• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Симптоми и знаци на мултиплиот миелом Печати

Како последица на зголемениот број на миелоидни клетки во коскената срцевина се јавува следново:

  • Анемија,
  • Голема количина на протеини во серумот и урината,
  • Оштетување на коските,
  • Слабење на коскената структура (остеопороза) Остеолиза (разјадување на коската), скршеници,
  • Виско ниво на калциум во крвта,
  • Намалена функција на имуниот систем во борба против инфекциите.

Еден од најчестите симптоми на миеломот е слабокрвноста (анемија), која настанува поради намаленото стварање и активност на црвените крвни зрнца. Анемијата се манифестира со општа слабост, малаксаност, замор, срцебиење.

Голема количина на протеини во серумот и урината се јавува поради тоа што миеломските клетки ствараат големи количини на абнормален моноклонален протеин, кој влегува во крвотокот и минува во урината. Тоа доведува до отежната циркулација и до оштетување на бубрегот. Така може да се јават симптоми и знаци на намалена функција на бубрегот.

Малигните миеломски клетки ги активираат клетките во коските (остеокласти) кои ја разградуваат коската и ја блокираат функцијата на другиот вид на клетки во коскената срцевина (остеобласти), чија улога е да ги поправи овие оштетувања на коската. Тоа доведува до слабеење на коскената структура (остеопороза) и до остеолиза (разјадување на коската). Поради тоа чести симптоми и знаци на миеломот се: коскена болка и скршеници.

Поради зголеменото разградување на коските, калциумот од разградените коски се влива во крвотокот и доведува до хиперкалциемија (зголемено ниво на калциум во крвта). Хиперкалциемијата предизвикува дезориентираност, недостаток на течност во организмот (дехидратација), запек, замор и општа слабост.

Миеломските клетки го спречуваат стварањето на нормални антитела против микроорганизмите кои се причинители на инфекциите. Поради тоа е намалена функцијата на имуниот систем во борбата против инфекциите. Пациентите со мултипли миелом имаат почести инфекции и им треба подолго време да се опорават од инфекцијата.

Пациентите со симптоматски или активен миелом ги имаат сите или само некои од овие симптоми.

Доколку не се присутни коскени проблеми, често другите симптоми како заморот, болките во долниот дел на телото и грбот и зачестените инфекции можат да се занемарат или погрешно да се протолкуваат, па да болеста не се дијагностицира на време.

Дијагнозата често се поставува после рутинско тестирање на крвта поради други причини.