• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Хепатоцелуларен карцином - примарен малиген тумор на црниот дроб Печати

Примарните малигни тумори на црниот дроб се петти по честота на јавување меѓу малигните заболувања. Многу почести се метастатските тумори на црниот дроб, кои се јавуваат од примарните тумори на другите органи (рак на дојка, рак на бели дробови, рак на дебело црево и други).

Примарните тумори на црниот дроб се од епителијално или од мезенхимално потекло. Најчест епителијален тумор на црниот дроб е хепатоцелуларниот карцином (HCC).

Црниот дроб е орган кој има голема функционална резерва, заради што симптомите и знаците на малигното заболување се притаени и подмолни. Тие често се и неспецифични. Тегобите ретко се јавуваат во раните стадиуми на болеста, па затоа ракот на црниот дроб често се нарекува „тивка болест“. Како што туморот расте се јавуваат и симптомите на болеста.

Најчести симптоми на примарниот рак на црниот дроб се: зголемен и болно осетлив црн дроб, малаксаност, губиток на телесна тежина и поретко жолтица.

Симптоми и знаци на примарниот рак на црниот дроб

  • Болка под десниот ребрен лак, која може да се шири во грбот и према рамото,
  • присуство на течност во стомачната празнина,
  • губиток на телесна тежина,
  • губиток на апетит,
  • општа слабост и малаксаност,
  • жолтило на кожата и белките на очите, поради зголемените количини на билирубин во крвта,
  • темна мочка која се јавува поради зголемената количина на билирубин во крвта и мочта,
  • покачена телесна температура,
  • мачнина и повраќање,
  • портална хипертензија.

Особено драматична клиничка слика се манифестира при руптура на туморот, при што се јавува јака пробивна абдоминална болка и состојба на шок, поради интензивно крварење во стомачната празнина.

Рана дијагностика

Денес е можна дијагноза на болеста во нејзината рана фаза, што овозможува примена на хируршки методи на лекување на туморите на црниот дроб, а што порано не било можно. Успесите од терапијата на оваа форма на рак и денес даваат лоши резултати.

Надеж дава превенцијата, односно вакцинирање против хепатит Б, како и надежта за развој на вакцина за хепатит Ц. Хепатитот Б и Ц се најзначајни фактори на ризик за настанување на малигните заболувања на црниот дроб.

Хепатоцелуларниот карцином (HCC) е во повеќе од 90% од случаите придружен и со цироза на црниот дроб. Почесто се јавува кај мажите. Неговата дистрибуција зависи од дистрибуцијата на вирусите на хепатитот, како и од регионалната изложеност на другите хепатотоксични агенси кои се, исто така, фактори на ризик за настанување на ракот на црниот дроб.

Прогнозата на примарниот рак на црниот дроб е лоша и не зависи само од проширеноста на туморот, туку и од функционалната резерва на црниот дроб. Алкохолната цироза често доведува до рак на црниот дроб, посебно во фазите на апстиненција.

Сепак, вирусните хепатитиси Б и Ц се најчести причинители за настанувањето на примарниот рак на црниот дроб. Болеста се јавува 10-29 години по инфекцијата со вирусот на хепатитот Ц. Инфекциите настануваат и во раното детство со користење на нестерилни шприцеви и игли, а кај возрасните инфекцијата најчесто настанува кај наркоманите поради користење на заеднички нестерилни игли или при трансфузии со заразена крв со вирусите на хепатитот.

Во Европа и во Америка е 4 пати поголем ризикот за настанување на хепатоцелуларен карцином (HCC) кај алкохоличарите, иако алкохолот сам по себе не се смета за карциноген, но тој ги појачува оксидациските процеси и ја смалува имунолошката отпорност на организмот.

Поставување на дијагноза

Дијагнозата се поставува со внимателно земена анамнеза, физикален преглед по системи, лабораториски испитувања, рендгенографски испитувања, инвазивни дијагностички процедури (за цитолошка и хистолошка дијагноза), радиоизотопски и ехотомографски испитувања.

Дефинитивната дијагноза на HCC се поставува со хистолошки преглед на ткивото добиено со биопсија на туморот на црниот дроб која може да се земе перкутано (преку кожата) под контрола на ултразвук или на КТ скен, или во тек на операцијата.

Терапија на примарниот рак на црниот дроб

Изборот на тераписката постапка зависи од бројот, големината и локализацијата на фокалните лезии, од хистопатолошкиот тип на туморот, од функционалната резерва на црниот дроб, како и од општата состојба на пациентот и неговата возраст.

Успехот на хируршката терашија во вид на ресекција на црниот дроб зависи од стадиумот во кој се дијагностицира туморот, односно од неговата ресектабилност –операбилност. Операбилни се туморите помали од 5 cm во дијаметар.

Трансплантација на црн дроб

Трансплантацијата на црн дроб се спроведува кај околу 1/3 од болните со рак на црн дроб. Постојат контроверзни ставови по ова прашање, т.е. дали е оправдано и корисно да се изврши трансплантација на црн дроб кај пациенти со рак на овој орган.

Но, бидејќи малигната болест на црниот дроб е ограничена на хепатобилијарното стебло (црнодробните и жолчните патишта), а метастазите се јавуваат подоцна, сè повеќе има лекари кои сметаат дека трансплантацијата на црн дроб е корисна и оправдана тераписка опција за пациентите со примарен рак на црн дроб.