• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Болка
Типови на болка Печати
Индекс на артикл
Типови на болка
Типови на болка према изворот на болката
Висцерална, неуропатска и фантомска болка
Сите страници

Типови на болка според нејзиното времетраење

Според времетраењето на болката разликуваме: акутна и хронична болка.

Акутна болка

Акутната болка се јавува одеднаш и обично по квалитет е остра болка. Акутната болка е еден од најважните аларми, кој не предупредува дека нешто сериозно се случува. Обично таа е знак за повреда на одредено ткиво или орган во телото и обично исчезнува по излекувањето на повредата. Може да биде предизвикана од огромен број на состојби, најчесто посекотини, удари, фрактури, хируршки интервенции и друго. Обично акутната болка е јака и трае релативно кратко време. Но, таа може да биде и благо изразена и да трае многу кратко или да биде неподнослива и да трае со недели. Акутната болка не трае подолго од шест месеци и исчезнува кога е отстранета причината која ја предизвикала. Во некои случаи акутната болка може да продолжи во хронична болка. Акутната болка е остро ограничена на повредениот дел, истата може точно да се локализира, пред да се рашири на околните делови. Овој тип на болка добро реагира на лекови.

Хронична или перзистентна болка

Хроничната болка се дефинира како болка која трае повеќе од 3 или 6 месеци. Таа може да биде блага, умерена или многу јака. Хроничната болка е многу повеќе субјективна и неможе така лесно да се опише како акутната болка. Ефикасното лекување на хроничната болка е вистински предизвик за лекарот Овој тип на болка често го нарушува животот на пациентот на повеќе начини. Така, хроничната болка може да доведе до промени во карактерот на пациентот, да ја наруши способноста за нормално функционирање и да го наруши квалитетот на животот на пациентот.

Според Американското Друштво за Рак (American Cancer Society), хроничната болка може да содржи два вида на болка: перзистентна и пробивна болка. Обично пациентите со карцином ги имаат и двата вида на болка. Перзистентната болка е континуирана и може да трае во тек на целиот ден. Пробивната болка е краткотрајно распламнување на јака болка и покрај тоа што пациентот е на редовна терапија за болка и редовно зема лекови во точно одредени временски интервали. Оваа пробивна болка најчесто се јавува нагло, одненадеж и може да трае од неколку минути до еден час. Многу болни може да имаат повеќе епизоди на пробивна болка во текот на денот и тие епизоди да се повторуваат секој ден. Пробивната болка може да биде последица од самиот карцином или од третманот на карциномот и може да се јави за време на одредени активности (одење, облекување, кашлање). Пробивната болка, исто така, може да се јави неочекувано, без некоја видлива причина. Таа обично се лекува со јаки, краткоделувачки лекови кои делуваат побрзо од лековите кои се користат за перзистентната болка.


Типови на болка према изворот на болката

Искуството на болка може да се групира и според изворот на болка и поврзаните ноциоцептoри (неврони кои детектираат болка).

Постојат пет типа на болка, во зависност од тоа каде таа се чувствува во телото на болниот: кожна, соматска, висцерална, неуропатска и фантомска. Болката од сите пет типа може да биде акутна или хронична. Соматската, висцералната и неуропатската болка можат да бидат присутни истовремено кај пациентот или секоја посебно да се јави и во различнo времe. Повеќето пациенти имаат истовремено и соматска и висцерална болка. Само околу 5% од сите пациенти имаат неуропатска болка. Различните типови на болка даваат различен одговор на различните видови на терапија за болка. Соматската и висцералната болка се полесни за ублажување и нивно ставање под контрола, отколку неуропатската болка.

Кожна болка

Кожната болка е предизвикана од повреда на кожата или површинските ткива. Кожните ноциоцептори завршуваат непосредно под кожата, и поради големата густина на нервни влакна, даваат точно дефинирана, локализирана болка. Може да се јави како последица на инфилтрација на кожата од страна на туморот.

Соматска болка

Соматската болка потекнува од лигаментите, коските, крвни садови и нервите.

