• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Индикации за примена на цитостатска терапија Печати

Цитостатската терапија, за разлика од хирургијата и радиотерапијата, претставува системска терапија, која се применува кај напреднати стадиуми (локално напреднат тумор или метастатска болест), како и за уништување на супклиничките метастази.

Терапискиот потенцијал на цитостатската терапија е докажан кај хематолошките заболувања и туморите на ретикулоендотелниопт систем (РЕС) како: акутната лимфобластична леукемија кај децата и возрасните, лимфомите со висок степен на малигнитет, Хочкиновата болест, туморите на тестисот, Wilms-овиот тумор, хориокарциномот.

Кај овие малигни заболувања, хемотерапијата како самостојна метода или во комбинација со другите тераписки модалитети, може да доведе до трајно излекување кај поголем број од болните.

Кај друга група на малигни тумори, цитостатската терапија доведува до квалитетни и повеќегодишни ремисии (повлекување на болеста).

Во оваа група на малигни заболувања спаѓаат:метастатскиот рак на дојката, метастатскиот рак на јајникот, одредени видови на лимфоми, ситноклеточниот рак на белите дробови, одделни мекоткивни тумори, миеломот, акутната миелоична леукемија.

Кај третата група на малигни тумори, хемотерапијата има слаб палијативен ефект, односно доведува до слаб одговор на терапијата и незнатно влијае на процентот на преживувањето.

Тука спаѓаат туморите на дигестивниот тракт, туморите на главата и вратот, ракот на белите дробови, ракот на матката, ракот на бубрегот и други.

Во сите спомнати групи на малигни заболувања се користи полихемотерапија. Најчесто се применуваат 6-8 циклуси на хемотерапија, кои се аплицираат во интервал од 3-4 недели. Доколку за време на третманот дојде до прогресија на болеста или се утврди дека одредена цитостатска шема не дала тераписки ефект, таа се прекинува (обично после 3- 4 циклуси) и се воведува нова.

При спроведувањето на цитостатската терапија мора да се води сметка за општата состојба на болниот, возраста (кај болни над 70 годишна возраст цитостатската терапија се дава претпазливо), функцијата на црниот дроб, на бубрезите и на срцето.

Цитостатиците се разградуваат во црниот дроб, а се излачуваат преку бубрезите. Затоа, при оштетување на овие органи доаѓа до зголемување на токсичните ефекти од цитостатиците.