• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции - Имунотерапија PDF Печати
Недела, 15 Јуни 2008 18:32
Индекс на артикл
Третмански опции
Хируршко лекување на туморите на бубрегот
Радиотерапија
Таргет (целна) терапија
Имунотерапија
Хемотерапија
Сите страници

Имунотерапија (биолошка терапија) кај тумори на бубрег

Бидејќи хемотерапијата кај карциномот на бубрегот не даде задоволителни резултати, истражувачите бараат нов пристап наречен биолошка терапија (имунотерапија). Ова е терапија која го засилува сопствениот имунолошки систем кај човекот со што се помага во уништувањето на канцерските клетки. До сега, ова е најчесто користен иницијален (првичен) третман за напреднат карцином на бубрегот.

Правени се многу експериментални клинички студии кои покажуват дека карциномот на бубрегот поседува асоцирани антигени.

Фактот дека по реализираната радикална нефректомија доаѓа до регресија или исчезнување на метастазите на белите дробови кај некои пациенти, укажува на улогата на имунолошките фактори во уништувањето на туморот.

Денес се користи специфична и неспецифична имунотерапија.

Вакцината BCG се користи како неспецифична имунотерапија.

Специфичната имунотерапијата кај карциномот на бубрегот се спороведува со примена на цитокини.

Цитокините претставуваат хетерогена група на белковини со мала молекуларна маса кои функционираат како медијатори на клеточните комуникации во физиолошки и патолошки услови. Тие имаат регулаторна функција во имуниот систем. Нив ги продуцираат лимфоцитите и моноцитите. Цитокините кои ги продуцираат лимфоцитите, се нарекуваат лимфокини, а оние кои ги продуцираат моноцитите-монокини. Во цитокини спаѓаат: интерферонот, интерлеукините, факторот на туморска некроза и хематопоетските фактори на раст.

Интерфероните имаат имуномодулаторни, антивирусни и антипролиферативни ефекти врз нормалните и туморские клетки во сите стадиуми на клеточниот циклус. Особено се активни во инхибицијата на синтезата на РНК и протеините кои се потребни за синтеза на ДНК. Го модулираат имуниот систем со дејствување врз природните клетки-убици, ја активираат фагоцитната активност на макрофагите (клетки-убици во организмот) и ја зголемуваат експресијата (појавата) на многубројни антигени кои се наоѓаат на површината на клетката.

Сепак, сеуште не е потполно разјаснет механизмот на противтуморското дејство на интерферонот, а се смета дека дејствува директно цитотоксично или преку лимфоцитите и макрофагите.

Постојат 3 групи на интерферони: алфа, бета и гама, но најчесто применуван е интерферонот-алфа.

Прво се користеше интерферон (IFN), а подоцна се докажани подобри резултати со интерферон-алфа и бета. Во колаборативна студија на Американското канцеролошко друштво, според известувањата на Kirkwood и соработниците, со хуманиот интерферон-алфа се постигнале 10% објективни одговори кај 30 болни со метастатски аденокарцином на бубегот, а Dekernion и соработниците објавиле одговор од 16%.

Со примената на интерферонот-алфа, ремисиите се краткотрајни, а може да почнат дури после 4 месеци од лекувањето.

Како несакани ефекти од инмунотерапијата се наведуваат високата температура, замор и малаксалост.

Интерферон-алфа се применува како монотерапија кај метастатскиот и рекурентниот тумор на бубрегот. Вообичаени дози се 5-10MIU дадени поткожно, 3-5 дена во неделата. По 2-3 месеци се прави клиничка евалуација на болеста и доколку се констатира стагнација или регресија на болеста се продолжува со терапијата до две години континуирано или се до појава на прогресија на болеста. Во спротивно, доколку постои прогресија на болеста и за време на терапијата со интерферон-алфа, истата се прекинува. Терапијата се интерферон-алфа дава најдобар одговор кај белодробните метастази и кај метастазите во меките ткива. Процентот на одговор изнесува 15-20%.

Интерлеукините се хемиски супстанции кои спаѓаат во групата на цитокини. Од досега петнаесетина интерлеукини, во клиничка употреба најчест е интерлеукин2 (IL-2). Овој лимфокин е протеин којшто го продуцираат активирани Т-клетки како одговор на дејството на антигенот и инерлеукинот-1. Тој ги стимулира Т-клетките и го активира нивниот цитотоксичен одговор, го стимулира туморицитниот ефект на макрофагите, претставува кофакор во растот и диференираноста на Б-клетките, го стимулира ослободувањето на други цитоткини. Т лимфоцитите се вклучени во одбрамбената реакција на организмот.

Интерлеукин-2 (IL-2) се користи во терапијата на локално напреднат и метастатски карцином на бубрегот. Терапијата со интерлеукин-2 (IL-2) може да доведе до намалување на туморот и до повеќе од половина од неговата првична големина. Процентот на одговор изнесува од 10-26%. Тој има предност кај болни со срцеви и белодробни хронични болести, бидејќи е помалку токсичен од интерферонот.