• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Дали може да се спречи ракот на бубрегот? Печати

Ракот на бубрегот се вика уште и рак на бубрежните клетки или аденокарцином. Тој учествува со околу 2% од сите малигни тумори кај возрасните.

Обично карциномот се јавува во понапредната возраст, најчесто во шестата деценија од животот.

Ракот на бубрегот се јавува два пати почесто кај мажите отколку кај жените. Точната причина зошто ракот на бубрегот почесто се јавува кај мажите не е позната, но се претпоставува дека причината за тоа е што мажите се почесто изложени на канцерогеното делување на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа, а и што повеќе има пушачи меѓу мажите отколку жените.

Причините за развој на рак на бубрег, како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, не се познати.Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест.

Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста за појава на оваа болест кај некои луѓе. Некои фактори, како што се пушењето можат да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција (присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив.

Но, присуството на фактор на ризик, па дури и на повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на оваа малигна болест. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да заболат од карцином на бубрегот. Од друга страна, пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.

Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Како фактори на ризик за карциномот на бубрегот се наведуваат:

  • пушењето,
  • прекумерната телесна тежина,
  • делувањето на канцерогените фактори од работната средина,
  • позитивната фамилијарна историја на болеста (генетска предиспозиција),
  • високиот крвен притисок,
  • одредени наследни и други заболувања (воспаление на бубрег, присуство на каменчиња во бубрегот, трауми),
  • бубрежна слабост поради напреднати бубрежни заболувања,
  • примена на некои лекови.

Денес се смета дека карциномите на бубрегот се јавуваат во хередитарен и нехередитарен облик, а нивното појавување може да е резултат на генетски или соматски мутации.

Бидејки не е позната причината на болеста како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Сепак како превенција се наведуваат неколку фактори:

  • престанок на пушење
  • одржување на нормална телесна тежина
  • умерена и редовна физичка активност
  • регулирање на крвниот притисок
  • избегнување на изложеност на некои канцерогени фактори

Многу студии укажале дека престанокот на пушењето значително го намалува ризикот од појава на карцином на бубрегот.

Одржувањето на нормална телесна тежина со правилна исхрана и умерена физичка активност исто така го намалува ризикот од настанување на ова оболување. Правилната исхрана се состои од внесување на повеќе овошје и зеленчук, а помалку конзервирана храна.

Високиот крвен притисок е исто така докажан фактор на ризик за настанувањето на карциномот на бубрегот. Затоа регулирањето на крвниот притисок е и еден вид на превенција за карциномот на бубрегот и ги намалува шансите за настанување на ова заболување.

Како фактори на ризик за настанување на карциномот на бубрегот се наведуваат и многу хемиски канцерогени супстанции. Затоа избегнување на изложеност на некои канцерогени фактори ( пример одредени професии при кои лицата се изложени на хемиски канцерогени) го намалува и ризикот од карцином на бубрегот.

Овие горе наведени фактори на ризик може да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција ( присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив.

Но, присуството на фактор на ризик, па дури и повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на ова малигна болест. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да заболат од карцином на бубрегот. Од друга страна пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.

Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.

Најважно е рано откривање на карциномот на бубрегот.

Карциномот на бубрегот често може да биде асимптоматски т.е да не даде никакви симптоми во неговиот ран стадиум, се додека не прогредира во понапреднат стадиум. Затоа, кај оние пациенти кои имаат еден или повеќе фактори на ризик се препорачува скрининг, со цел да се открие ракот во неговиот ран стадиум, кога и лекувањето е успешно.

Скрининг тестовите обично се изведуваат периодично, на пример еднаш годишно, или еднаш на секои 5 години.

Најчести скрининг тестови се:

  • анамнеза и физикален преглед од страна на уролог,
  • лабораториски преглед на мочта и крвта,
  • цитолошки преглед на мочта,
  • ехотомографски преглед на абдоменот.