• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Радиотерапија PDF Печати
Вторник, 17 Јуни 2008 20:01

Туморите на мочниот меур спаѓаат во тумори кои се послабо осетливи на зрачење. Радиотерапијата како радикална метода се користи повеќе од 40 години.

Кој вид на радиотерапија ќе се употреби, зависи од хистолошката класификација, стадиумот на болеста, степенот на диференцијацијата и големината на туморот.

Цистектомијата низа години била единствена признаена радикална метода во лекувањето на ракот на мочниот меур.

Со тек на време станало јасно дека во лекуавањето на овие тумори треба да се применат и други методи, односно тераписки комбинации. Една од нив е цистектомијата со предоперативна радиотерапија (зрачење).

Предоперативна радиотерапија

Предоперативната радиотерапија се изведува кај карциноми во понапреднат стадиум, кај кои е ризично да се изведе иницијална радикална цистектомија. Предоперативната радиотерапија има за цел да го намали туморот и на тој начин да овозможи да од првично неоперабилен или ризично операбилен тумор премине во операбилен тумор.

Преживувањето кај пациентите со напреднат карцином на мочниот меур лекувани со комбинирана терапија т.е.со предоперативна радиотерапија и радикална цистектомија е поголемо од она кај пациентите лекувани само со радикална цистектомија. Ова го потврдиле бројни клинички студии.

Предоперативната радиотерапија не се препорачува кај рани стадиуми на карцином на мочниот меур. Бројни клинички студии покажале дека примената на предопертивно зрачење кај почетниот стадиум не го зголемува процентот на 5 годишното преживување.

Предоперативната радиотерапија се спроведува со надворешно зрачење со примена на високоенергетски фотони (15-20 MV) произведени од линеарен акцелератор. Се спроведува тродимензионалната конформална радиотерапија (3Д КРТ).

3Д КРТ користи компјутерски софтвер за интегрирање на КТ снимките од внатрешните ткива и органи на пациентот направени на КТ симулаторот. Тоа овозможува попрецизно планирање и формирање на висока волуменска радијациона доза соодветно на обликот на туморот, така што туморот максимално се озрачува, а минимално се озрачуваат околните здрави ткива.

Обично зрачната доза кај преодперативната радиотерапија е 20Gy, во 5 сеанси во тек на 1 недела или 40 Gy во 20 сеанси во тек на 4 недели.

Зрачењето до 20Gy се спроведува со две спротивни паралелни зрачни полиња, а зрачењето со поголеми дози, како 40Gy, користи повеќе зрачни полиња (6-8).

Ако пациентот прими предоперативна зрачна доза од 20Gy, цистектомијата се прави веднаш, а ако прими 40Gy после 1 недела.

Радикална (куративна) радиотерапија

Цистектомијата, со или без предоператива радиотерапија, е метода која носи со себе и одредени психолошки последици. Поради тоа, радикалната радиотерапија (цел е излекување), многу болни ја прифаќаат како алтернативна метода на цистоскопијата.

Радикалната радиотерапија дава приближно еднакво 5 годишно преживување како и цистектомијата со или без предоперативно зрачење. При радикалната радиотерапија не само што е сочувана функцијата на мочниот меур, туку е сочувана и потенцијата, што е особено важно кај младите пациенти и не треба да се занемари.

Радикалната радиотерапија се применува во раните и локално напреднати стадиуми на болеста (Т1, Т2 и Т3). Пред одлуката за примена на радикална радиотерапија потребно е да се направи КТ на мала карлица. Со оваа метода се откриваат евентуално присутните метастази во регионалните лимфни јазли. Доколку на КТ се видат метастатски промени во лимфните јазли, не се даваат радикални зрачни дози, туку радиотерапијата се комбинира со цитостатска терапија.

Озрачувањето со радикални дози (радикална радиотерапија) може да се применува на 2 начина:

  • Надворешна радиотерапија како единствен радиотераписки третман и
  • Надворешна радиотерапија комбинирана со интерстициелна радиотерапија (внатрешно зрачење во самиот тумор).

Надворешната радиотерапија е најчесто користен тип на зрачна терапија.

Тоа е локална терапија, која ги уништува карциномските клетки само во регијата која се озрачува т.е. туморот. Се спроведува со специјални машини (линеарни акцелератори), кои произведуваат рендгенски зраци со висока енергија (15-20 MV). Зраците минуваат низ телото на пациентот од надвор и затоа се нарекува над¬ворешна радиотерапија.

Радикалната радиотерапија може да се спроведува како самостојна тераписка опција или во комбинација со хемотерапија.

Надворешната радикална радиотерапија користи високоенергетски фотони (15-20 MV) произведени од линеарен акцелератор.

Радикалната радиотерапија започнува со примена на поголеми зрачни полиња кои го опфаќаат мочниот меур и регионалните лимфни јазли во малата карлица. На тој начин се остварува туморска доза од 46.8 Gy, со 1.8 Gy по фракција. Се спроведува со техника на повеќе зрачни полиња.

По остварување на доза од 46.8Gy, радиотерпијата продолжува преку редуцирани (намалени) зрачни полиња (обично 6-8) кои го опфаќаат само туморот (мочниот меур). Се спроведува со техника на повеќе зрачни полиња и на овој начин се додава уште дополнителна „boost“ доза во пределот на туморот од 20 Gy. Така тоталната туморска доза, која е и радикална доза за карциномот на мочниот меур изнесува 66.8Gy.

За одредување на иницијалниот целен волумен се користи КТ-скен со пресеци што се на растојание од 0.5см.

Пациентите се третираат позиционирани во супинација (лежат на грб), користејќи високоенергетски фотони (15MV) од линеарен акцелератор. Сите зрачни полиња се третираат изоцентрично секој ден, 5 дена во неделата (од понеделник до петок), со 1,8Gy по фракција до остварување на туморска доза од 46.8Gy, а потоа се додава дополнителна „boost“ доза од 20 Gy со 2Gy по фракција. Ласерите и кожните тетоважи се користат за позиционирање на пациентот, а латералната ротација се спречува со помош на латералните тетоважи на илијакалните кристи (коските на карлицата).

Радикалната радиотерапија се применува кај пациенти со тумор во стадиум Т1-3, со големина на тумор под 5 см, со хистолошки високо диференциран тумор и со негативен лимфографски наод.

Кај болните кај кои по реализираната радикална радиотерапија има резидуален тумор (остаток од тумор) или, пак, дојде до појава на рецидив (повторување на туморот), сепак, треба да се примени цистектомија.

Надворешна радиотерапија комбинирана со интерстициелна радиотерапија

Оваа комбинирана радиотерапија се спроведува на тој начин што прво се започнува со надворешна радиотерапија при што се остварува доза од 40Gy во пределот на туморот, а потоа, доколку туморот не е поголем од 5 см, се продолжува со интерстициелна радиотерапија. Интерстициелната радиотерапија се спроведува со имплантирање на радиоактивен изотот во самиот тумор (радиум-Ra, иридиум- Ir192, злато-Au198 и јод-J125). На овој начин тумрот прима уште дополнителна доза од 30-40 Gy со што се постигнуваат многу добри резултати. Сепак, поради тешката изведба на интерстициелната радиотерапија, таа не се применува рутински во сите онколошки центри.

Постоперативна радиотерапија

Овој вид на радиотерапија се спроведува во случаи кога при радикалната цистектомија не е отстранет туморот во целост. Но, во последно време постоперативната радиотерапија се заменува со постоперативна хемотерапија, која дава подобри резултати и подолго севкупно преживување.