• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Вежбајте после прележан инфаркт или рак Печати

Физички вежби и контрола на телесната тежина по прележана сериозна болест, како што е срцевиот инфаркт или ракот, често се препорачуваат во периодот на реконвалесценцијата, дури и кога пациентот е во понапредна возраст и не е спортски тип.

Иако не може да ги замени лековите, физичката вежба може да резултира со помала потреба од лекови или со нивни помали дози.

„Сите лица кои имале тумор имаат корист од телесната активност“, изјавил Dr. Freerk Baumann од германскиот истражувачки институт во Келн. „Физичката активност може да го намали стравот и да ја врати самодовербата“, додал Dr. Freerk Baumann.

Покрај позитивното делување на целиот организам, се чини дека вежбањето влијае и на развојот на туморот. Но, нема докази дека физичката активност влијае на веќе постоечкиот тумор. Сепак, постојат докази дека пациентите со рак на дојка, рак на дебело црево или рак на простата, кои редовно вежбале и биле физички активни, имале помал ризик за повторно враќање на болеста, рекол Dr. Baumann.

Постојат теории дека физичката активност ги намалува поедините хормони во крвта, како што се естрогенот и инсулинот. Се верува дека овие хормони влијаат на растот и ширењето на некои видови на рак. „Овие хормони се како храна за туморите“, рекол Dr. Freerk Baumann.

Многу истражувања ги потврдиле позитивните ефекти на физичката активност кај пациентите кои боледувале од срце или имале проблеми со циркулацијата.

Група научници, предводени од Prof. Rainer Hambrecht од Универзитетот во Лајпциг, докажале дека лицата кои имале помали кардиоваскуларни проблеми, а се бавеле со физичка активност, еднакво успешно заздравувале како и лицата кои биле лекувани со вообичаени третмани, како што се: вградување на стентови или ангиопластика.

Според Prof. Hambrecht, телесната активност може да го зголеми нивото на HDL холестеролот во крвта, познат и како „добар“ холестерол, бидејќи има заштитен ефект врз крвните садови. Телесната активност, исто така, позитивно влијае и на крвниот притисок. Утврдено е дека лицата кои практикуваат редовни умерени физички активности помалку патат од висок крвен притисок, кој е важен фактор на ризик за развој атеросклероза и кардиоваскуларни заболувања.