• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Што е тоа „суперхрана“?

Прво тоа беа боровинките, па спанаќот, па белиот чај, брусницата и брокулата. Во поново време научниците и лекарите, со современа технологија, утврдиле дека многу секојдневни и релативно ефтини намирници можат да ги заменат скапите лекови и превентивно да делуваат против многу сериозни заболувања.

Тие намирници се наречени уште и „суперхрана“.

Научни тврдења и вистината за боровинките, спанаќот, лососот...

За тоа кои намирници се „суперхрана“ и кои се научните тврдења, а кои се правите вистини за овие намирници, објаснува нутиционистката Carina Norris.

1. Боровинки

Научниците тврдат дека боровинките го намалуваат оштетувањето на нервните клетки кај пациентите со Алцхајмерова болест, помагаат во спречување на кардиоваскуларните заболувања, помагаат во превенција и лекување на дијабетот и го чуваат видот.

Боровинките се еден од најбогатите извори на антиоксиданси. Содржат витамини А и Ц, глукогинин и антоцијанид и други вредни елементи кои помагаат да се подобри циркулацијата на крвта во очите. На тој начин дејствуваат превентивно при појавата на миопатија, спречуваат „ноќно слепило“ и ги намалуваат проблемите со видот што доаѓаат со годините. Во група од речиси 50 видови овошје и зеленчук, боровинките според истражувањето, се покажале како еден од најбогатите извори на антиоксиданси.

Научниците од Универзитетот во Мејн извршиле неколку истражувања. Едното истражување било фокусирано на кардиоваскуларниот систем и ефектите кои боровинките ги имаат за подобрување на циркулацијата и намалувањето на воспалението на артериите. Другото истражување било направено за да се види како боровинките влијаат луѓето да чувствуваат дека се сити со помалку конзумирање храна.

Извршени биле и други истражувања за тоа како дивите боровинки помагаат во третманот на Алцхајмеровата болест и дијабетот. Професорот Јарборо вели дека тие не ги спречуваат болестите, но помагаат да се забави напредувањето на болеста, како и да се подобри здравјето и функционалноста.

„Се обидуваме да ја рашириме оваа информација", вели тој, „а целта ја постигнуваме зашто гледаме зголемено барање за боровинки".

Вистина е дека боровинките се богати си антиоксиданси и дека ги штитат клетките од пропаѓање, така да научното тврдење е логично.

2. Вино

Виното го продолжува животот. Научниците утврдиле дека луѓето кои во текот на својот живот пиеле по една чаша црвено вино дневно, живеат околу 4 години подолго.

Вистината е дека една чаша дневно нема да му наштети на организмот, но нема ни битно да му помогне.

3. Бел чај

Белиот чај помага при губење на килограмите, така што го спречува складирањето на мастите во телото, тврдат научниците.

Вистина е дека никој не пие толку бел чај за да му помогне при слабеење (за тоа се потребни 6 шољи дневно), но белиот чај е многу здрав, бидејќи содржи големи количини на феноли, кои се јаки антиоксиданси.

Белиот чај е многу редок и го има само во некои подрачја на Кина. За белиот чај се собираат само најфините, најмлади листови и пупки, уште прекриени со кратки бели влакненца. Белиот чај е скоро безбоен или светло жолт и има освежувачки вкус.

4. Црна чоколада

Црната чоколада го намалува крвниот притисок, велат научниците. Една студија открила дека 100 грама црна чоколада дневно го намалува притисокот.

Вистина е дека 100 грама на било која чоколада не допринесува на здравјето, поради разните калорични состојки кои таа ги содржи.

5. Брокула

Брокулата штити од рак на простата, тврдат научниците. Тие велат дека неколку порции брокула неделно го намалува ризикот за рак на простата за 50%.

