• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
И метастазите во црниот дроб може успешно да се отстранат Печати

Секое малигно заболување бара строга примена на т.н. дијагностички и тераписки протоколи.

Црниот дроб е орган кој е најчесто зафатен со метастази од примарните тумори, локализирани на други органи во телото. Симптомите кај метастатските тумори на црниот дроб се: болка во горниот и десен дел на абдоменот, губиток на телесна тежина, општа слабост и малаксаност, жолтица.

Дијагнозата се поставува со: биохемиски анализи на крвта (туморски маркери), ултразвук, КТ, МРИ, ангиографија, сцинтиграфија. Дефинитивната дијагноза, сепак, се поставува со биопсија на туморите во црниот дроб, која што се изведува по контрола на КТ или со отворена или лапароскопска хирургија.

Добра прогноза

Најдобра прогноза имаат метастатските тумори на дебелото црево (колон), кои најчесто метастазираат во црниот дроб. До неодамна, преживувањето на пациентите со метастатски карцином во црниот дроб изнесувало само неколку месеци по откривањето на метастатската болест на црниот дроб.

Денешното лекување, благодарение на најновите потентни хемотерапеутици и радиотерапеутици и со истовремена ресекција на метастатските тумори на црниот дроб, дава многу поголеми шанси за продолжување на животот на овие пациенти.

Секое малигно заболување бара строга примена на т.н. дијагностички и тераписки протоколи за лекување на тие пациенти. Рано окриената малигна болест, кај која е применет потебниот протокол на лекување, дава големи шанси за излекување.

Према сегашниот протокол на лекување на рано откриената малигна болест на колоректумот, нема потреба од дополнителна постоперативна хемотерапија и радиотерапија. Ако туморот ги зафатил и деловите надвор од sидот на дебелото црево, или ги зафатил локалните или оддалечените структури и органи, пред операција е неопходно да се примени неоадјувантна системска хемотерапија, понекогаш комбинирана и со радиотерапија. По спроведената неоадјувантна хемотерапија и радиотепија, се изведува оперативниот зафат.

Ваквиот комбиниран начин на лекување довел до значајно продолжување на животот на тие пациенти. Ако болниот има истовремено и метастази во црниот дроб, тие се отстрануваат во текот на операцијата со т.н. метастазектомија или со ресекција на помал или поголен дел од ткивото на црниот дроб, штедејќи го при тоа здравото ткиво за евентуално идни ресекциони зафати.

Во најново време, дури и рецидиванта метастатска болест на црниот дроб индицира поновувани ресекциони зафати. Онколошкиот конзилиум пропишува дијагностички и други постапки на лечење, односно применува протокол за лекување на пациентите од малигна болест.

Значаен напредок

Со ваквата тераписка постапка постигнат е значаен напредок во лекувањето на малигните заболување на сите локализации, посебно на ракот на дебелото црево. Денес е отидено и многу понатаму во третманот. Болните, кои пред повеќе од година дена, поради метастатска болест, биле прогласени како неоперабилни, по претходно спроведена хемотерапија и радиотерапија, туморот се намалува и станува операбилен. Тогаш, направениот оперативен зафат евидентно го продолжува животот и го подобрува квалитетот на животот на пациентите.

Лекувањето на онколошките болни, базирано на протоколите, често е долготрајно, бара бројни предоперативни постапки, кои имат за цел проценка колку од ткивото на црниот дроб мора да остане, да се сочува, за да операцијата биде успешна.

Предоперативната директна интерартериска апликација на цитостатици е многу важна и корисна, бидејќи доведува до сигнификантна регресија на туморот. Хируршкото отстранување на метастатскиот тумор на црниот дроб сигнификантно го продолжува животот на пациентите за повеќе од 3 години. А трансплантација на црн дроб кај метастатскиот тумор на црниот дроб е индицирана со истовремена ресекција и на примарниот тумор.

Важно!

Метастатскиот рак на црниот дроб представува краен стадиум на малигната болест на многу локализации. Раната дијагностика, адекватната примена на протоколите за дијагноза и лекување на овие пациенти, создава услови за современо и успешно лекување, односно излекување.