• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Хемотерапија кај пациенти со метастазичен карцином на простатата Печати

Хемотерапијата подразбира употреба на лекови (цитостатици) кои ги убиваат карциномските клетки во телото. Но, за жал, таа не прави разлика помеѓу рак клетките и нормалните клетки во организмот. Хемотерапијата ги елиминира не само брзорастечките клетки на ракот, туку и брзорастечките клетки во телото како што се, на пример, крвните клетки, косата и други. Делбата на нормалните клетки и клетките на ракот се одвива во неколку фази.

Хемотераписките лекови го оштетуваат генетскиот материјал на клетките во делба, со што тие не можат повеќе да се делат и затоа умираат. Различни лекови делуваат на различна фаза на делба на клетките. Но, тие на тој начин ги убиваат и нормалните клетки во делба. Поради тоа се јавуваат некои несакани ефекти за време на третманот.

Hесаканите ефекти зависат како од самиот лек, така и од индивидуалниот одговор на пациентот. Овие лекови обично ги уништуваат крвните клетки, посебно белите крвни зрнца (леукоцити) и крвните плочки (тромбоцити), потоа клетките кои го обложуваат системот за варење, како и клетките на косата.

Иако хемотерапијата често се користи во третман на многу видови карциноми, таа поретко се користи во третман на карциномот на простатата. Хемотерапијата не се користи во третманот на ран стадиум на карцином на простатата.

Таа е индицирана кај пациенти:

  • со рекурентен или локално напреднат тумор,
  • со метастатска болест и тоа кога веќе болеста не може да биде контролирана со претходно дадената хормонотерапија. Туморот станал рефракторен на истата.

Како последица на резистентноста на веке применетата хормонотерапија, туморот повторно почнува забрзано да расте и да се расејува и во други делови на телото, односно да метастазира.

Според тоа, хемотерапијата е втора линија на терапија кај хормонорезистентните пациенти со локално напреднат или метастазичен тумор.

Целта на хемотерапијата е да го намали туморот, да го спречи неговиот раст и расејување и да ги ублажи постоечките симптоми, а со тоа да се продолжи и подобри квалитетот на животот на пациентот.

Бројни студии ја испитувале ефикасноста на поедини цитостатици кај карциномот на простатата. За жал, повеќето од овие студии покажале многу мала или никаква корист од повеќето испитувани цитостатици. Лекови кои дале одреден одговор се: епирубицинот со или без медроксипрогестерон, потоа митомицин и 5-флуороурацил, како и естрамустин во разни комбинации.

Сепак, последниве години хемотерапијата влегува на голема врата во лекувањето на хормонорефракторниот карцином на простатата.

Канадскиот онколог Јан Танок (Ian Tannock), во 1996 година го воведува хемотерапискиот стандард за хормонорефракторните карциноми на простатата. Комбинираната терапија со Mitoxantrone и Prednisone® покажала значајна палијација и подобрување на квалитетот на животот кај лекуваните пациенти.

Стандардниот протокол бил:

  • Амп. Mitoxantrone: 12 mg/m2 даден интравенски првиот ден
  • Табл. Prednisone: 2 пати по 5 mgr во тек на 21 ден

Протоколот се повторувал циклично на секој 21 ден.

Оваа стандардна терапија се одржала до 2004 година.

Во 2004 година се објавени резултатите од 2 големи рандомизирани студии: TAX 327 и SWOG 9916.

Во овие студии е испитувана комбинацијата на цитостатикот Docetaxel со Prednisone® или estramustin во споредба со стандардната терапија со Mitoxantrone и Prednisone®.

Студиите потврдиле дека терапијата со Docetaxel дава подобар и побрз палијативен одговор, како и намалување на вредностите на ПСА во крвта, а истовремено и статистички значително продолжување на средното време на преживување во корист на Docetaxel комбинацијата. Утврдено е дека средното преживување кај пациентите со docetaxel-базираниот протокол бил 18.9 месеци во споредба со 16.5 месеци со mitoxantrone-pronisone протоколот.

Врз основа на овие резултати, хемотерапијата базирана на docetaxel станува нов стандард во лекувањето на хормонорефракторните тумори на простатата.

Постојат повеќе протоколи со docetaxel.

Хемотерапискиот третман обично трае сè додека карциномот дава одговор на терапијата, освен ако, заради несаканите ефекти, таа мора да се прекине.

Дозата се одредува индивидуално за секој пациент, зависно од неговата тежина и висина.

Давањето на хемотерапијата треба добро да се обмисли за секој пациент одделно. Не треба да се заборави дека обично се работи за лица во понапредната возраст, кои често имаат и многу други придружни болести и може да бидат во лоша општа состојба. Примената на цитотоксичната терапија, која носи со себе и многу несакани ефекти, кај таквите пациенти може да биде повеќе штетна отколку корисна.

Хемотерапијата не може да доведе до излекување, па најчесто одговорот од терапијата се проценува преку симптоматскиот бенефит (намалување на постоечките симптоми од болеста), односно преку квалитетот на животот на болниот.

Поради сето тоа, многу е важно пациентот да се информира за сите позитивни и негативни страни на хемотерапијата и таа да се примени само во договор со пациентот.

Целна терапија кај карциномот на простата

Новите сознанија за молекуларните механизми одговорни за прогресија на карциномот на простатата идентификувале потенцијални молекуларни мети на целна терапија. Поголем број на клинички студии се во тек. Тие ја испитуваат комбинацијата на docetaxel и bevacizumab. Резултатите од овие студии сè уште не се објавени.