Вистина е дека брокулата е многу здрава. Според многу клинички студии, само 100 грама брокула дневно го намалува ризикот од рак. Таа содржи одредени количества витамини А, Ц и Е и е јак антиоксиданс. Брокулата може да го забави процесот на оштетување на клетките, „нагризени“ од слободните радикали, кои доведуваат до стареење и појава на разни болести, вклучувајќи ги и малигните болести. Овој зеленчук содржи речиси двапати повеќе витамин Ц од портокалот, а го зајакнува и одбрамбениот механизам на организмот.

Консумирањето на 70 грама брокули дневно во тек на два месеци може да заштити од гастрит и рак на желудник, открила една студија спроведена во Јапан.

Треба да се внимава брокулата да не се превари, бидејќи тогаш се губат сите вредни состојки во неа.

6. Лосос

Лососот помага при депресија, тврдат психијатрите.

Вистина е дека лососот многу помага за правилно работење на мозокот, но исто така, е одличен и за срцето и за крвните садови.

7. Лути пиперчиња

Лутите пиперки ги намалуваат болките кај артритот и заболувањата на коските и мускулите, велат научниците.

Вистина е дека неможеме да изедеме толку „чили“ пиперчиња за да тие ни ја ублажат болката, но тие се многу здрави.

Црвените лути пиперки содржат големи количини на витамин Ц, дури повеќе од агрумите, а богати се и со витамин Б6, калиум, магнезиум и железо. Поради тоа, тие го јакнат имунолошкиот систем кај човекот.

Лутите пиперки, како додаток во исхраната, помагаат во спречувањето на кардиоваскуларните болести, а кај лица кои боледуваат од зголемен холестерол во крвта, го успоруваат развојот на срцевите заболувања.

Веќе подолго време се знае за позитивниот ефект на лутите пиперчиња на дигестивниот систем. Нивното смирувачко дејство помага во стварањето на „добрата“ желудникова киселина, и тие истовремено го прочистуваат желудникот.

Исто така, се верува дека лутите пиперчиња можат да помогнат и при слабеење, бидејќи супстанцијата која ги прави „лути“ го забрзува метаболизмот на телото.

8. Киви

Две киви дневно спречуваат срцев удар и делуваат како аспирин, тврдат научниците.

Вистина е дека кивито е нискокалорично овошје и е полно со витамини и минерали. Според тоа, кивито е многу здраво овошје за целиот организам, а не само за срцето.

Кивито е богато со витамин Ц, но и со повеќе видови витамини. Во споредба со лимонот, кој има 40 милиграма Ц витамин, во кивито има дури од 100 до 400 милиграми Ц витамин во 100 грама плод.

Во кивито исто така застапени се и витамините А, Б1, Б2. Богат е и со многу минерали, а посебно со калиум.

9. Пилешко месо

Пилешкото месо го подобрува видот, тврделе научниците. Во една студија тие велат дека 3 оброци пилетина месечно ги спречува дегенеративните заболувања на окото, кои се главна причина за намалување на видот.

Вистина е дека зелениот лиснат зеленчук, агрумите и другите видови на овошје и зеленчук, многу повеќе помагаат за зачувување на видо,т отколку пилешкото месо. Но, пилешкото месо го подобрува варењето на храната.

10. Сливи

Сливите се прогласени за „суперхрана“, бидејќи тие се вистинска природна ризница на антиоксиданси.

„Една слива има иста количина на антиоксиданси, како и една шака боровинки, кои досега се сметаа за врв на здравата исхрана“, тврди Dr. David Bryne од AgriLife Research при Универзитетот во Тексас.

Вистина е дека сливите се нови боровинки, кои можат да превенираат многу заболувања. Антиоксидансите го чистат вишокот на слободните радикали во организмот и на тој начин го намалуваат ризикот од појава на карцином.

Антиоксидансите го чистат вишокот на слободните радикали во организмот и на тој начин го намалуваат ризикот од појава на карцином. Се смета дека некои болести се резултат на неадекватен внес на антиоксиданси со храната. Затоа, денес е зголемен интересот за антиоксидансите, посебно оние од природните извори (овошјето и зеленчукот).

