• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Третмански опции - Радиотерапија PDF Печати
Недела, 15 Јуни 2008 18:32
Индекс на артикл
Третмански опции
Хируршко лекување на туморите на бубрегот
Радиотерапија
Таргет (целна) терапија
Имунотерапија
Хемотерапија
Сите страници

Радиотерапијата во третманот на туморите на бубрег

Радиорезистентноста на бубрежниот карцином ја прави радикалната нефректомија метода на избор при овие тумори. Болни лекувани само со операција, имаат петгодишно преживување од 20-25%. Кај нив брзо се јавуваат локални рецидиви, а кај 60% од болните се јавуваат далечни метастази во првите 14-16 месеци по нефректомијата. Поради тоа, радикалната нефректомија и постоперативното зрачење ги подобруваат резултатите на петгодишното преживување од 40-50%, но тоа, сепак, зависи од стадиумот на болеста и кога е применета радиотерапијата.

Но, многубројни рандомизирани студии, меѓу нив и на Finney, не ја фаворизираат радиотерапијата, бидејќи овие студии покажале нејзино минимално влијание на петгодишното преживување.

Сепак, денес се смета дека индикација за зрачење е продор на туморот во периреналното масно ткиво, односно ширење на туморот надвор од бубрежната фасција, како и присуство на метастази во регионалните лимфни јазли.

Сепак, нема сигурни докази дека радиотерапијата има позитивна улога во терапиското водење на туморите на бубрегот.

Радиотерапијата може да се применува како предоперативна и постоперативна.

Предоперативна радиотерапија

Се применува кај локално напреднатите тумори на бубрег, со цел да доведе до нивно намалување, а со тоа да се зголеми процентот на комплетна операбилност. Предоперативната радиотерапија има за цел да ги озрачи туморските клетки, да ги фиброзира крвните садови и со тоа да го олесни хируршкиот зафат.

Предоперативната надворешна радиотерапија користи високоенергетски фотони (15-20 MV) од линеарен акцелератор, со користење на повеќе зрачни полиња (4-6) и со остварување на вкупна туморска доза од 30 Gy , со 2 Gy по фракција дневно, пет дена во неделата, од понеделник до петок, во тек на 3 седмици или доза од 40 Gy по фракција во тек на 4 седмици. Радикалната нефректомија следува веднаш по реализираната предоперативна радиотерапија.

Но, денес, со воведувањето на предоперативната емболизација, преоперативната радиотерапија го губи своето практично значење.

Постоперативна радиотерапија

Постоперативната радиотерапија се спроведува во одредени случаи, и тоа кај:

  • нересектабилни неметастатски тумори на бубрег,
  • некомплетна ресекција со присуство на голем резидуален тумор или микроскопски позитивни хируршки рабови,
  • локално напреднат тумор – T3a или T3c,
  • присуство на лимфонодални метастази,
  • високоградусни-лошо диференцирани тумори.

Се користат високоенергетски фотони (15-20 MV) од линеарен акцелератор, со остварување на вкупна туморска доза од 50 Gy, со 2 Gy по фракција, пет дена во седмицата, во тек на 5 седмици. Се спроведува со техника на повеќе зрачни полиња (предно, задно и две латерални полиња). Оваа доза се остварува во пределот на бубрежната регија и регионалните лимфни јазли. За одредување на иницијалниот целен волумен се користи CT-скен со пресеци што се на растојание од 0.5см. Дополнителна (boost) доза се остварува во пределот на микроскопската или резидуалната болест и таа изнесува 10-15 Gy.

Пациентите се третираат позиционирани во супинација (на грб) користејќи високоенергетски фотони (15MV) од линеарен акцелератор. Сите зрачни полиња се третираат изоцентрично секој ден, 5 дена во неделата (од понеделник до петок), со 1,8-2Gy по фракција до остварување на тоталната туморска доза. Ласерите и кожните тетоважи се користат за позиционирање на пациентот, а латералната ротација се спречува со помош на латералните тетоважи на илијакалните кристи.

Кај иноперабилни тумори, без далечни метастази, како и кај иноперабилни пациенти поради постоење на некои други интернистички болести, може да се примени и радикална радиотерапија.

Палијативна радиотерапија

Иноперабилните тумори на бубрегот со далечни метастази се следени со хематурија и болки, и тие се индикација за краткотрајно палијативно зрачење и емболиазација на туморот. Дозата на зрачење е 20-35Gy во 10-12 сеанси, а може да се очекува престанок на крварењето и ублажување на болката.

Посебен тераписки проблем претставува лекување на малигнен тумор на бубрег, ако болниот има само еден бубрег, и на него постои верифициран бубрежен карцином. Во таков случај, радикалната нефректомија е неизводлива, па се применува радиотерапија на дел од бубрегот каде што е локализиран туморот, при што дозата на зрачење треба да е радикална ( да е доволно висока да доведе до уништување на туморот).

Метастазите на коските кај болни со тумор на бубрег даваат јаки болки кои со зрачење кај 70% од болните се губат, по поради тоа зрачењето се применува во палијативни цели кај овие болни.

Исто така, палијативната радиотерапија се применува и кај пациенти со присутни метастази во мозокот, кај кои се спроведува озрачување на целиот мозок со доза од 30Gy во тек на 10 сеанси, со што се ублажуваат постоечките симптоми и се подобрува квалитетот на животот на пациентот.