• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Причини и фактори на ризик за рак на бубрег (Renall cell carcinoma, hypernephoma) PDF Печати
Недела, 15 Јуни 2008 17:27
Рак на бубрегКако и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на бубрегот (Renall cell carcinoma, hypernephoma) причините за неговото јавување не се познати.

Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест. Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои луѓе. Некои фактори, како што се пушењето можат да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција (присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив. Но, присуството на фактор на ризик, па дури и повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на ова малигна болест. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да заболат од карцином на бубрегот. Од друга страна, пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.

Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Фактори на ризик поврзани со начинот на живеење и животните навики

Пушење

Пушењето го зголемува ризикот од појава на карцином на бубрегот. Во многу студии се опишани цигарите како сигурен фактор на ризик за појава на карцином на бубрегот. Ризикот е поврзан со времетраењето на пушењето и бројот на испушените цигари. Ризикот е поголем доколку лицето пушело долго време и голем број на цигари дневно, а се намалува со престанување со пушењето.

Прекумерна телесна тежина (обезитас)

Лица кои имаат прекумерна телесна тежина имаат повисок ризик од појава на карцином на бубрегот.

Фактори од работната средина во канцерогенезата

Хемиските соединенија имаат големо значење за појавата на малигните тумори на бубегот. Тие може да се синтетизираат во организмот од нитритите и нитратите, да се внесат со храната или со некои лекови.

Многу клинички студии покажуваат дека изложувањето на делување на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа го зголемуваат ризикот од појава на карцином на бубрегот.

Некои од тие професионални хемиски канцерогени се: азбестот, кадмиумот, пестицидите, бензенот, органските растворувачи посебно трихлоретиленот.

Други фактори на ризик

Фамилијарната историја на болеста (генетска предиспозиција)

Доколку некој од членовите од семејството боледува од карцином на бубрег, постои поголем ризик и неговите потомци да заболат од оваа болест. Ризикот е поголем доколку од оваа болест е заболен роднина од прв степен (татко, мајка, брат, сестра). Ризикот е поголем ако повеќе од еден роднина имал рак на бубрегот.

Одредени наследни и други заболувања (состојби)

Траумата, воспалителните заболувања, калкулусите (каменчиња), вродените малформации, цистичните бубрези се сметаат како можни фактори за појава на овие карциноми.

Висок крвен притисок

Ризикот од појава на карцином на бубрегот е поголем кај лица со висок крвен притисок. Лицата со висок крвен притисок често се на долготрајна медикаментозна терапија, па затоа е тешко да се каже дали поголемиот ризик е резултат на високиот крвен притисок или на лековите, или можеби е комбинација од двете.

Одредени лекови (медикаменти)

Одедени лекови може да го зголемат ризикот за појава на карциномот на бубрегот. Лековите кои се користат против покачен крвен притисок се смета дека се ризик фактори за настанување на карцином на бубрегот, но и други лекови.

Раса

Карциномот на бубрегот нешто малку почесто се јавува кај црната отколку кај белата раса. Тоа е најверојатно поради влијанието на животната средина и на наследените гени, но сè уште не се знае точно која е вистинската причина за негово почесто јавување кај црната раса.

Пол

Карциномот се јавува два пати почесто кај мажите отколку кај жените. Точната причина не е позната, но се претпоставува дека може да биде тоа што мажите почесто се изложени на делувањето на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа, а и повеќе има пушачи меѓу мажите отколку жените.

Бубрежна слабост поради напреднати бубрежи заболувања

Лицата со напреднати бубрежни заболувања кои се на дијализа имаат повисок ризик за настанување на карцином на бубегот. Дијализата е третман кој се користи за се отстранат отровите од организмот кај лица чии бубрези не функционираат.

Хормони

Се повеќе се проучува хормоналната зависност на овие тумори. Сериозни проучувања направил Bloom, кој смета дека прогестеронот, кортикостероидите и тестостеронот се во координација со бубрежниот карцином.

Се смета дека многубројните хормонални, клеточни и генетски фактори се причина за појава на овие тумори.

Денес се смета дека карциномите се јавуваат во хередитарен и нехередитарен облик, а нивното појавување може да е резултат на генетски или соматски мутации.