Catherine Collins од лондонската болница St. George ги поздравува резултатите на истражувањата, истакнувајќи дека сливите се една од највкусните и најевтини намирници на пазарот.

„Сливите се и нискокалорична намирница, без масти. Ако секој ден изедете 2 до 3 сливи, ќе направите многу за своето здравје. Сливите не ги лупете, туку јадете ги со кора, бидејќи најмногу антиоксиданси има токму во кората“, вели Dr. Collins.

Dr.Luis Cisneros, кој, исто така, учествувал во ова истражување истакнал дека боровинките добиле сериозна конкуренција. „Луѓето обично јадат само по неколку боровинки или ги јадат измешани со друго овошје, во вид на овошни салати. Сега можат да изедат цела слива и одеднаш да ги добијат потебните антиоксиданци, а ако изедат две или три, тогаш благотворните ефекти се уште поголеми. Имено, тестовите покажаа дека сливите содржат фитонутритивни состојки кои го спречуваат растот на ракот на дојката, без да делуваат штетно на здравите клетки на организмот“, нагласил Dr.Luis Cisneros.

11. Калинка

Калинката може да помогне при лекувањето на ракот на простатата, тврдат научниците. Една студија покажала дека калинката може да доведе до намалување на вредностите на ПСА (туморски маркер за рак на простата) во крвта. Но, за подобрување на ПСА вредностите, неопходно да е со месеци се пие секојдневно по 250мл сок од калинка.

Вистина е дека калинката содржи витамин Ц и Б5, калиум и многу важни растителни хормони. Растителните хормони го намалуваат ризикот за појава на рак на простата. Сепак, има мал број на студии кои ја испитувале улогата на сокот од калинка во превенција и спречување на ширење на ракот на простатата, па затоа се потребни дополнителни испитувања, за да со сигурност се открие дали тој навистина дава одреден бенефит кај пациенти со рак на простата.

Како и да е, калинката е многу здрава, богата со антиоксиданси, па затоа е корисна за здравјето на целиот организам, а не само за простатата.

12. Тиква

Тиквата е богата со бета каротин, важен антиоксиданс, кој во организмот се претвара во витамин А. Поновите истражувања покажале дека исхраната богата со бета каротин може да го намали ризикот за појава на некои видови на рак, а исто така и да заштити од појава на кардиоваскуларни болести. Бета каротинот штити и од дегенеративни промени кои се јавуваат со старењето.

Семките од тиква содржат каротеноиди, омега-3 масни киселни и цинк. Тие се одговорни за благотворното дејство на семките од тиква на простатата. Цинкот од семките ја одржува густината на коските. Семките од тиква се многу богати со магнезиум, манган, фосфор, железо, бакар, цинк, витамин К и белковини.

Вистина е дека тивката е здрава и треба да биде составен дел од здравата исхрана.

13. Зелена салата

Зелената салата не штити од вишок на килограми, но и од малигни заболувања, заклучиле онколозите од Универзитетот во Тексас.

Со консумирање на четири чинии салата неделно, можно е да се намали ризикот од појава на рак на белите дробови, укажуваат некои резултати од истражувањата. Врз основа на една студија која опфатила вкупно 3800 испитаници, научниците од Универзитетот во Тексас заклучиле дека зелената салата содржи материи кои ги блокираат клетките на ракот или го успоруваат развојот на болеста во дишните патишта. Посебно активен позитивен ефект на зелената салата е забележен кај пушачите.

Лекарите се уверени дека зелената салата не само да го намалува ризикот од појава на тумор, туку и ги намалува штетните влијанија на загадениот воздух и алергените од прашината. Најдобра заштита на белите дробови се постигнува со комбинација на умерена физичка активност и зголемен внес на зелена салата во исхраната.

