• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Мамографија и видови на мамографија Печати

Мамографијата е најефикасна, неинвазивна, рендгенска метода за преглед на дојките, кај која се користи специјално вграден рендгенски апарат (мамограф) Мамографот има посебно конструирана рендгенска цевка која емитира зраци со мала енергија (околу 20kV).

Мамографијата се употребува како:

  • клиничка мамографија - во дијагноза на нејасни клинички наоди кај симптоматски пациенти,
  • мамографија за рано откривање на ракот на дојката - во дијагностика на клинички окултен карцином,
  • скрининг мамографија - метода за рано откривање на ракот на дојката кај пациентки без присутни симптоми.

Се разликува:

  • нативна мамографија, кај која се прави снимање на дојките без примена на дополнителни помошни или контрастни средства,
  • галактографија,
  • МР-мамографија,
  • сцинти-мамографија.

Нативна мамографија

При нативната мамографија многу е важно правилното местење на дојките при снимањето. При тоа обавезно се користат две положби: профилен и краниокаудален. Многу е важно да се прикаже целата дојка, бидејќи туморите може да се наоѓаат близу до sидот на градниот кош и да останат неоткриени. Дијагностичката точност на оваа метода се проценува на 85-90%.

Ако нешто на мамограмот (рендгенска снимка на дојката) се оцени како веројатно бенигна промена, изгледите дека тоа ќе биде рак се помали од 2%. Според тоа, мамографијата е многу прецизна метода.

Процентот на лажно позитивни мамограми (кои покажуваат нешто абнормално кога тоа го нема) е 6-10%.

Мамографијата има вредност во диференцијалната дијагноза на различни процеси во дојката. Помага во дијагноза на процеси во дојката, кои поради своите мали димензии не се достапни на палпација, помага при откривање на бенигни тумори, кај кои на палпација се сомнева за малигно заболување, и помага при откривање на неинвазивен рак во ран стадиум, или, пак, окултен карцином.

Мамографијата се користи и за одредување на локализацијара на туморот, за одредување на неговата големина и локална проширеност. За таа цел, се става тенка жица низ игла спрема координатите, претходно установени на мамографијата. Низ иглата се воведува радиолошки видлива боја, или жица со кука, и правилното поставување се потврдува со мамографска слика под агол од 90 степени. Потоа ексцизијата се снима мамографски и се повторува по период од 4 до 6 минути.

Малигните заболувања на дојката може да се прикажуват како сенка-sвездеста и неостро ограничена, или како неправилен конгломерат од поинтензивни сенки или пак како нивна комбинација.

Присуство на калцификати во овие сенки се карактеристика за карциномот, според некои автори, и до 60%.

Мамографски знаци на карцином:

Директни

  • микрокалцификати,
  • неправилна, sвездеста сенка.

Индиректни

  • нарушување на архитектониката на дојката,
  • нарушување на структурата на дојката.

Галактографија

Галактографија, или контрасна мамографија, е метода при која се користи контрасно средство, кое се вбризгува во млечните каналчиња на дојката. Галактографијата се користи обично кога постои патолошка секреција од едната или двете брадавки на дојките, а кога при клинички преглед неможе да се напипа присутен тумор.

Кај 50% од болните, патолошкиот секрет е резултат на интрадуктален (во каналчињата) папилом и интрадуктален карцином.

Пред да се направи галактографија, би требало да се направи цитолошки преглед на патолошкиот секрет.

МР-мамографија (МРМ)

МР-мамографија (МРМ) ја користи техниката на магнетна резонанца. При тоа пациентката лежи на специјално конструиран кревет во положба на стомак. Се работат 30 до 50 пресеци пред и по давање на парамагнетско контрасно средство (Gd-DTPA).

Се работи за извонредно прецизна метода, чија дијагностична точност е околу 98% за инвазивните малигноми со големина повеќе од 4 мм. Ова е особено ефикасна техника во диференцијална дијагноза на рецидивите, односно лузните на дојката, мултифокалните и билатералните промени, во проценка на преоперативните резултати при неоадјувантна примена на хемотерапија или зрачење, кај негативен наод на мамографијата и позитивна пункција на лимфните јазли во пазувата, како и кај дојки со имплантати, каде не е можно да се изведе нативна мамографија.

МРМ не е скрининг метода поради нејасната специфичност, и високата честота на позитивни резултати кај бенигните промени на дојката (фиброаденом, пролиферативна мастопатија, аденоза и воспаление на дојката).

Сцинти-мамографија

Сцинти-мамографија е нуклеарно-медицинска дијагностичка метода, што значи дека радиоактивната супстанција (methoxy-isobutyl-isonitril MIBI врзана за технициум-99m) се вбризгува интравенски, а потоа се прати нејзиното депонирање во дојките. Туморските клетки го врзуваат Tc-99m-MIBI во голема количина, што потоа е лесно видливо на мамограмот. Осетливоста на оваа метода е 80-96% и специфичноста е 84-100%.

Примената на оваа дијагностичка метода е резервирана за многу мали карциноми. Особено се препорачува кај млади пациентки со многу густ жлезден паренхим на дојките, кај кои наодот од нативната мамографија е негативен, а сепак постои сомневање за присутво на карцином во дојката.

Дигитална мамографија

Дигиталната мамографија користи компјутерска слика на дојката, добиена по конверзија на рендгенската снимка во дигитална слика. При тоа компјутеризираната техника овозможува проучување на детали на сликата, кои по потреба може да се зголемуваат и појачуваат.

Ова е доста скапа дијагностичка метода, па затоа не се изведува кај сите жени, туку се изведува селективно. Се препорачува кај жени помлади од 50 години и во пременопауза, кои имаат густо жлездено ткиво на дојките, кај кои нативната мамографија била негативна, а сепак постои сомневање за присутво на карцином во дојката.

Се смета дека со редовни прегледи и мамографија може да се намали смртноста од рак на дојката за околу 30%.

Кај пациентки постари од 50 години уште е поизразен и повидлив успехот од скринингот.

Наспроти тоа, успехот е многу помал кај жените помлади од 50 години, а посебно кај оние помлади од 40 години.