• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Куративна хирургија (радикална простатектомија) Печати

Хируршкиот пристап во третманот на карциномот на простатата се користи за да се отстрани целата простата или само дел од неа.

Оваа тераписка опција е погодна за пациент со ран стадиум на болест, кога карциномот е ограничен само на простатата (стадиум Т1ц или Т2а и Т2б), со Глисонов збир до 7 (3+4), кога е на возраст до 70 години, во добра општа состојба, со добро здравје и кога дава согласност за ваков третман.

Кај него се изведува радикална простатектомија, при што се отстранува целата простата со својата капсула и со семените кесички.

Можат да се применат два метода на радикалната простатектомија:

  • лапароскопски метод и
  • отворен оперативен метод.

Лапароскопски метод

Лапароскопскиот метод се изведува со специјални инструменти кои се внесуваат низ 3 или 4 отвори на предниот стомачен ѕид. Хирургот користи ТВ камера и сè следи на ТВ монитор. За оваа оперативна техника е потребна посебна обука. Операцијата трае најчесто нешто повеќе од 2 часа. Предноста на овој метод на лекување е во тоа што болниот побрзо се враќа во нормален тек на живот, т.е. постоперативниот тек трае пократко, бидејќи има помало оштетување на околните ткива.

Отворен оперативен метод

Отворениот оперативен метод е класична операција кога хирургот директно гледа што работи. Третманот е познат како радикална ретропубична простатектомија, што значи отстранување на целата простатична жлезда со околните ткива. Хируршкиот пристап е со рез во пределот на долниот дел на абдоменот и простатата се отстранува позади пубичната (карличната) коска. По отстранувањето на простатата, хирургот ја подврзува и ја зашива уретрата (мочниот канал) директно во мочниот меур за да се овозможи нормално мочање.

Во последно време сè повеќе се тежи кон тоа да се зачува потентноста и сексуалната активност кај пациентите кај кои се реализира радикална простатектомија. При операцијата, посебно внимание се посветува на зачувувањето на т.н. еректилни нерви. Овие нерви се поставени долж простатата и се одговорни за ерекцијата на пенисот и за контролата на мочањето. Тоа се постигнува со посебна техника за поштеда на еректилните нерви (nerve sparing approach). Оваа техника може да се изведе само кај раните, почетни стадиуми на карциномот, кога тој не е проширен надвор од жлездата.

И покрај големото внимание, се очекува 40% од пациентите да ја изгубат ерекцијата, а околу 3%-5% да имаат проблеми со неконтролирано мочање. Непосредно по вадењето на катетерот, првите неколку дена или недели, сите болни имаат неконтролирано мочање поради нарушената функција на мускулот стегач (сфинктер) на мочниот меур, кој е одговорен за неговото волно празнење.

Во случаите кога постои локална проширеност на карциномот во околните структури, овие нерви не можат да бидат поштедени и се отстрануваат заедно со туморот. Тоа доведува до појава на импотентност кај пациентот.

Операцијата обично трае околу 2 часа, а болниот се враќа дома по 4-6 дена. Обично, болниот е подготвен да се врати на своите вообичаени активности по 2 месеца од операцијата.

Операцијата е рутинска, но спаѓа во поголеми оперативни зафати. Мора да се напомене дека простатектомијата, како и многу други оперативни зафати, е многу деликатна работа и бара голема стручност од страна на хирургот и негово долгогодишно искуство, не само во изведувањето на оперативниот третман, туку и во правилната клиничка проценка дали тој пациент е погоден за таков вид третман.

Радикалната простатектомија треба да се изведе само кај оние пациенти кои се во ран стадиум на болеста, односно кај пациенти со локализирана болест, но не и кај оние кај кои постои напреднат тумор. Во тие случаи оперативниот третаман не би можел да биде радикален, односно не би можело во целост да се отстрани туморот. За таквите пациенти многу попогодни се другите можни тераписки опции.

Треба да се напомене дека постои и друг хируршки пристап т.н. радикална перинеална простатектомија. Овој метод многу поретко се користи во последно време. При овој метод, хируршкиот пристап е преку рез во перинеумот (регијата помеѓу скротумот и чмарот).