• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Алтернативи методи кај канцерот
Жалфија – лек од природата Печати

Обичната жалфија (Salvia officinalis) е мало повеќегодишно грмушесто растение со задрвенето стебло, сивкасти листови и сини до розево-виолетови цветови.

Жалфијата се култивира како зачинска и медицинска билка. Ова растение е познато и од делови на Европа, особено на Балканскиот Полуостров, каде служи за добивање на етерични масла.

Латинскиот назив на целиот род Salvia потекнува од латинскиот збор „salvare“, што значи „спасување, лечење“, бидејќи Римјаните уште пред 2000 години ја ценеле и ја користеле за лечење.

Во фитотерапијата се користат листовите од жалфија кои се сивобеличести поради присуството на нежни влакна. Се собираат во период кога се развиваат цветните пупки – во мај и јуни.

Делотворноста на лисјата се должи, пред се, на присуството на етерско масло (1.5 - 2.5 отсто), кое има антимикробно и антивоспалително дејство. Во лабораториски услови е докажано дека етерското масло ги уништува бактериите Eshericia colli, Schigela sonei, Salmonela, а нешто послабо дејство против бактериите од групата на стафилококи и стрептококи. Таа е ефикасна и во уништување на некои видови на габи како: cadida albicas, cadida krusei, cadida pseudotropicalis, torulopsis glabrata и cyptococcus eoformas.

Поради ваквото дејство, жалфијата е корисна билка за лекување воспаленија и инфекции на слузниците во устата, непцата, грлото. При овие заболувања се препорачува гаргара со концентриран чај: 2 супени лажици иситнети суви лисја се попаруваат со 500 мл жешка вода. Садот стои покриен 20 до 30 минути, а потоа се процедува. За да биде лекувањето успешно, мора да се прави гаргара редовно, на секои 3 часа.

Жалфијата ги омекнува слузните секрети од воспалените слузници на дишните органи, односно полесно можеме да ги искашламе. Поради тоа против бронхит може да се пие чај од жалфија. Чајот се припрема со 1 супена лажица суви лисја и 500 мл вода. Се пие три пати на ден по 150 мл. Треба да се избегнува долготрајно пиење чај од жалфија бидејќи етерското масло на жалфијата содржи токсична супстанција тујон.

Сувите лисја се употребуваат и како зачин бидејќи ги подобруваат вкусот и мирисот на храната, а го потпомагаат и нејзиното варење.

Чајот од жалфија може да се употреби и како средство за подобрување на функциите на жолчката и на црниот дроб, бидејќи горчливите материи и етерското масло го зголемуваат лачењето на соковите во дигестивниот систем. Поради стегливото дејство на танините и антимикробното и антивоспалителното дејство на етерското масло, чајот од жалфија е добар избор при пролив, колит и гасови во црева.

Чајот од жалфија има и диуретично дејство, кое е послабо изразено, а се должи на присуството на флавоноидите. Може да помогне и при хронични заболувања на мочните патишта.

Од многу одамна било познато дека чајот од жалфија е мошне ефикасен лек против потење. Ваквата моќ на жалфијата се објаснува со нејзиното дејство врз нервниот центар, кој ја регулира работата на жлездите што лачат пот. Најчесто се препорачува да се пие против потење од нервно потекло или при топлотни банови кои се јавуваат во менопауза.

Нанесен врз кожата, чајот од жалфија ја затегнува кожата и ги смирува воспаленијата. Особено е добар за масна кожа со отворени пори и за воспалена кожа.

Етерското масло од жалфија е безбојна или жолтозелена течност со ароматичен и горчлив вкус. Се додава во средства за нега на уста, во дезодоранси, сапуни, шампони за коса и во тоник за лице.

Жалфијата е извонредно средство за белење на забите, јакнење на непцата и помошно средство при парадентоза. Една мала лажица лисја од жалфија се помешува со 1 капка етерско масло од нане и малку сода-бикарбона. Со оваа мешавина се тријат забите и непцата два пати неделно.

 

Најчитани текстови