• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Радиотерапија во третман на карциномот на простатата Печати

Радиотерапијата (терапија со зрачење) е втор најчесто применуван третман за карциномот на простатата.

Радиотерапијата ја одредува лекар специјалист (радиотерапевт и онколог). Таа се одредува индивидуално за секој пациент.

Радиотерапијата може да се применува како:

  • куративна (целта е излекување на болеста) и
  • палијативна (нема за цел излекување, туку само ублажување на постоечките симптоми на болеста и подобрување на квалитетот на животот на пациентот).

Куративна радиотерапија

Куративната радиотерапија може да се изведува на два начина, како:

  • надворешна радиотерапија, и
  • брахитерапија.

Надворешна радиотерапија

Надворешната радиотерапија е најчесто користен тип зрачна терапија.

Тоа е локална терапија, која ги уништува карциномските клетки само во регијата која се озрачува. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори) кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија. Зраците минуваат низ телото на пациентот од надвор и затоа и се нарекува надворешна радиотерапија.

Таа може да се применува како:

  • радикална радиотерапија (како самостоен тераписки модалитет или во комбинација со хормонотерапијата) и како
  • постоперативна (адјувантна) радиотерапија.

Радикална радиотерапија

Радикалната радиотерапија може да се спроведува како самостојна тераписка опција или во комбинација со хормонската терапија.

Оваа тераписка опција се препорачува кај пациенти во рани стадиуми на болеста (Т1 и Т2), со Глисонов збир до 7, со вредности на ПСА во крвта до 100 ng/ml и нормални вредности на простатната кисела фосфатаза (ПАП) и на алкалната фосфатаза (АП). Обично се препорачува кај пациенти со понапредната возраст над 70 години, кај кои постои висок ризик од спроведување на оперативен третман, но и за оние пациенти кои истиот го одбиваат.

Терапискиот ефект постигнат со радикалната радиотерапија кај овие рани стадиуми на болеста е скоро идентичен со ефектот постигнат со радикалната простатектомија. Важна предност е што се избегнуваат можните несакани компликации од хируршкиот зафат. Исто така, со радикалната радиотерапија се постигнува повисок процент на зачувување на сексуалната функција (потенција) во споредба со процентот при радикалната простатектомија.

Постојат одредени контраиндикации за радикалната радиотерапија, а тоа се:

  • претходна операција во абдоменот
  • претходно спроведена радиотерапија во пределот на малата карлица
  • хронични болести на системот за варење и на мочниот меур

Постоперативна (адјувантна) радиотерапија

Постоперативна (адјувантна) радиотерапија се спроведува:

  • кај пациенти по извршена радикална простатектомија, но кога при тој хируршки зафат не е изваден туморот во целост. Кај овие пациенти е присутен тумор на хируршките ивици, кој се гледа при микроскопскиот преглед на патолошкиот пре¬парат од оперативниот материјал.
  • кај пациенти кај кои и по 18 месеци од направената радикална простатектомија постои позитивен наод при аналниот преглед (се напипува тврдина во простатичната ложа) и кога постои наод на карциномски клетки при биопсија од про¬ста¬тичната ложа или зголемените лимфни жлезди близу до простатата.
  • кај пациенти со лоши прогностички фактори, кај кои постои висок ризик од локална рекуренца (повторување) на болеста (високо ниво на ПСА во крвта по радикалниот третман, висок Глисонов збир).

Брахитерапија

Брахитерапијата се спроведува со внесување на радиоактивни изотопи директно во простатата (внатрешно зрачење).

Оваа метода на лекување се применува кај пациенти со многу ран стадиум на болест (Т1а, Т1б, Т1ц и Т2а), со Глисонов збир до 6 (3+3).

Брахитерапијата е вид на вна¬трешно зрачење и се спроведува на тој начин што специјални радиоактивни игли се внесуваат директно во простатата (околу 96 игли) и со директно зрачење на простатата доведуваат до уништување на карциномските клетки. Се спроведува со трансперинеална техника кај внимателно селектирани пациенти.

Брахитерапијата се изведува и со имплантирање на радиоактивни зрнца во ткивото на простатата. Овие радиоактивни зрнца (просечно 60 до 100) се вметнуваат во ткивото на простатата со помош на игли кои се внесуваат под анестезија со трансперинеална техника. Внесените радиоактивни зрнца остануваат во ткивото на простатата каде постепено ја губат својата радиоактивност во период од 12 месеци.

Резултатите од овој вид третман кај внимателно селектираните пациенти се охрабрувачки и слични со оние кои се постигнуваат со радикалната простатектомија или надворешната радикална радиотерапија. Стапката на зачуваност на сексуалната способност со брахитерапијата се движи од 86%-92% споредено со 10%-40% при радикалната простатектомија и 40%-60% со надворешната радикална радиотерапија.