• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Хируршко лекување-видови на хируршки третмани PDF Печати
Вторник, 17 Јуни 2008 19:42

Ендоскопски хируршки методи

Основна карактеристика на овие хируршки методи е што се изведуваат со помош на инструменти кои се вовлекуваат во мочниот меур низ уретрата, без да се прави класичен оперативен рез и без хируршко отварање на мочниот меур.

Стандардна ендоскопска хирургија опфаќа: електроресекција, ексцизија, „ладна“ ресекција и електрокоагулација (ТУР).

Трансуретралната ресекција (ТУР)

alt

Трансуретралната ресекција (ТУР) со примена на електрична енергија е ефикасна, сигурна и радикална метода за лекување на раните неинфилтративни тумори на мочниот меур. Оваа метода е добра куративна терапија за површните тумори (т.е. Тis, Т1).

Трансуретралната ресекција се користи и како палијативна метода кај иноперабилните тумори. Се изведува со цел да се направи редукција на големите тумори кои сметаат на нормалниот акт на мочањето, за отстранување на некротичните маси и контрола на крварењето.

ТУР, исто така, може да се користи и во дијагностички и терапевтски цели.

Во дијагностички цели служи за земање на материјали за хистолошки преглед, а кај инфилтративните тумори служи и за прецизно класифицирање на туморите.

Со ТУР може да се отстрани и длабоко инфилтративен тумор, но ако дојде до рецидив, веќе е доцна за било каква друга радикална интервенција, па затоа кај длабоко инвазивните тумори оваа метода треба да се избегнува.

Предностите на ТУР се: лесно поднесување од страна на болниот, лесен постоперативен период и сочувување на функцијата на мочниот меур.

Трансвезикална ресекција (ablation) на туморите на мочниот меур

Оваа оперативна метода за лекување на малигните тумори на мочниот меур се изведува по трансвезикален пат (преку мочниот меур), после хируршко отварање на мочниот меур. Оваа метода денес многу ретко се користи. Индикацијата за изведување на ова метода биле површни неинфилтративни тумори кои ја зафаќале само мукозата и субмукозата на мочниот меур. Предноста на овааа метода е што болните лесно ја поднесуваат и се запазува функцијата на мочниот меур.

Најголеми недостатоци се: можност за чести рецидиви, интраоперативно имплементирање на малигни клетки во мочниот меур, во неговата околина и во оперативната рана. Најлошата страна на оваа метода е што после појавата на рецидивите не може да се планира и да се изведува друга порадикална метода.

Парцијална (сегментална) ресекција на мочниот меур

Парцијалната ресекција на мочниот меур, како метода за лекување на карциномот на мочниот меур, се состои во отстранување на карциномот заедно со дел од мочниот меур во целата негова дебелина, со сочувување на дел од мочниот меур за да се обезбеди нормално мочање. Индикацијата за оваа операција денес е ретка, поради тоа што туморите на мочниот меур имаат мултицентричен раст и често рецидивираат. Се смета дека при правилно поставена индикација за ова интервенција, 5 годишното преживување изнесува 40.5% кај Т2 туморите и 19% кај Т3 туморите.

Тотална радикална цистектомија

Основни карактеристики на оваа метода е што при операција заедно со туморот се отстранува и целиот мочен меур.

Сe дели на:

  • обична тотална цистектомија (cystectomia simplex),
  • радикална цистектомија (cystectomia radicalis),
  • „спасувачка“ цистектомија (salvage cystectomia).

Обична тотална (едноставна) цистектомија (cystectomia simplex)

Оваа метода претставува хируршко отстранување на мочниот меур и околното (паравезикално) масно ткиво. Се применува кај неинвазивен тумор кој има мултипен раст, како и кај чести рецидивирачки тумори, кај кои ендоскопската хирургија не е веќе делотворна. Едноставната цистектомија (cystectomia simplex) кај површните тумори дава 5 годишно преживување од 60-80%, а кај Т2 и Т3 туморите 18-29%.

Кај инвазивните тумори денес се користи радикална цистектомија (cystectomia radicalis).

Радикална цистектомија (cystectomia radicalis)

Претставува трансперитонеална „en block“ екстирпација (хируршко отстранување) на мочниот меур, простатата со семените везикули и регионалните лимфни јазли на карлицата. Кај жените радикалната радиотерапија опфаќа и ектирпација на матката (утерус) и јајниците (овариуми).

Радикалната цистектомија се применува кај сите тумори чии малигни клетки веќе навлегле во мускулниот слој на мочниот меур (инвазивен карцином), а кои не пенетрирале во околината, и тоа кај болни чија возраст и општа состојба овозможува успешно изведување на оваа опсежна и тешка операција.

Ако се зафатени регионалните лимфни јазли во малата карлица, прогнозата е полоша и шансите за комплетно излекување се мали.

Болните со Т3 болест кај кои е реализирана радикална цистектомија имаат 5-годишно преживување од 24-41%.

„Спасувачка“ цистектомија (salvage cystectomia)

Оваа метода се применува кај болни кои биле претходно повеќе пати лекувани со различни методи (ендоскопски, ресекција, зрачење) кои довеле до деформитети и намалување на мочниот меур, кој останал со мал капацитет. Овие пациенти имаат тешки дизурични тегоби и чести крварења. Кај овие пациенти се спроведува „спасувачка“ цистектомија со цел да се ублажат или отстранат присутните симптоми и деформитети, а со тоа и да се подобри квалитетот на животот на пациентот. Оваа метода нема за цел излекување на пациентот, туку е палијативна тераписка метода ( метода за ублажување на постоечките симптоми).