Соматската болка е детектирана од соматските ноциоцептори кои произведуваат карактеристична тапа болка, која трае доста подолго од кожната болка, на пример скршена коска. Соматската болка е предизвикана со активирањето на рецепторите за болка било во кожата (на површината на телото) или во длабоките ткива и органи (мускулноскелетни ткива). Кога болката ќе се јави во мускулноскелетните ткива, таа се нарекува длабока соматска болка. Вообичаени причини за соматската канцерска болка се: присутните коскени метастази (пример за длабока соматска болка) и постоперативна болка поради хируршка инцизија (пример за површинска болка). Соматската ноцицепторна болка е обично добро локализирана на местото на оштетувањето на тивото. По својот карактер длабоката соматска болка обично се опишува како досадна, може да биде тапа или како сврдел или остра, пробивна. Површинската соматска болка е обично поостра и може да биде во вид на горење (жарење) или прободи (боцкање).

Заклучок
  • Соматската болка е последица на инвазија на туморот во коските, зглобовите, мускулите и сврзното ткиво.
  • Поретко може да биде предизвикана од хируршки зафат, од хемотерапијата или од радиотерапијата.
  • Предизвикана е со надразнување на периферните ноцицептори.
  • Најчесто е континуирана, добро локализирана.
  • Се појачува при движење или при оптеретување.

 


Висцерална болка

Висцерална болка е болка која доаѓа од внатрешните органи како: срцето, белите дробови, системот за варење и урогениталниот систем. Висцералните ноциоцептори се лоцирани во внатрешноста на телото и во обвивките на органите. Распоредот на овие рецептори за болка е уште поредок во однос на соматските рецептори. Малата густина на рецепторите во висцералните органи, ја прави оваа болка слабо локализирана. Висцералната болка е последица на индиректното надразнување на ноцицепторите со растегнувањето, исхемијата, хипооксијата и воспалението. Таа може да се пренесе во површинските структури, како што се мускулите или кожата (болки во грбот поради карцином на панкреасот). Според тоа, висцералната болка е предизвикана со активација на рецепторите за болка од присутната инфламација, компресија, екстензија или растегнување на торакалниот, абдоминалната или карличната висцера. Чести причини за висцерална болка ја вклучуваат карциномот на панкреасот и метастазите во абдоменот. Висцералната ноцицепторна болка е обично послабо локализирана, повеќе дифузна, а по карактер е често во вид на болни грчеви или обично се опишува како чувство на длабоко притискање. Најчесто е многу силна, тешко се поднесува и обично го активира целиот автономен нервен систем, предизвикувајќи брзо чукање на срцето, брзо дишење, потење, но и страв и паника.

Заклучок
  • Болка во висцералните органи: срце, бели дробови, органите за варење и органите на урогенителниот систем.
  • Последица е на индиректното надразнување на ноцицепторите, со растегнувањето, исхемијата, хипооксијата и воспалението.
  • Малата густина на рецепторите во висцералните органи ја прават оваа болка слабо локализирана.
  • Може да се пренесе на површинските структури како што се мускулите и кожата (пример: болка во грбот поради присутен карцином на панкреасот).

 

Невропатска болка

Невропатската болка е предизвикана од оштетување на нервниот систем, било како резултат на туморската компресија на нервите или рбетниот мозок, или поради инфилтација на нервите или рбетниот мозок од страна на туморот. Исто така, невропатксата болка може да се јави како последица на хемиското оштетување на нервниот систем, кое може да биде последица од третманот на карциномот (хемотерапија, радиотерапија, хирургија). Невропатската болка е многу јака и по својот карактер обично е во вид на жарење, прободи, трнење, штипење,а понекогаш може да биде предизвикана и само од лесен допир. Туморите кои лежат и притискаат на нервните структури се смета дека се причина за изразито јаката болка кај пациентите со карцином. Невропатската болка во однос на локализацијата е т.н.пренесена болка, бидејќи причината за болката е на друго место од местото каде се чувствува болката.

Заклучок
  • Невропатската болка е последица на компресија или директна инфилтрација на периферните нерви со туморот.
  • Може да ја предизвика немотерапијата или радиотерапијата или хируршкиот третман.
  • Тоа е жаречка, пробивна болка.

 

Фантомска болка

Фантомска болка е чувството на болка во екстремитетот (рака или нога) кој е оперативно отстранет. Оваа појава се јавува речиси исклучиво кај пациенти кај кои е ампутиран екстремитетот (пример при оперативно отстранување на екстермитетот поради примарен коскен тумор-остеосарком) или кај пациенти со квадриплегија (парализа на сите екстремитети).

Малигната болка најчесто е ноцицептивна болка (64%), а може да биде мешана болка (31%) и невропатска болка (5%).