• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Др. Лилјана Ацева: Што е хроничен бактериски простатит? Печати

Хроничниот бактериски простатит е хронично воспаление на простатата, жлезда која влегува во составот на машкиот полов (репродуктивен) систем.

Воспалението на простатата, (простатитис), особено неговата хронична форма е конфузно заболување како за пациентот, така и за самиот лекар. Неговата акутна форма е многу полесно препознатлива, бидејќи има изразени клинички симптоми, за разлика од хроничната форма на простатитот.

Хроничниот простатит може да има некарактеристични и многу различни симптоми. Често може да постои и без присуство на симптоми (асимтоматска болест).

Хроничниот бактериски простатит е почест од акутниот. Во некои случаи, тој започнува како акутен простатит и трае само неколку часови, а потоа минува во хронична форма. Болните може да немаат никакви симптоми во периодот помеѓу акутните епизоди на инфекцијата и пациентите секогаш даваат податоци за често повторувани инфекции на мочните патишта. Хроничниот простатит може да постои подолго време пред да се појават одредени тегоби како што се: болки во крстот за време на мочањето, различни тегоби при мочањето, како и тешкотии при поголем физички напор.

Според тоа, симптомите и знаците на хроничниот простатит може да се поделат на локални и општи.

Локалните симптоми најчесто се поврзани со мочниот канал. Се јавува секрет, кој најчесто е слузест, а поретко крвав и се цеди од мочниот канал. Често, секретот се засилува при дигање на тешки предмети, или при напорна физичка работа, како и при дефекација (при одење по голема нужда). Може да биде присутно и лесно печење при мочањето, може почетниот млаз да е заматен, а потоа мочта да се избистри. Пациентите се жалат на тапи и неодредени болки во препоните и во тестисите.

Општите симтоми на хроничниот простатит не се карактеристични за воспалението. Пациентите немаат покачена телесна температура, но може да чувствуваат замор, општа слабост, малаксалост, немир и да имаат пореметувања во спиењето како несоница или поголема потреба за спиење. Постоењето на исцедок од мочниот канал, често предизвикува вознемиреност кај болниот. Испитувањата во разни студии покажале дека овие луѓе се наоѓаат под психички притисок, кој им пречи во извршувањето на вообичаените секојдневни активности.

Другите општи симптоми се поврзани со сексуалните потешкотии. Овие пациенти често може да имаат одереден степен на еректилна дисфункција како на пример: неможност да доживеат оргазам, да постои пренадразливост и да имаат брз оргазам со прерано исфрлање на спермата. Поретко може да се јави и губиток на либидото и болки при сексуален однос.

Кај помалку од половина од болните може да се открие и докаже присуството на бактеријата која го предизвикала воспалението. Но, во поголемиот број на случаи, таа не може да се изолира. Механичките дразби (возење на велоспед, тешка физичка работа, интензивни спортски акивности) како и некои хемиски или термички дразби можат да доведат до активирање на воспалението и да дадат акутни епизоди.

Хроничниот бактериски простатит има слични симптоми како и акутниот, но тие се помалку драматични и нема покачена телесна температура. Хроничниот бактериски простатит е најчеста причина за повторно присуство на бактерии во мочта кај мажите.

Лекувањето на акутното влошување на хроничниот простатит е со антибиотици во период од 4 до 12 недели. Потребни се почести контроли на мочта, за да се види дали постои присутна бактерија. Лекувањето со антибиотици треба да биде според резултатите добиени од антибиограмот и трае сè до искоренување на бактеријата. Антибиотската терапија обично трае 12 недели, но може да трае и подолго.