• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Начини на спроведување на хемотерапијата Печати

Цитостатската терапија може да се применува како самостојна метода на лекување или, почесто, како дел од мултидисциплинарниот третман т.е. во комбинација со другите тераписки модалитети.

Постојат повеќе начини на спроведување на хемотерапијата, кога таа се применува во комбинација со другите тераписки модалитети.

Така разликуваме:

  • Предоперативна (неоадјувантна) хемотерапија
    Предоперативната хемотерапија се применува со цел да се намали примарниот тумор и на тој начин да, од првично неоперабилен, премине во операбилен тумор. Со примената на предоперативната хемотерапија се овозможува помалку радикален (помалку опсежен, осакатувачки) хируршки зафат.
    Така, по спроведената предоперативна хемотерапија кај, на пример коскените саркоми, можно е голем дел од неоперабилните тумори да станат операбилни и кај нив да се спроведе т.н. „limb salvage“ хирургија, односно да се спаси зафатениот екстремитет и да се очува неговата функција.
    Исто така, преоперативната хемотерапија се спроведува и кај локално напреднатите мекоткивни саркоми. Таа и овде има за цел да го намали волуменот на примарниот тумор и да овозможи помалку опсежен оперативен зафат.
    Хемотераписки агенси кои покажале најдобар одговор кај мекоткивните саркоми се: doxorubicin, iphosphamide и dacarbasine (DTIC) дадени истовремено (CYVADIC протокол) или docorubicyn даден самостојно, како монотерапија.
    Предоперативната хемотерапија може да се примени и кај локално напреднат рак на дојката, но и кај други видови на локално напреднати малигноми.
    Неоадјувантната хемотерапија може да се примени и пред примената на радиотерапијата, кај некои видови на радиосензитивни тумори, како што се: медијастиналната форма на лимфом, Ewing- овиот сарком и други.
    Неоадјувантната терапија и во овој случај се дава со цел да се намали волуменот на примарниот тумор, а со тоа и да ја зголеми ефикасноста на последователната радиотерапија.
  • Постоперативна (адјувантна) хемотерапија
    Постоперативната (адјувантна) хемотерапија следи по реализираниот оперативен третман. Докажана е вредноста на адјувантната хемотерапија, како дел од првичниот куративен третман после операција на ракот на дојката, нефробластомот, јувенилниот рабдомиосарком, Ewing-овиот сарком, кај одредени видови на лимфоми и други тумори со висок степен на малигнитет.
    Постоперативната хемотерапија се применува и кај пациенти, кај кои не било можно хируршко отстранување на целиот тумор.
    Адјувантната хемотерапија може да се спроведе и после завршената радиотерапија кај истите видови на тумори.
    Целта на адјувантната хемотерапија е постигнување на повисок процент на преживување преку уништување на евентуалните микрометастази.
  • Конкомитантна или конкурентна хемотерапија
    Кај конкомитантната или конкурентната хемотерапија, радиотерапијата и цитостатската терапија се спроведуваат истовремено т.е. паралелно.
    Со истовремената примена на овие два тераписки модалитети се постигнува подобар тераписки одговор, бидејќи се намалува можноста за обновување на туморските клетки за време на фракционираното зрачење (се намалува обновувањето на оштетените малигни клетки меѓу две зрачни фракции/сеанси).
    Овој вид на третман се спроведува кај туморите на гастроинтестиналниот тракт и тој покажал добри резултати.
    Така, кај карциномите на хранопроведникот е постигнато 5 годишно преживување од 30% наспроти 0% при користење на 5-флуороурацил и цисплати истовремено со радиотерапијата.
    Со примена на комбинирана цитостатска полихемотерапија (цисплатин, метотрексат и винбластин) и радиотерапија, постигнати се подобри резултати во лекувањето на неоперабилниот рак на мочниот меур.
    Една од несаканите страни од оваа комбинирана хеморадиотерапија е таа што овој комбиниран третман е многу потоксичен врз здравите ткива, отколку да се спроведува само еден третман, било радиотерапијата или хемотерапијата како самостојна тераписка опција. Опишани се силно изразени белодробни компликации, хематолошки оштетувања, изразени мачнини, гадење, повраќање, малаксаност, замор и слично.
    Затоа, пред да се примени овој комбиниран третман треба добро да се обмисли и да се процени дали тој може да се поднесе од страна на пациентот.
  • Алтерирачка хемотерапија (наизменично менување на хемотерапијата и радиотерапијата)
    Со наизменичното менување на хемотерапијата и радиотерапијата се добиваат добри тераписки ефекти, посебно кај тумори кои послабо реагираат на цитостатици, како на пример што се туморите на главата и вратот и други.
    При оваа комбинација, радиотерапијата се применува за време на слободните интервали меѓу два курса на хемотерапија.
    И при оваа метода се јавуваат силно изразени токсични реакции (на пример изразита леукопенија-пад на белите крвни зрнца во крвта).
  • Континуирана инфузиона хемотерапија и радиотерапија
    Кај континуираната инфузиона хемотерапија и радиотерапија терапевтските резултати се еднакво ефикасни во споредба со класичната интравенска апликација, но токсичните ефекти се значително намалени. Освен тоа, туморските клетки се константно изложени на делувањето на цитостатикот, што во некои случаи доведува и до подобри тераписки резултати.
    Најчесто користени цитостатици за континуирана инфузиона хемотерапија се: блеомицинот, етопозидот, 5-флуороурацилот, цисплатинот и адриамицинот.
    5-флуороурацилот, цисплатинот и адриамицинот најчесто се применуват со истовремена радиотерапија и имаат радиосензибилизирачки ефект, односно, ја зголемуваат ефикасноста на радиотерапијата.
    Поволни резултати од овој вид на третман се добиени кај туморите на главата и вратот, кај туморите на хранопроводникот, ректумот, анусот, панкреасот и мочниот меур.