• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Дијагностички постапки PDF Печати
Недела, 15 Јуни 2008 18:14
Индекс на артикл
Дијагностички постапки
Дополнителни процедури
Сите страници

Дијагностички испитувања и постапки

За успешно лекување на карциномот на бубегот важна е раната дијагноза. Кога ќе се јават одредени симптоми и знаци кои поставуваат сомнеж за постоење на карцином на бубрегот потребно е да се направат одредени дијагностички испитувања. Секоја појава на безболна хематурија бара детално испитување. Затоа при секое појавување на крв во мочката неопходно е веднаш да се отиде на лекар.

За поставување на рана дијагноза при тумор на бубрегот важен е редоследот на испитувањата. Потребно е да се направат повеќе испитувања.

Во дијагностички процедури за карциномот на бубрегот спаѓаат:

  • анамнеза и физикален преглед од страна на уролог,
  • лабораториски преглед на мочта и крвта,
  • цитолошки преглед на мочта,
  • ултразвучен (ехотомографски) преглед,
  • пиелографија,
  • компјутерска томoграфија (КТ) на абдоменот и градниот кош,
  • магнетна резонанца (МРИ),
  • биопсија од туморската промена во бубрегот,
  • биопсија на лимфните јазли,
  • сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот.

Првични дијагностички испитувања

Првиот пристап во дијагностичкото испитување се анамнезата и физикалниот преглед.

Анамнеза:

Пациентот дава анамнестички податоци за неговите минати заболувања, неговите животни навики, (како на пример пушење), за изложеноста на одредени хемиски канцерогени фактори, како и за евентуалното присуство на сегашни тегоби. Од сите овие првични податоци, докторот ќе процени дали постои ризик за присутен карцином на бубрегот. Потоа следи физикалниот преглед.

Физикален преглед:

Урологот ќе изврши детален прегед. При прегледот може да се открие палпабилен тумор во абдоменот, како и некои други промени. Физикалниот преглед е многу важен и тој со анамнезата е привичен пристап во поставувањето на дијагнозата на карциномот на бубегот.

Анализа на мочта:

Анализата на мочта дава прецизни податоци за состојбата на мочните канали, мочниот меур и бубрезите. Таа може да покаже и постоење на придружна бактериска инфекција. Пациентот дава мочка за микробактериолошка анализа. Доколку анализата покаже присуство на бактерија, се прави и антибиограм (се одредува кој антибиотик е најефикасен за лекување на бактеријата која е изолирана од мочта). Исто така се испитува и присуство на крв, белковини или шеќер во мочта. Било која абнормалност во уринарниот тест индицира понатамошни испитувања.

Лабораториски (биохемиски и имунолошки) испитувања на крвта:

Во рутинските испитувања на крвта спаѓаат: преглед на комплетната крвна слика, на седиментацијата и други биохемиски испитувања за утврдување на функцијата на бубрезите (нивото на серумскиот креатинин, уреа, алкална и кисела фосфатаза и др.) Доколку функцијата на бубрезите е оштетена, вредностите на уреата и креатининот ќе бидат повисоки од нормалните граници.

Цитолошки преглед на мочта:

Тоа е микроскопски преглед на мочта со цел да се утврди присуство или отсуство на карциномски клетки. Доколку овој тест е позитивен, односно се откријат малигни клетки во мочта, испитувањето продолжува.

Доколку со овие првични испитувања се постави сомнеж за постоење на карцином на бубрегот, се продолжува со дополнителни дијагностички процедури.


Дополнителни дијагностички процедури

Ултразвучен (ехотомографски) преглед

Ова е неинвазивна, безболна дијагностичка процедура. Се изведува со помош на специјален апарат со сонда кој користи звуци со висока фрекфенција. Преку сондата се регистрираат одбиените зрачни бранови и врз основа на разликата од упадниот сноп на ултразвучните зраци и одбиените зраци се добива слика за внатрешните органи и структури на телото. Таа слика се гледа на монитор. Сондата се поставува на површината на телото на абдоменот.

