• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Телемедицина - теледерматологија Печати

Информационата технологија (IT) се повеќе се прифаќа од страна на лекарите како важен фактор на добрата клиничка практика и поради тоа, во скора иднина, информационата технологија ќе претставува составен дел на здравствената заштита.

Телемедицината е дефинирана од Светската Здравствена Организација (СЗО) како практична здравствена заштита која користи интерактивна звучна и визуелна комуникација и размена на податоци. Таа претставува нов технолошки развој и нејзина основна цел е да ја унапреди здравствената заштита и здравствената нега по пат на персонални компјутери.

Важно е да се нагласи дека телемедицината е медицински процес, а не чиста технологија. Се оглед дека е технолошки изводлива и економски исплатлива, телемедицината со право го привлече вниманието на истражувачите.

Многу медицински специјалности и дисциплини веќе развиле и користат информациони технологии, па така денес постојат: теледерматологија, телекардиологија, телепсихијатрија, телеофталмологија, телехирургија, телепедијатрија, телеанестезиологија, телепулмологија, телереуматологија, теленеврологија, телеинфектологија, телемедицина на општа медицина. Во земјите околу нас веќе постојат формирани телемедицински центри, како на пример во: Бугарија, Романија, Унгарија, Грција, Хрватска, Словенија.

Практична медицина - теледерматологија

Теледерматологијата се дефинира како практична дерматологија. Таа користи електронска комуникација и информациска технологија. Теледерматологијата опфаќа: дијагностика, консултации, терапија, размена на медицински податоци, едукација и тренинг на лекарите.

Поимот теледерматологија го вовеле Perednia и Brown во1995 година, користајќи ја новата технологија за дерматолошка консултација на далечина. Теледерматолшката дијагностичка проценка на заболувањето може да се спореди со традиционалната проценка на дерматологот во реално време кога се врши и дерматолошкиот преглед.

Во светот се користат повеќе практични решенија, а точноста на поставувањето на дијагнозата во теледерматологијата изнесува од 59-92%. Овие податоци се базирани воглавно со користење на две методи: видео телеконференциска консултација (VTC) и „зачувај и препрати“(„store and forward“ - SF) метода.

Видео телеконференциска консултација (VTC) истовремено користи видео и звучна трансмисија која овозможува во живо интерактивна комуникација меѓу болниот и лекарот, кој е просторно далеку од него.

SF теледерматологијата е метода која не зависи од времето и местото на користењето. Податоците од литературата говорат дека SF теледерматологијата е ефикасна и дека е полесна и поекономична од VTC теледерматологијата, и покрај одредените технолошки ограничувања.

SF методата вообичаено користи дигитални фотографии и анамнеза кои се испраќаат преку интернет и се наменети за консултација со лекар специјалист – дерматолог, кој е просторно оддалечен. Наједноставниот систем на SF теледерматологијата користи електронска пошта со дигитални фотографии или аудио-видео запис во адекватен дигитален формат, кој претставува теледерматолошки запис. Тие се, преку посебен софтвер или читач на веб, испраќаат до лекарот – консултант и по нивната клиничка обработка (поставување на дијагноза, предлог за терапија), тие се враќаат кај лекарот кој ги испратил податоците.

Во светот се користат различни системи (DORIS систем во Норвешка, , Walter Reed Army Medical Center's во САД, и други). До сега во сетот, единствено „American Telemedicine Association“ има утврдени стандарди за спроведување и користење на теледерматологијатата.

Еволуцијата на SF теледерматологијата е паралелна со напредокот во развојот и усовршувањето на дигиталните фотоапарати и на Интернетот. Нивниот забрзан технолошки развој дозволува брзо и успешено пренесување на дигиталните информации.

Поставување на теледерматолошка анализа

Постои потреба за усогласување на критериумите и за поставување на стандард при поставувањето на теледерматолошката дијагноза. Нивото на дијагностичката сигурност (точност) зависи од самата компјутерска техника со која се располага, од нивото на стручното знаење и од постојаниот теледерматолошки тренинг.

SF теледерматологијата има и одредени ограничувања. Тие ги опфаќаат: квалитетот на сликата, големината на фотографирањето, ограничените податоци за болеста, неможноста за палпација (опипување) на промената, неможноста од дополнителни лабораториски испитувања.

Но, и покрај овие ограничувања, податоците од литературата покажуваат дека SF теледерматолошките консултациски системи, со адекватни подобрувања и подесувања, имаат клиничка оправданост. Лекарите се согласуваат дека дијагностичката точност и клиничката ефикасност на SF теледерматологијата постојано растат. Конечниот заклучок за исплатливоста на користењето ќе зависат од цената на прегледот, од трошоците на користењето и од прифатливоста на прегледот од страна на пациентите.

Теледерматоскопија

Теледермоскопија се изведува така што лекарот, кој ја направил дерматоскопијата ги испраќа снимките по пат IT технологија на друг, поискусен специјалсит –дерматолог. Тој може да даде дијагноза врз база на испратената слика од пигментната промена во дигитален форамат, со адекватна резолуција, со оптичко и дигитално зголемување и со адекватна софтверска обработка.

Технички се изведува многу лесно и претставува голема помош во дијагностиката на кожните лезии, посебно во случаите кога лекарот кој ја изведува дерматоскопиајта нема големо искуство во читањето на наодите од дерматоскопијата. Потврдата на дерматоскопскит наод од страна на поискусен консултат ја зголемува сигурноста на методата и го намалува процентот на непотребни хируршки инервенции.

Дерматоскопија

Дерматоскопијата е нова, неинвазивна дијагностичка техника која користи оптичко зголемување за набљудување на малите кожни промени кои не се видливи со голо око. Дерматоскопијата е клучна дијагностичка метода со која се овозможува разликување на меланоцитните од немеланоцитните пигментирани промени на кожата.

Компјутеризираната дерматоскопија овозможува неинвазивно дијагностицирање на пигментните лезии на кожата со сликање и длабинска проценка на структурите кои не се видливи со голо око. Избраната лезија се снима а притоа се врши проценка и на структурите кои не се видливи со голо око. Софтверот е специјално изработен врз база на познатата АБЦД класификација за пигментни лезии. Притоа се одредува и степенот на ризик за малигнитет. Ако бемката има потреба да се прати во подолг временски период сликата останува запаметена и е на располагање за споредба со секоја наредна контрола.

Оваа софистицирана дијагностичка процедура овозможува рано откривање на ракот на кожата, посебно на малигниот меланом, кој е најопасен вид на кожен карцином.