• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Мултипли миелом Печати

Мултиплиот миелом (познат уште и како плазмоцитом) е прогресивна малигна хематолошка болест (болест на крвта). Тоа е малигна болест на плазма клетките. Плазма клетките се важен дел од имунолошкиот состем. Тие ствараат имуноглобулини (антитела) и помагаат во борбата на организмот против инфекциите и болестите.

Мултиплиот миелом се карактеризира со изразито зголемен број на абнормални плазма клетки во коскената срцевина (миеломски клетки) и со зголемено создавање на протеини, т.н. моноклонални имуноглобулини (IgG, IgA, IgD, или IgE) или Bence-Jones-ови протеини (слободни моноклонални κ и λ лесни ланци).

За да се разбере ова, потребно е да се знае нешто повеќе за нормалната функција на овие клетки и за функцијата на протеините кои тие ги излачуваат, а тоа е опишано во текстот „Б-клетки и имуноглобулини“.

Вообичаената клиничка слика на мултипниот миелом се манифестира со: анемија, зголемена подложност на инфекции поради намаленото стварање на нормални имуноглобулини, промени во коските во смисол на нивна разретченост или уништување на коскената структура, кои можат да доведат до појава на скршеници на зафатените коски. Обично промените се наоѓаат истовремено во коските на карлицата, на прешлените, ребрата и коските на главата. Бидејќи зафаќа повеќе коски, миеломот се нарекува мултипли миелом.

Како последица на разградувањето на коските, може да доведе до зголемена концентрација на калциум во крвта (хиперкалциемија), која заедно со делувањето на ненормалите и нефункционални протеини, предизвикува оштетување на бубезите.

Б клетки и имуноглобулини

Сите клетки на крвта, па така и плазма клетките, потекнуваат од матичните клетки, кои се наоѓаат во коскената срцевина. Од некои матични клетки во коскената срцевина настануваат малите бели крвни зрнца т.е. лимфоцити.

Постојат два главни вида на лимфоцити: Б-клетки (Б-лимфоцити) и Т-клетки (Т-лимфоцити). Плазма клетките се развиваат од Б-клетките.

Плазма клетките настануваат од Б-клетките, кога во организмот ќе навлезат туѓи материи (или антигени), како што се, на пример, бактериите. Како одговор на навлегувањето на туѓите материи во организмот, плазма клетките создаваат протеини кои се нарекуваат имуноглобулини (Ig), попознати под името антитела. Тие се борат против инфекциите и болестите. Секоја плазма клетка настанува како одговор на одредена туѓа материја (антиген) и ствара специфични антитела против таа туѓа материја т.е. антитело. Затоа, во телото се ствараат многу различни имуноглобулини.

Имуноглобулините се состојат од протеински ланци, два долги наречени тешки ланци и два кратки наречени лесни ланци.

Постојат 5 главни класи на имуноглобулини. Секоја класа има единствен тип на тежок ланец, која се означува со грчка буква: gamma (IgG), alpha (IgA), mu (IgM), epsilon (IgE), или delta (IgD). Секоја класа има нешто поинаква улога во телото. Вообичаено е да една плазма клетка ствара една од овие пет врсти на имуноглобулини. Најзастапени имуноглобулини во периферната крв се оние од класата IgG, потоа следат IgA и IgM.

IgD и IgE се присутни во многу мал број. Лесните ланци на имуноглобулините се означуваат со грчките букви kappa (κ) или lambda (λ).

Абнормалните миеломски клетки се сите исти, идентични, бидејќи потекнуваат само од една клетка, во која настанала промена која ги трансформирала во малигни клетки. Тие поради тоа ствараат големи количини на ист протеин односно имуноглобулин, кој го нарекуваме моноклонален (M) протеин или парапротеин. Иако специфичниот M протеин се разликува од пациент до пациент, кај еден ист пациент тој е секогаш ист, идентичен. Кога ќе се направи испитување на периферната крв или на урината, наречено електрофореза, овој М протеин секогаш се јавува како пик (врв).

За разлика од нормалниот имуноглобулин, телото нема корист од овој абнормален M протеин. Напротив, тој го потиснува стварањето на нормалниот, функционален имуноглобулин, па така нивоата на нормалните имуноглобулини во организмот се намалени кај пациентите со мултипли миелом. Абнормалните М протеини се нефункционални.

Иако овој процес не е до крај разјаснет, се чини дека нормалниот функционален имуноглобулин, кој го ствараат постоечките нормални плазма клетки побрзо се распаѓа кај пациентите со миелом, отколку кај здравите лица.

Инциденца на мултиплиот миелом

Мултиплиот миелом е втор најчест тип на крвна малигна болест, по туморот на лимфните јазли т.н. не-Хочкин лимфом.

Мултипниот миелом учествува со околу 1% од сите малигни заболувања и со 2% од сите случаи на смрт од рак. Честотата на мултипниот миелом е околу 3 - 4 нови случаи на 100.000 лица годишно.

Дијагнозата обично се поставува на возраст од 50 до 70 години, ретко се јавува под 40 годишна возраст.

Точната причина за настанувањето на мултиплиот миелот не е позната, но се знае дека инциденцата расте со возраста. Просечната возраст на пациентите за време на поставувањето на дијагнозата е околу 68 години. 99% од сите мултипли миеломи се дијагностицираат кај лицата над 40 години. Повеќе од 50% случаи на мултипли миелом се јавуваат кај лица со возраст над 71 година од живот.

Статистиките во последно време покажуват дека вкупната инциденца на миеломот расте и дека се почесто се јавува кај лица помлади од 55 години.

Болеста почесто се јавува кај мажите во однос на жените. Причините за тоа не се познати.

Американците од афричко потекло имаат највисока инциденца на миеломот, додека Азијатите имаат најниска инциденца. За илустрација, према најновите податоци, инциденцата во американците од афричко потекло е 9.5 случаи на 100 000 жители, додека кај белците таа е 4.1 на 100 000 жители. Се смета дека причината за зголемената инциденца е последица на генетските фактори и факторите од животната средина.