Со оваа метода се испитуваат контурите на бубрегот, но и структурите на сите органи во абдоменот.

Со ехотомографскиот преглед може точно да се одреди големината на туморот, како и тоа дали тој е проширен во околните структури и органи во абдоменот.

Пиелографија

Тоа е дијагностичка метода при која се прават повеќе серии на рендгенски филмови на целиот уринарен тракт кои се прават по вбризгување на специјален контраст во вена (интравенска пиелографија-ИВП) или со вбризгување на контраст во уретрата (ретроградна пиелографија).

Со ова метода се визуелизираат сите органи на уринарниот систем и може да се откријат одредени абнормалности.

Компјутерска томoграфија (КТ) на абдоменот и градниот кош

Компјутерсктата томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и напречни пресеци на сите ткива и органи. КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ дава морфолошки изглед на туморот на бубрегот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот и неговата проширеност во околните ткива и структури, како и присуство на метастази во белите дробови и органите во абдоменот (пример во црниот дроб или во регионалните лимфни јазли) и дали постои опструкција во мочните патишта и оштетување на бубрезите поради таа опструкција.

КТ се користи и за планирање и соодветно администрирање на радиотерапијата со помош на КТ симулатор.

КТ се коористи и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.

Магнетна резонанца (МРИ)

При прегледот со магнетна резонанца се користат силни магнетни полиња, со кои се добиваат неверојатно јасни и детални слики од внатрешните органи и ткива.

При МРИ не се изложува пациентот на дополнително озрачување, бидејќи се користат електромагнетни бранови. Тоа е безболна процедура без несакани ефекти.

Оваа дијагностичка процедура може да помогне во откривањето на присутни метатстази во лимфните јазли или коските.

Биопсија

По поставувањето на дијагноза за присутен тумор во бубрегот, лекарот може да препорача биопсија од суспектната промена, со цел да се постави дефинитивна дијагноза за карцином.

Урологот може со помош на специјална игла да земе парчиња од ткивото на промената. Биопсијата се изведува со анестезија, меѓутоа сепак може да биде непријатна. Постои мал ризик од инфекција. Затоа се даваат антибиотици за превенција на инфекција. Биопсијата обично е водена со помош на компјутерска томографија. По земањето на примероците од туморот во бубрегот тие се праќаат на микроскопско испитување кај специјалист-патолог. Дефинитивната дијагноза на карциномот се поставува со микроскопското прегледување на примерокот од ткивото земено при биопсијата. Патологот може да одреди дали има присуство на карциномски клетки, да го утврди видот на карциномот како и неговата агресивност (колку брзо може да расте туморот).

Патолошката дијагноза треба да се направи споед класификацијата на СЗО (Светската здраствена органиозација) од материјалот добиен со биопсија на промената во бубрегот.

Биопсија на лимфните јазли

Доколку со помош на КТ и МРИ се открие присуство на зголемени лимфни јазли, биопсијата на лимфните јазли може со сигурност да утврди дали постојат карциномски клетки во нив.

Сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот

Карциномот на бубрегот може да даде коскени метастази кои настануваат со расејување на карциномските клетки од бубрегот по крвен пат. Може да биде зафатена било која коска од телото, но најчесто промените се во р`бетот и карлицата.

Со сцинтиграфскиот преглед на скелетот се откриваат овие промени во целиот скелет.

Овој преглед се изведува со претходно вбризгување на раствор со радиоактивен технициум кој се аплицира во вена. По 1 и пол час од аплицирањето се прави сцинтиграфскиот преглед. Радиоактивниот технициум се депонира во метастатските промени во сите коски од скелетот и на тој начин се добива снимка на која се гледаат метастазите како темни зони.

Методата е безболна, и не дава никакви несакани ефекти.

Многу е прецизна и со неа може да се откријат и најмали промени.