• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Кајсија - „златен плод на Сонцето“

Кајсијата е многу вкусно и здраво овошје. Таа е слична на праската. Има вкусен плод со портокалова боја. Плодот на касијата има семка. Семките може да бидат благи или горчливи. Тие содржат амигдалин (витамин Б17), за кого, некои научници, сметаат дека има антиканцерогени својства.

Кајсијата често ја нарекуваат „кралско овошје“. Долго време се сметало дека нејзина татковина е Ерменија. Подоцна е утврдено дека најпрвин се одгледувала во Кина, од каде Александар Македонски ја донел во овие подрачја. Во тој период кајсијата била позната како „златен плод на Сонцето“.

Кајсијата е добар извор на бета-каротин, па помага при инфекциите и кожните проблеми. Бета каротинот е еден од најпознатите антиоксиданси и исклучиво се наоѓа во растенијата. Тој се нарекува и „природен чадор за сонце“, бидејќи ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци, намалувајќи ја активноста на слободните радикали, кои настануваат поради емисијата на УВ зраци т.е. при сончањето.

Резултатите од голем број студии покажале дека бета каротинот заштитува од акутни и хронични кожни оштетувања, предизвикани од изложеност на сонце. Според некој истражувања, бета каротинот го намалува оштетувањето на ДНК молекулите, па на тој начин го спречува и развојот на дегенеративните болести.

Антитуморското делување е само една од бројните функции на бета-каротинот. Бидејќи е јак антиоксиданс, неговата улога во заштита и поттикнување на одбранбените сили е многу значајна посебно кај постарите лица, а на тој начин индиректно се бори и против останатите закани на здравјето на човекот.

Превенција од ноќно слепило и преосетливост на светло се неговите следни функции.

Научниците утврдиле дека кајсијата содржи и големи количини ликопен – антиоксиданс, кој му помага на организмот во борбата против ракот и го заштитува од разни болести. Ликопенот, кој го има во кајсијата, е многу ефикасен во борбата против слободните радикали, кои штетно влијаат врз здравјето на човекот. Ликопенот има важна улога во зајакнувањето на имуниот систем, а поволно делува и на работата на срцето.

Истражувачите и научно ја потврдиле заштитната улога на ликопенот во настанувањето на ракот на простата, како и намалување на ризикот за рак на желудникот, на дојката и на кожата.

Ликопенот може, исто така, да го успори и растот и ширењето на ракот на простата кај лица кои веќе се заболени од оваа малигна болест. Затоа, на кајсијата и се препишува и антиканцерогено дејство.

Бета каротинот и ликопенот од кајсијата го намалуваат и нивото на „лошиот“ холестерол во крвта. На тој начин тие се природно средство и за борба против атеросклерозата и болестите на срцето.

Кајсиите содржат и големо количество витамин А, кој помага во подобрување на видот.

Кајсиите се и одличен извор на растителни влакна, кои помагаат за подобро варење на храната.

Плодот на кајсијата содржи 86% вода, 0,6% белковини, 0,4% масла, 14% јагленохидрати, целулоза, пектини. Енергетската вредност на 100 грама кајсии е 117 kJ (28 kcal).

Од витамини, кајсијата содржи каротини (1500 милиграми), од кои и потекнува портокаловата боја на кајсијата, потоа витамини од групата Б, фолна киселина, витамини Е и Ц. Од минерали содржи доста калиум (320 милиграми), калциум (17 милиграми), потоа фосфор, магнезиум, железо, цинки и бакар.

Кајсиите се посебно делотворни во подобрување на работата на мозокот и при лекување на слабокрвноста, поради богатството на фолна киселина, кобалт и бакар. Маслото од кајсија одамна се користи ка природен лек против ракот и чирот на желудникот.

Кајсијата се јаде свежа, но од неа се приготвуваат и вкусни џемови, компоти, сок и ракија. Позната е приказната со францускиот писател Bernard Fontenellе. Кога тој имал бризу 100 години, еден негов пријател го замолил да му ја открие тајната на неисцрпната свежина и младост. Тој одговорил дека неговата тајна се крие во кајсијата.

Суви кајсии - природен извор на енергија

Сувите кајсии имаат многу поголема енергетска вредост од свежите, бидејќи содржат поголемо количество на шеќер, но затоа пак се богат извор на железо и калциум. Една шољичка свежи кајсии содржи 75 kcal, a 100 грама сушени кајсии содржат 195 kcal.

Сувите кајсии, посебно им се препорачуваат на лицата кои редовно спортуваат. Зошто?

Сувите кајсии содржат голема количина на калиум (1.600 mg. на 100 gr.), кој е многу важен минерал за нормално функционирање на мускулите. Порција од 5 суви кајасии покрива 20% од дневните потреби за калиум и дел од дневните потреби за железо. Пред спортување, земете 4 до 5 суви кајсии.

Еден совет плус: Јадете ги сувите кајсии во комбинација со портокал или киви, бидејќи витаминот Ц, кој го содржат овие овоштија, ја олеснува апсорпцијата на железото во организмот.

 

Прочитајте и: