се слични како и оние кај интерферонот, а покрај тие, може да се јави и зголемување на телесната тежина и периферен оток заради слабост на капиларите и нивна зголемена пропустливост.

Хематопоетски фактори на раст

Хематопоетските фактори на раст се цитокини кои ја регулираат пролиферацијата, диференцијацијата и виталноста на матичните клетки во коскената срцевина и на зрелите крвни елементи.

Тука спаѓаат стимулирачките фактори на колониите на гранулоцитите, на гранулоцитите и макрофагите, на еритропоетинот, на тромбопоетинот и други. Заради стимулирање на хематопоезата (создавање на крвни зрнца) тие имаат голема примена за ублажување на токсичните ефекти од цитостатиците врз коскената срцевина.

Со употребта на првите две средства (стимулирачки фактори на колониите на гранулоцитите и стимулирачки фактори на колониите на гранулоцитите и макрофагите) се санира леукопенијата (намален број на бели крвни зрнца во крвта) предизвикана од цитостатската терапија и се скратува периодот на леукопенија после трансплантација на коскена срцевина.

Еритропоетинот ја ублажува анемијата (намален број на црвени крвни зрнца и хемоглобин во крвта), која може да се јави како последица на применетата терапија или од самиот тумор.

Со помош на овие лекови се овозможува побезбедно давање на високи дози на хемотерапија, побрзо закрепнување и подобри резултати во лекувањето.

Овие лекови имаат широк спектар на индикации за нивна примена. Така, често се применуваат кај малигните лимфоми, акутната миелоична леукемија, малигните тумори во детската возраст и други ситуации каде што хемотерапијата доведува до висок процент на одговор.