• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Други третмански опции Печати
Индекс на артикл
Други третмански опции
Страна 2
Сите страници

Палијативна хирургија, палијативна радиотерапија, терапија со бисфосфонати

Палијативна хирургија (хируршки опции за напреднат или за рекурентен карцином на простата)

Било оценето дека 30% од пациентите кои биле излекувани со иницијалниот (првичниот) третман за ран стадиум на карцином на простата ќе дадат релапс по 5 години.

За овие пациенти, како и за оние кои во почеток на дијагностицирањето на болеста биле веќе во напреднат стадиум, други хируршки техники можат да играат важна улога во севкупното третирање на болеста.

Пациентите кои биле лекувани иницијално со радиотерапија, може да имаат корист од т.н. „спасувачка“ (salvage) простатектомија.

Со оваа „спасувачка“ простатектомија хируршки се отстрануваат простатата и околните структури, вклучувајќи ги и ткивата кои биле претходно озрачени при радиотерапијата. Пациентите кои имале тумори и кои биле оценети како потенцијално курабилни пред радијацијата, може да имаат корист од пострадиотераписката хирургија.

Сепак и покрај тоа, дури и под најдобри околности, пострадиотераписката хирургија е многу тешка операција и нејзиното изведување може да доведе до појава на значителни несакани ефекти и компликации. Затоа, мал број хирурзи ја изведуваат регуларно. Треба добро да се оцени колкав е ризикот од компликации и, евентуално, да се размисли за други тераписки опции.

Хируршка интервенција, позната како трансуретрална простатектомија (ТУР), обично се изведува кај пациенти со немалигно зголемена простата или т.н. бенигна простатична хиперплазија. Модифицирана трансуретрална простатетомија исто така може да се направи кај пациенти со рекурентен или метастазичен карцином на простатата со цел да се ублажат уринарните симптоми и да се овозможи нормално мочање кое е попречено од растот на карциномот на простатата.

Според тоа т.н. палијативна хирургија (ТУРП) игра важна улога во третманското водење на рекурентниот и метастазичен карцином на простатата и се изведува кај пациенти со опструкција на уринарните патишта и со присуство на симптоми (уринарна инконтиненција). Најдобри резултати се постигнати кај мажи со ниски вредности на ПСА во крвта и кај кои нема изразено проширување на болеста.

Редовното следење на нивото на ПСА по примарната терапија е клучно за брзо откривање на повторното појавување на болеста, односно рекуренцата, а со тоа и за можноста за што порано започнување со терапија. Колку порано се започне со терапија, толку се поголеми шансите за подобри резултати од истата.

Палијативна радиотерапија

Палијативната радиотерапија нема за цел излекување на пациентот, туку само ублажување на постоечките симптоми на болеста и подобрување на квалитетот на животот на пациентот.

Таа најчесто се применува со цел да ги отстрани симптомите кои се јавуваат како резултат на локалното ширење на туморот, а тоа се: крварење при мочање (хематурија), отежнато или неможно мочање (олигурија, анурија) и постоење на јаки болки во пределот на простатата.

Исто така, палијативната радиотерапија се користи и кај пациенти со симптоми од метастазичното ширење на болеста. Карциномот на простатата најчесто дава коскени метастази придружени со интензивна коскена болка. Палијативната радиотерапија доведува до значително намалување на болката во регијата која се озрачува и до спречување на патолошко кршење на зафатената коска. Со тоа го подобрува и квалитетот на животот на болниот.

Палијативната радиотерапија се спроведува со надворешно зрачење.