• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Јуингов (Еwing) сарком - тумор на детската возраст Печати

Еwing саркомот е наречен по името на Dr James Ewin, кој прв го опишал овој тумор во 1921 година. Тоа е малиген тумор кој може да се развие во било кој дел од телото, иако најчесто започнува во коската. Иако Ewing саркомот е тип на коскен тумор, тој исто така, иако ретко, може да се разие и во меките ткива околу коската. Ова е т.н. екстраосеален Ewing сарком.

Jуинговиот сарком е малиген тумор на детската возраст и примарно се јавува во коската или во мекото ткиво. Тој може да ја зафати било која коска, но почесто се јавува на коските на екстремитетите и на карличната коска. Така, најчесто се зафатени коските на нозете (27%), а потоа следат коските на рацете (26%), карлицата (20%) и градниот кош (20%), `рбетот и черепот (9%).

Локализацијата на туморот е многу почеста на дијафизите (среднишниот дел на коската), отколку на епифизите (крајните делови на коската).

Овој сарком е тумор на детската возраст. Пикот на инциденцата е од 12 до 16 години. Почесто заболуваат момчињата отколку девојчињата, а многу ретко се јавува кај припадниците на црната раса. Тој учествува со 2-3% од сите тумори на детската возраст.

Во САД секоја година се дијагностицираат околу 250 нови случаи на Јуингов сарком кај децата и адолесцентите.

Помалку од 30 деца заболуваат од Еwing сарком секоја година во Британија. Овој карцином обично се развива во тинејџерските години

Јуинговиот сарком е составен од мали тркалезни сини клетки, кои содржат во себе гликоген. Се дефинираат и како тумори на коскениот мозок.

Причините за настанувањето на Јуинговиот сарком сеуште не се сосема разјаснети.

Неговото настанување не може да се спречи, бидејќи се поврзува со случајните генетски мутации. Одредени транслокации, кои го вклучуваат EWS генот се најчесто t (11; 22 ), (q24; q12), но исто така и t (21;22 ), (q22 ;q12) и други.

Овие транслокации на гените се присутни во повеќе од 90% од случаите.

Развојот на овој карцином може да е поврзан, во некои случаи, со брзиот раст на коските, што може да го објасни фактот што повеќето Ewing саркоми се јавуваат во тинејџерското доба, кога и растот на коските е најинтензивен.

Другите можни фактори на ризик, како на пример траумата на коската и хроничните воспалителни процеси на коската, сеуште се во фаза на испитување.

Симптоми и знаци кај Јуинг саркомот

Постојат два доминантни симптоми кај Јуинговиот сарком. Тоа се: болката и отокот на зафатената регија.

Болката обично се јавува прва т.е. му претходи на отокот со недели, па дури и месеци. Болката во почетокот е послаба и се јавува повремено. Во почетокот таа може да биде ублажена со аналетици, но сепак целосно не изчезнува. Со тек на време болката станува сé посилна и постојана. Карактеристично својство е интензивирањето на болката во текот на ноќта. Ова е посебно важен податок за поставување на рана дијагноза.

Секоја болка во пределот на коската, која долго трае и кога не поминува, туку напротив со тек на време сè повеќе се појачува и станува постојана, треба да биде доволна причина за да се отиде на лекарски преглед.

Отокот се јавува после неколку недели, па дури и месеци по појавата на болката. Отокот тешко веднаш се приметува поради присуство на меки ткива околу коската, како и присуство на поткожно масно ткиво. Тоа е посебно случај кога Јуинговиот сарком е локализиран на карлицата.

Присутниот оток е алармантен знак, поради кој повеќето пациенти се јавуваат на лекар.

Други симптоми кои може да се јават се: висока телесна температура, треска, губиток на апетит и намалување на телесната тежина, замор, парализа и/или инконтиненција (неможност да се конролира мочањето или цревното празнење), посебно доколку туморот е локализиран во `рбетот, симптоми поради компресија на нервите од страна на туморот (укоченост, трнење или парализа на регијата која ја инервира притиснатиот нерв).

Бидејќи Јуинговиот сарком многу брзо и рано метастазира во други оддалечени ткива и органи, можно е во клиничката слика да доминираат и други симптоми и знаци, зависно од тоа кој орган или ткиво е зафатено со метастазите.

Најчести се метастазите во белите дробови и во коските. При постоење на белодробни метастази може да се јави отежнато дишење, напади на гушење и болка во градниот кош. Коскените метастази се манифестираат со интензивна коскена болка.

Сепак, секој пациент може различно да ги доживува симптомите. Симптомите на Јуинговиот сарком може да бидат слични со симптомите кои се јавуваат при други состојби или заболувања. Затоа е потребно да се отиде на лекар и да се направи детален преглед и дополнителни испитувања, со цел да се открие причината за постоечките симптоми.