• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Камен во жолчна кеса - често причина за рак Печати

Се смета дека на 100 извршени операции на отстранување на жолчна кеса, поради камен во неа, барем во еден случај е спречено настанувањето на ракот.

Затоа, нападот на жолчната кеса не треба да се занемари.

Ракот на жолчната кеса е исклучително ретко малигно заболување. Кога се дијагностицира, во 70% од случаите тој е придружен со присуство на камен во жолчната кеса. Каменчињата може да бидат причина за ова малигно зболување, бидејќи ризикот за малигната дегенерација е во корелација со времето на присуството на каменот во жолчната кеса. Ракот на жолчната кеса обично се јавува кај постари лица како што може и да се очекува според честотата на појавување на каменчиња во жолчната кеса во таа возраст и два пати почесто се јавува кај мажите.

Најчест патохистолошки тип на рак на жолчната кеса е аденокарцином. За жал, растот и ширењето на овие тумори е брзо. Туморот брзо се шири со директна инвазија на црниот дроб, а преку лифните садови метастазира во лимфните јазли под дијафрагмата. Само во ретки случаи, кога карциномот е случаен наод после одстранување на жолчната кеса (поради камен или воспаление), се наоѓа тумор локализиран само на жолчната кеса.

Симптоми и знаци на ракот на жолчната кеса

Најчест симптом на ракот на жолчната кеса е болката која е многу слична со онаа при постоење на камен во жолчната кеса. Истата болка е присутна во 70% од пациентите со рак, со тоа што обично болките при ракот се попостојани.

Запушувањето на каналот на жолчната кеса со туморот (кој ја одведува жолчката во дванаестопалачното црево), може да доведе до напад на акутно воспалените на жолчната кеса и до развој на сите симптоми на ова заболување. Друг чест симптом е обструктивната жолтица, кога болниот нагло пожолтува.

Поставување на дијагноза на ракот на жолчната кеса

За поставување на дијагнозата на ова малигно заболување важна е детално земента анамнеза и физикалниот преглед по системи. Обично пациентот се жали на болка под десниот ребрен лак.

При преглед на болниот често може да се најде тумефакт под десниот ребрен лак. Но, ваков тумефакт може да се напипа и при симптоми на акутно воспаление на жолчната кеса. Затоа, потребни се и дополнителни испитувања, со цел да се постави дефинитивна дијагноза на болеста. Ултразвучниот преглед, компјутеризираната томографија (КТ) и/или магнетната резонанца (МРИ), заедно со лабораториските испитувања се клуч за точната дијагноза.

Ултразвучниот преглед и КТ скенот можат да го прикажат туморот и границите на неговата проширеност, но почесто ги покажуваат само каменчињата во жолчната кеса. Само 20% од случаите на рак на жолчна кеса се дијагностицираат предоперативно. Најголем проблем на ова подмолна болест е токму нејзиното тешко дијагностицирање, поради сличноста на симптомите како и при постоење на камен на жолчната кеса.

Инциденцата (појавувањето) на ракот на жолчната кеса се смалува со онаа брзина со која се зголемува фрекфенцијата на операцијиите за отстранување на жолчната кеса. Се смета дека на 100 извршени операции на отстранување на жолчна кеса, поради камен во неа, барем во еден случај е спречено настанувањето на ракот.

Хируршка терапија

Терапијата на ракот на жолчната кеса е исклучиво хируршка. Ако за време на операцијата се препознае карциномот на жолчната кеса треба, покрај отстранувањето на жолчната кеса, да се отстрани во вид на клин (клинеста ресекција) и дел од црниот дроб, во блок околу 3-5 cm „во здраво“.

Доколку ракот е откриен со патохистолошка анализа на хируршки отстранетата жолчна кеса т.е со рутинскиот преглед на патологот „под микроскоп“, треба да се изврши уште една операција која ќе направи клинесто отстранување на црниот дроб во блок околу лежиштето на жолчната кеса, 3-5 cm „во здраво“ но и лимфаденектомија (хируршко отстранување на лимфните јазли под црниот дроб).

Само во ретки случаи, кога туморот не продрел во мускулниот слој на жолчната кеса, доволна е само првата операција, односно само отстранување на жолчната кеса.

Радиотерапијата и хемотерапијата, за жал имаат мал ефект.

Само 5% од болните преживуват 5 години по поставувањто на дијагнозата и воглавно тоа се пациенти на кои болеста им е откриена за време на рутинска холецистектомија (хируршко отстранување на жолчната кеса), направена поради присутен камен или воспаление, значи кај кои болеста е откриена во ран стадиум.