Вистина е дека зелената салата е многу здрава и дека содржи бројни антиоксиданси, кои се борат против штетните слободни радикали во организмот. Таа е здрава за целиот организам, бидејќи го зајакнува природниот имунитет.

14. Зелка

Зелката содржи природни состојки кои дејствуваат како лекови против чирот, тврдат научниците. Фактот дека зелката може да помогне во лекувањето на чирот, е утврден уште во 50–те години на минатиот век, во обидите на д-р. Гарет Чени од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Станфорд. Тој докажал дека околу 1,1 литар свеж сок од зелка на ден помага во ублажувањето на болките и го лекува желудечниот чир, како и чирот на дванаестопалечното црево поуспешно и подобро дури и од стандардните терапии.

Зелката делува благотворно при чирот на желудникот, најверојатно зајакнувајќи ја отпорноста на желудечната слузница на нападите на желудечната киселината.

Зелката содржи гефаркат, соединение кое се користи како лек против чир, како и соединение слично на carbenoxolon, уште еден, поретко користен лек за чир. Всушност, овие состојки ги поттикнуваат клетките да формираат тенка бариера која има улога на „штит“ од нападите на желудечната киселина.

Во едно истражување на Индискиот централен институт за истражување на лекови во Лакнова, експерименталните заморчиња кои боледувале од чир, услеале да ги излекуваат со сок од зелка.

Во текот на третманот биле изработени опсежни микроскопски снимки на промените на клетките, докажувајќи дека сокот од зелка предизвикува зголемена активност на слузта која ги обновува загноените клетки, постапка која води до потполно закрепнување.

Друга можност е дека зелката има и антибиотски својства. Во лабораториските испитувања е утврдено дека зелката уништува низа на бактерии, можеби меѓу нив и ја уништува бактеријата H. pylori, која во денешно време се смета за најодговорна за појавата на чир на желудникот.

Вистина е дека зелката е многу здрава и дека помага при чир во желудникот, но таа е здрава и за целиот организам.

15. Спанаќ

Научниците откриле 15 различни флавонски соединенија во спанаќот, кои се јаки антиоксиданси. Мнoгу од нив се корисни за превенција на ракот. Тоа бил доволен мотив за да се изолираат во чиста форма одделни соединенија од спанаќот и да се со нив продолжат испитувањата. Различни студии покажале дека тие состојки го успоруваат растот на малигните клетки на желудникот, на кожата и на дојката.

Спанаќот е важен за здрава простата.

Каротиноидниот пигмент кој се наоѓа во спанаќот успешно се бори против ракот на простата, и тоа на два начини. Еден каротиноиден облик под името неоксантин, од една страна, влијае на раковите клетки на простатата на тој начин што го стимулира нивното самоуништување. А друга страна, пак, неоксантиот со метаболните процеси во цревата дополнително се претвара во неохроми, кои пак, од своја страна, го инхибираат растот на клетките на ракот на простатата.

Спанаќот е важен за здрави и цврсти коски

Во еден филџан спанаќ има скоро два пати повеќе витамин К од дневно препорачаните дози на витаминот. Ако е спанаќот варен, една чаша спанаќ содржи дури 6 пати поголеми количини на витамин К од дневните препорачани дози на овој витамин.

Витаминот К е важен за активирање на одреден протеин во коските, кој го „фаќа“ калциумот и така го вградува во структурата на коските.

Покрај витаминот К, други елементи кои се важни за здравјето на коските, а кои ги има во спанаќот, се калциумот и магнезиумот.

Спанаќот важен за здрав кардиоваскуларен систем

Спанаќот е одличен извор на витамин А (во форма на бета-каротин), а и добар извор на витамин Ц. Овие два витамини се заслужни за најголемиот број на „лековити“ својства на спанаќот, а посебно се важни за здравјето на кардиоваскуларниот систем. Витамините А и Ц првенствено делуваат како антиоксиданси, што значи дека ги неутрализираат деградационите процеси кои настануваат под дејството на слободните радикали.

Со истиот механизам, тие ја превенираат оксидацијата на холестеролот, кој во таква форма има можност да се таложи на sидот на крвните садови, предизвикувајќи атеросклероза, а потоа и зголемен крвен притисок. Со тоа се зголемува и ризикот од срцев инфарк.

Следната корисна состојка на спанаќот е фолната киселина. Таа помага во претварањето на потенцијално опасната хемикалија, наречена хомоцистеин, во други споеви. Зголеменото ниво на хомоцистеинот во крвта е поврзано со зголемената можност за појава на срцев инфарк.

Во еден филџан спанаќ има околу 40% од дневните потреби за магнезиумот. Тоа е минерал кој помага во намалувањето на крвниот притисок. Така спанаќот помага и во превенцијата на болестите на срцето и крвите садови.

Заштита за дигестивниот тракт

Витамините Ц и А, како и фолната киселина, кои ги има во спанаќот имаат јако антиоксидансно дејство, кое, исто така, ја превенира и мутацијата на клетките на цревата. Докажано е дека луѓето кои ги консумираат овие витамини во доволни количини имаат значително помал ризик да заболат од рак на цревата.

Антивоспалителни материи

Алергиските реакции се денес сè почеста појава. Покрај класичните алергии, постојат и многу автоимуни болести кои, исто така, го вклучуваат механизмот на алергиската реакција.

Астмата и реуматоидниот артрит се само некои од нив. Состојки од спанаќот кои помагаат во смирување на воспалителните процеси се: бета каротинот и витаминот Ц.

Спанаќот го развива и умот

Во студиите на експерименталните животни се покажало дека спанаќот делува заштитно на оксидативниот стрес на мозокот, па ја намалува деградацијата на мозочните функции поради стареење.

Кај лабораториските животни кои биле хранети со спанаќ, забележано е зголемување на способноста за учење и моторичките функции. Ова е општо влијание кое го имаат сите зелени лиснати зеленчуци, и тоа меѓу останатото, заклучок е, поради содржината на Е витаминот во нив. Е витаминот спаѓа во групата на витамини за чија абсорпција се потребни масти, па се препорачува секој зеленчук да се јаде зачинет со квалитетни масла (маслиново), како би се зголемила нивната биорасположивост.

Спанаќот го подобрува видот

Еден од каротиноидите, лутенот, е протективна хемикалија која се грижи за здравјето на очите. Посебно е успешен во борба против катарактата и макуларната дегенерација предизвикана со стареењето.

Железото – заштитен знак на спанаќот

Иако спанаќот не е најбогата намирница со железо, сепак тој го содржи железото во значителни количини. Спанаќот е како намирница значително подобар извор на железо од некои други, бидејќи не содржи заситени масти, холестерол и е нискокалоричен.

Еден филџан варен спанаќ дава околу 30% од дневните препорачани количини на железо.

И овој список нема крај.

Само може да заклучиме дека овошјето и зеленчукот се многу здрави и дека треба да се јадат што е можно повеќе.

Овошјето и зеленчукот се богати со витамини и минерали кои се природни одбрамбени состојки против многу болести. Се препорачува да се јадат 5 порции од овошје и зеленчук дневно. Една оптимална порција тежи околу 80 грама.

Со тоа се смета дека се намалува и ризикот од срцеви заболувања, шеќерна болест, повеќе видови на карциноми и други заболувања.

Научниците, сеуште не ги идентификувале сите хранливи состојки, кои делуваат на заштитата на организмот против болестите. Затоа се препорачува да потребните витамини и минерали се внесуваат со свежото овошје и зеленчук, а не преку синтетски препарати, разни додатоци или екстракти од храна, кои може да се купат во аптеките. Овие синтетски произведени извори на витамини и минерали не се така ефикасни, бидејќи не ги содржат сите корисни хранливи материи.

 

Прочитајте и: